85
КРВ ИЛИ РАЗУМ
08.06.2001
„Новиот национализам е роден од
свеста за крвно поврзаната заедница; тој сака да завладеат поттиците
на крвта. Новиот национализам сака да ги засили крвните врски и да
ги вообличи во нова држава. Оние кои се дел од некоја туѓа крвна
заедница - се исклучени. Тие мораат да бидат протерани затоа што го
слабеат богатото и плодно тло на нацијата коешто го храни само она
што има значење...”
Ако мислите дека ова е фрагмент од некој нов ингениозен труд на МАНУ
(или на некоја друга балканска Академија), или визија на
македонските академици за тоа како треба да изгледа Балканот во
новиот милениум - грешите; горенаведениот фрагмент е од книгата на
Фридрих Георг Јингер, Раѓање на новиот национализам (1926), книга
која беше еден од важните доктринарни извори на фашизмот.
Огромниот набој што во Македонија го предизвика мистериозно
уфрлената интрига за менување на балканските граници зборува дека
граѓаните на државава живеат под голема тензија, но и дека
одбранбените рефлекси на народот сè уште не се сосема затапени после
повеќегодишното, особено засилено последниве две години,
осиромашување и заглупување што го спроведуваат тн. политички елити.
Дури и на најпросечните луѓе деновиве анкетирани по улиците на
Гостивар и Тетово, на пример, јасно им е дека идеите за преселби на
луѓе и територии не само што се фашистоидни туку се и луди,
откриваат помрачено мислење.
Од друга страна, јасно е и тоа дека граѓаните на Македонија веќе
сериозно се трауматизирани и дека сè потешко ќе пронаоѓаат енергија
да им се спротистават на манијакалните повици од разни страни;
акумулацијата на стрес (која можеби е еден од страничните фактори за
посегање кон ирационални решенија) кај сите нас веќе е толку голема
што се намалуваат шансите - дури и утре да прекине целово политичко
тормозење - човечките енергии да ги насочиме за работа, за
комуникација, за љубов.
Стресот е голем меѓу другото и затоа што луѓето чувствуваат (а
богами и знаат, од примерите во непосредното соседство изминативе
години) дека националистичката војна што ни се заканува ќе биде
мошне сурова.
Како што велат психолозите, национализмот како идеја за голема група
е одлично место луѓето да си ги сместат сите откачени, бесни,
агресивни идеи, без притоа да се чувствуваат виновни. Лесно се
прифаќа тн. идентитет на жртва којшто го карактеризираат пасивноста,
агресијата и празнотијата. Излезот што го пронаоѓаат
трауматизираните луѓе е свртување на агресијата кон нешто
надворешно, како и придружување на сопствениот идентитет кон некоја
фанатична идеја.
Во Македонија во моментов како сè повеќе да вирее атмосферата во
која со леснотија, преку чашка и со мезе (тнр. модел „МАНУ ти
ебам”), можат да се искажат најмонструозни расистички и шовинистички
изјави кои не само што нема да се соочат со спротиставување туку
топло ќе се раскомотат, како муви на свеж леш.
Општеството е опасно истормозено и ќе мораме да вложиме огромни
напори прво да ги изгасиме трауматските жаришта, а потоа да се
зафатиме со креирање нов општествен модел, многу повеќе свртен кон
индивидуата, граѓанинот и заедницата.
Темелната реформа на земјава е императив од прв ред. Се разбира,
како и во секое друго општество, најтешка за усогласување е брзината
на спроведувањето на реформите.
Се покажува, на пример, дека луѓето кои пред само пет-шест години ги
загубија своите политички функции заради малку понагласена реформска
свест, денес жестоко се борат против чепкањето по уставот и
законите. Се покажува исто така дека голем дел од тн. интелигенција
непоправливо и дури фанатично е настроен антиреформски, и покрај
тоталниот крах на политичкиот модел што го трпиме десет години.
МАНУ е само најсоголен пример дека македонската интелигенција - дури
и во однос на катастрофално непросветената политичка номенклатура! -
речиси е сосема неспособна да биде патоказ во неминовните реформи
што ù претстојат на државата. А радикални реформи се потребни не
заради излегување во пресрет на барањата на оваа или онаа етничка
група туку заради елементарниот опстанок на граѓаните на оваа земја
и заради иднината на следните генерации, веќе презадолжени од
сегашните грабежи, омрази, глупости и неодговорности.
Ќе завршиме исто така со цитат, со зборовите на германскиот
историчар Курт Зонхајмер, како некаков одговор на цитатот од
почетокот на текстот:
„Потчинувањето на голем дел од германското интелектуално мнение кон
националсоцијалистичкиот светоглед... ги затапи чувствата на луѓето
за ненарушивите права на поединците и за чувањето на човечкото
достоинство... Во политичкиот живот ништо не е поопасно од
напуштањето на разумот. Интелектот мора да остане контролна,
регулативна сила во човечките работи. Антидемократските
интелектуалци од вајмарскиот период го презираа разумот и повеќе
вистина наоѓаа во митот или крвта... Да беа малку поумни и
попросветени, овие интелектуалци подобро ќе согледаа каде ја води
земјата нивната страст.”
|