Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                            # 83        # 85 
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


84

ДЕМОКРАТИЈАТА Е ИДЕЈА ЗА ЗАЕДНИЦАТА

25.05.2001

 

Една од најнегативните последици на кризата во Македонија е замрачувањето на јавното, во двата смисла на зборот: јавното и како јавност сосема деградирана во етнички поларизации и поедноставен и заслепен воен речник; и јавното како чувство за заедничко добро, за заедница, за солидарност, за изострен сенс за Другиот.

Како деновиве да кулминира сосема погрешно сфатениот концепт на транзиција (кон капитализам), кој општествово десет години го меле под девизата „Човек човеку - волк”. Исчезнаа сите принципи на заедница пред застрашувачки изгрицканата фасада на „Државата” во чиешто име присуствувавме и присуствуваме на диво стампедо во кое секое говедо ритајќи се ита кон бездната на сопствениот спас, пред да биде доцна, пред сè да отиде по ѓаволите. А токму оди по ѓаволите, без да знае, а можеби и знаејќи но немајќи сила да се спротистави на историскиот „фатум”, на инерцијата, на немоќта.

На тоа спаднавме, животни што во бачила се пребројуваат и се избезумуваат и што никако не можат да се одлепат од најпримитивната можна форма на „јас” како ништење на „другиот”. Ако на тоа дереџе паднавме заедницата одново да ја дефинираме како униформирачки терор на една група божем најсилни, тогаш можеби бездната и не е најстрашното решение?!

Зад секое бачилско пребројување во суштина лежи недостигот од обединувачки принципи во заедницата и, следствено, заканата од тоталитаризам. Во обидите меѓусебно да се надвладеат и надзаплашат Македонците и Албанците ништо друго не прават туку паѓаат по пет скалила во секунда на цивилизациската скала и всушност ја ништат можноста за малку покомплексна форма на животна организација од онаа на бачилото. Башка, дури и истиов момент да го напуштиме говорот на омразата, враќањето во цивилизациското корито ќе трае бавно.

Земјава веќе изгуби премногу време. Дури и дежурниот балкански парија последниве десетина години, мрачната Србија речиси уништена под Милошевиќ, почнува да заличува на цивилизирана земја која брза да ги фати европските возови, но не формално и декларативно - како што прават македонските политичари години наназад - туку со јасна свест дека зад желбата за интеграција (пред)стои огромна работа.

Еден од најважните исчекори е менталниот, психолошкиот: потребно е да го прошириме своето „ние” чувство кон луѓето коишто првенствено ги сметаме за „тие”. Тоа е прво начело на заедницата.

Вон инструменталната или сентименталната идеја за заедница, она што темелно како држава може да нè приближи кон пошироките интегративни начела е тн. конститутивна концепција за заедницата. Инструменталната заедница, на пример, се согледува себеси како општествен сојуз во кој поединците општествените ангажмани ги сметаат за неопходен товар и во кои учествуваат само за да ги следат своите приватни цели. Конститутивната заедница, пак, поединецот нераскинливо го лоцира во заедницата, или како што вели Ричард Бернстин, „неговата индивидуалност не е нешто што логички или временски доаѓа пред животот во заедницата, туку самата негова индивидуалност делумно се состои од типот на заедницата во која тој учествува, а неговиот идентитет во одредена мера е одреден од заедницата чиишто е дел”.

Ако до новото чувствување или дефинирање на принципите на нашиот заеднички живот мораме да заминеме од онаа страна на политиката, или дури контра политиката - бујрум, и тоа ќе треба да се направи, да се обидеме ткивото на заедницата, последните обединувачки нишки да ги задржиме дури и ако политиката се претвори во грабеж, во гола борба за опстанок - во што македонската политика во голема мера и се претвори.

Тоа треба да го направиме меѓу другото и затоа што во чувството за заедница се состои нашиот хуманитет, нашата индивидуалност, нашата потреба да создаваме и оставаме подобар свет за оние што ќе дојдат.

Прашањето на опстанокот на нашата заедница, значи, ја нема само утилитарната димензија, не е само обид да не се потклекне пред глупоста и бруталноста, туку и повеќе од тоа: способноста да ја одржиме заедницата - па и радикално демократски менувајќи ги нејзините обединувачки принципи - нè дефинира како одговорни и мислечки поединци.

Како што вели Дјуи (големиот американски филозоф кој сметаше дека најсуштинското прашање за сите нас е прашањето на моралниот карактер на животот во заедницата): „демократијата е идеја за самиот живот на заедницата”. „...Бидејќи секој начин на живот кој потфрла во својата демократија ги ограничува контактите, размената, комуникациите и интеракциите со помош на кои се стабилизира, проширува и збогатува искуството. Секојдневна е задачата на ова ослободување и збогатување. Со оглед на тоа, задача на демократијата е постојано да создава послободно и похумано искуство коешто го делат сите и кон кое сите придонесуваат.