Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


118

МОРАЛНО БЕШЕ, ПИГИ?

25.07.2006.



Се добива впечаток дека партиите главно не се свесни дека по изборите јавноста сè уште е високо осетлива, токму како и пред изборите. Луѓето бараат знаци кај оние за кои гласале, но и кај оние за кои не гласале, знаци кои ја потврдуваат или доведуваат во сомневање изборната одлука.
Оттаму е извонредно важно партиите да ги направат длабинските анализи на своите изборни стратегии, да се спастрат и да се обидат да одговорат на очекувањата на луѓето, барем во чувствителниов период кога страстите и ветувањата сè уште се свежи. Тоа важи, се разбира, пред сè за партиите кои ќе ја формираат новата влада, но во голема мера важи и за новите опозициони партии.
И покрај тоа, велам, речиси сите партии, особено најсилните, после избориве се однесуваат како во бунило, како сè уште мамурни по бурната ноќ. Груевски, на пример, продолжи со своите панични и ситни реакции кои го следат уште од преземањето на лидерската позиција во партијата; овојпат ДПМНЕ си дозволи да ги дигне тензиите оти СДСМ излажале во врска со датумот на конститутивната седница на новиот парламент; да не е апсурдно, ќе беше смешно: Груевски очигледно се двоуми, му треба време за да ги донесе вистинските проценки и одлуки, а ваму, од друга страна, го шамара СДСМ оти го попречувале официјализирањето на новата власт!
СДСМ, пак, е во исто толку деликатна позиција, најмногу заради минатите и идните односи со ДУИ. Наместо пред изборите (но и непосредно по изборите!) отворено да разговараат со ДУИ, земајќи ги предвид разните краткорочни и долгорочни можности за политичка соработка, СДСМ ја избра тактиката на нојот: да се бутне главата во песок! На отворените закани на ДУИ дека ќе ја дестабилизираат земјава ако не влезат во власт, СДСМ одговори дека тоа е грижа на ВМРО! Ужас! И тоа го кажуваат во моментот додека сè уште владеат со ДУИ, после четири години партнерство во власта! Неодговорно и ситно, што друго да се каже за СДСМ и за Бучковски кој и по изборите продолжува со сосема несоодветниот популистички и демагошки тон кој партијата ја закопа на изборите.
ДУИ е најзагрижувачки случај. Ако ДПМНЕ и СДСМ се примери за ситносопственички егоизам и немање подлабоки политички капацитети, ДУИ делува како да е падната од Марс! Како герилците вчера да се симнале од планина! Како да не владееле четири години! Како прв пат да слушаат за парламентарна демократија!
Да избереше достоинствено останување во опозиција и преземање на дел од одговорноста за неуспешните четири години владеење - ДУИ ќе беше најсериозниот долгорочен победник на изборите. Ќе имаа огромен и политички капитал (ја победија ДПА со 17:11) и морална предност; ќе имаа извонредно поле да ја развиваат опозиционата стратегија со СДСМ. Со таквите снажни опозициони капацитети реално беше да се очекува слаба влада на Груевски и евентуални предвремени избори. Вака, со просто дивјачката страст да се остане во власта по секоја цена, ДУИ изгуби поени насекаде, а најмногу во јавноста. Целата македонска општествена елита, па и преку речиси консензуалното прифаќање на Рамковниот договор, на герилците од ДУИ практично им го беше простила оружениот конфликт 2001-та; сега многу брзо и лесно се враќаат спомените и се констатира дека ДУИ всушност никогаш и не престанала да биде герилска организација создадена за хронично да ја одржува нестабилноста на Република Македонија.
Нејасниот политички профил на ДУИ ме потсетува на една важна дистинкција на Хана Арент од нејзината книга “Потеклото на тоталитаризмот”; таа прави значајна разлика помеѓу толпата и масата. Политичкиот сојуз меѓу елитата и толпата (нешто што цела деценија беше карактеристика на ВМРО ДПМНЕ, а денес е главна организациска карактеристика на ДПА) е мошне опасен и може да создаде тоталитаристички последици. Толпата, тоа подземје на буржоазијата, според Арент, секогаш се надева дека беспомошните маси ќе ù дозволат да дојде на власт и да ги оствари своите интереси, заменувајќи го постариот буржоаски слој со попретприемачките делови на подземјето. Елитата на власта, меѓутоа, често во тактички сојузи со толпата, понекогаш превидува дека бескрупулозноста не е исклучиво особина на толпата; како што покажа германскиот фашизам, за безобѕирната машинерија на насилството и истребувањето масите организирани малограѓани се покажаа како подобра суровина за извршување масовни злодела од таканаречените професионални криминалци.
Мислејќи дека манипулира со делови од толпата, велам, ДУИ (а и ДПА, имитирајќи ја, како што тие мислат, добитната комбинација) игра ужасно опасна игра која може сите комплет да нè однесе по ѓаволите. Истата игра со години веќе ја игра и Љубчо Георгиевски, непоправливо впплеткан во најопскурните подземни структури на моќта и влијанието на Балканот.
Се разбира, сите тие политички соло играчи и партии нема да ги напуштат опасните политики туку-така, зашто тоа е “морално” (“Извини, Пиги, ама морално беше”). Некој ќе треба да се бори против нив и да покаже дека ќарот сепак е во поинаквите насоки на политичко организирање. Оттаму е извонредно важно однесувањето на СДСМ, кој неретко ги играл истите опасни политички игри со подземјето и со толпата. Во таа смисла, за консолидирањето на ДУИ значајна може да биде улогата на СДСМ, оти влогот не се само сегашната и идната власт туку и нешто од што впрочем ќе произлезе реалната политичка моќ во општеството: начинот на кој се чита нашата современа историја.