Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


117

ЕМОЦИОНАЛНА ЗАРАЗА

11.07.2006.



Зошто луѓето влегуваат во партија? Освен предвидливите одговори, “позитивниот” и “негативниот”, за да придонесат за својата заедница или од себични интереси, за да профитираат, постојат и низа “психолошки” причини. Психологот Ервин Стауб, на пример, вели дека припадноста кон групата може да задоволи потреби кои на друго место не наоѓаат сатисфакција, како што се потребите за сигурност, за позитивна врска со другите луѓе, за позитивното чувство на внатрешното јас или за чувството на делотворност.
Еден друг влијателен психолог, Дејвид Меклиланд, тврди дека мотивацијата за моќ, која тој ја дефинира како “внатрешна потреба или склоност на поединецот да ја бара моќта или негова преокупираност да постигне снажно влијание врз другите”, е еден од основните три мотиви во темелот на социјалното однесување; другите два се потребата да се постигне успех и потребата за поврзување, т.е. за дружење и пријателство.
Минатиот пат во негативен контекст, поттикнат од сомнителната предизборна еуфорија, го спомнав феноменот во психологијата познат како “емоционална зараза”. Емоционалната зараза настанува кога човечките суштества (кои се склони да се здружуваат во групи,тајфи, партии...) во социјалната интеракција се стремат да ги ускладуваат држењето на телото, движењата, начинот на говор и изразите на лицето, без за тоа да се свесни; на тој начин, нивното однесување и расположение стануваат с$ послични.
Кога зборувам за опасноста од емоционалната зараза мислам и на фактот дека честопати се случува емоциите сосема да н$ совладаат, а ние тоа да не го знаеме. Некои експерименти покажуваат дека луѓето можат да бидат под влијание на емоционалните надразби дури и кога тие надразби свесно не ги перципираат. Во еден таков експеримент на учесниците им се покажувани низови апстрактни симболи кои пред тоа не ги виделе, за потоа да побараат од нив да кажат кои симболи повеќе им се допаѓаат. Се покажало дека нивната одлука зависела од тоа дали пред симболот накусо било прикажано тажно или среќно лице. Иако лицата не биле видливи доволно долго за гледачот свесно да ги перципира, на луѓето повеќе им се допаѓале симболите што следеле после среќното лице.
Како што вели Кетлин Тејлор во извонредната книга “Перење на мозокот”, голем дел од нашиот емоционален живот се одвива на тоа непрепознатливо, пониско ниво. Затоа емоциите на учесниците во секоја социјална интеракција ќе бидат под влијание на емоциите на другите учесници. Таквата поделба на емоциите има улога на социјален притисок, ја олеснува општествената прилагодливост и пружа чувство на припаѓање. Притоа, така распоредените слични емоции меѓусебно се хранат. Како што вели Тејлор, социјалното изразување на емоции не е ниту случајно нити ирационално; тоа има корисна цел и на некој начин ни покажува дека мислењето и чувствувањето се преплетуваат.
Еден друг славен психолошки експеримент од 1962 година исто така зборува за влијанието на средината врз нашето мислење. Група учесници, на кои им било речено дека врз нив се тестира делувањето на витамински комплекс, всушност добиле инекции; едните добиле адреналин, а другите примиле дози со неактивно плацебо. На некои им било речено дека инекцијата ќе ги растресе (како што делува адреналинот), а на некои им рекле дека ќе почувствуваат умор (тоа во никој случај не е реакција по примање адреналин). На некои од испитаниците не им било речено ништо за придружните нуспојави. Трикот на испитувачите се состоел во тоа што меѓу учесниците ставиле “убедувачи”, лица што работеле со експериментаторите. Тие лица, по “примањето” на адреналинот (а всушност не добиле ништо), се преправале дека се мошне среќни или мошне бесни. Испаднало уфрлените луѓе, “убедувачите”, значајно да влијаат врз доживувањето на сите други учесници што примиле адреналинска инекција. Во согласност, значи, со тоа што рекол “убедувачот”, човекот ги “фалсификува” сопствените внатрешни сигнали и си резонира: “Ако тој го добил лекот и е среќен, тогаш сигурно и моето чувство треба да е среќа, оти го земав истиот лек”. Како што заклучиле испитувачите, начинот на кој учесниците го протолкувале однесувањето на лажниот учесник влијаел на внатрешните сигнали што ги добивале од сопственото тело. Она што го мислиме влијае на нашите чувства, и обратно.
Поентата ми е дека емоционалните зарази или здружувањата на луѓето по најразноразни основи - можат да имаат и позитивно влијание. Политичките или стопанските пресврти понекогаш се должат токму на нови поттикнувачки енергии на одредени групи луѓе. Човечката психологија, значи, која секогаш се обидува да најде надеж, понекогаш и наспроти реалните околности - е голема шанса за новата влада. Трагично ќе биде, како многу пати досега, таа шанса да се пропушти.