83
УСПИЕНИОТ РАЗУМ РАЃА ЧУДОВИШТА
11.05.2001
На европската мапа на
антифашистички сајтови Битола и до сега беше град потцртан со црно,
поради минатогодишното сквернавање на еврејските гробишта. Иако
тогаш многумина заклучија дека станува збор за изолиран инцидент со
фашистоидни обележја, сегашните ноќни пиромански походи на
неконтролираната толпа многу јасно укажуваат дека во Битола се
случува форма на фашизам која веќе сосема излегла од коритото и дури
има поддршка од полицијата.
Се разбира дека, кога работите ќе отидат толку далеку, потребно е
сосем малку за фанатизираниот хушкачки дух на омразата и
нетолеранцијата да ја зафати целата земја. Слични инциденти, но во
помал обем, се случија и во други градови во земјава, па и во
Скопје.
Но, треба да биде јасно: она што го привикуваат и што го сакаат
пироманите - можеби несвесно, можеби изманипулирани - е сеопшта
војна во Македонија, војна меѓу семејствата, меѓу комшиите, војна
која нема да сопре - како што впрочем фашизмот не сопира - врз
Албанците или муслиманите, туку војна која ќе ја сотира секоја
другост, секоја индивидуалност, секое размислување и постоење вон
манијакалниот светоглед на толпата, чија единствена перспектива е
погледот кон бодликавата жица.
Се разбира, фашистоидноста во Битола не е донесена од ѓаволот и не
паднала од небо, и покрај фактот што во Битола, меѓу другите
запржувачи на чорбата, со многу страсна жестина (што ја гледавме и
од српските попови, на пример, кога пред десетина години некрофилно
ги прекопуваа гробовите и мавтаа со коските небаре се некаков
човекојадски плен, а сè во служба на балканскиот касап од кого сега
сите мијат раце) своите прсти, значи - и во Македонија и во Битола -
ги буцкаат и разноразни „божји слуги” кои под мантиите често кријат
невидени ѓаволштини.
Голем придонес, можеби клучен, за, да речеме, духовното,
психолошкото опустошување на Битола, за обеспокојувањето на луѓето,
за нивниот страв и очај, даде Владата на СДСМ која преку ТАТ го
пљачкоса градот и го остави таков, јадосан, потпропаднат и без
одговори. За Владата на ВМРО ДПМНЕ веќе нема смисла ни да се говори;
не само што како орда збеснати стаорци во чумосан град ги опустошија
последните преостанати ресурси на земјава, туку и ја доведоа пред
војна, за што треба да одговараат и пред луѓето и пред Бога во
чиешто име, под знакот на крстот, бесрамно пустошеа, како сега во
Битола, на пример.
Значи, како што рекоа повеќето обични разумни луѓе во Македонија,
деновиве, низ медиумите, луѓе кои сè уште се некакво мнозинство пред
оние кои почнуваат да го губат компасот и да им се препуштаат на
воените труби: Можат да се разберат чувствата на Битолчани, но ни во
најцрн сон не може да се оправда уништувањето на имотите на првите
комшии. Со сите можни средства на тој почетен изблик на фашизам
треба да му се стави точка, а пироманите, или нивните организатори,
треба да се стават во затвор. Доколку се тргне во разводнување на
работата, во политичко-судски игри какви што се играа со албанските
терористи, истиов ужас бесконечно ќе ни се повторува. Или држава со
јасни принципи, закони, поредок, или профитерска импровизација на
неколку племенски банди што умислуваат дека се бават со политика.
Од друга страна, токму историјата нè поучува дека демократските
навики не се учат брзо ниту лесно се задржуваат. Особено во кризните
времиња, луѓето ги занемаруваат законите, тонат во ирационализам и
со нив лесно манипулираат бескрупулозните политичари.
Фашизмот, како што вели Марвин Пери, јасно ја покажа огромната сила
на ирационалното; тој либералите ги направи понизни и свесни за
слабоста на разумот и кревкоста на слободата. На пример, појавата на
фашистички движења во повеќе од 20 земји по Првата светска војна,
беше знак дека либералното општество е во состојба на дезориентација
и разочараност. Како што вели Пол Валери, 1927-та:
„Непогодата стивна, но ние и понатаму сме неспокојни, чувствуваме
нелагода токму како пред непогода. Речиси сите активности на луѓето
се во страшна неизвесност. Размислуваме за она што исчезнало - а нас
речиси нè уништи она што го уништивме - не знаеме што ќе се роди, се
плашиме од иднината, не без причини. Нејасно се надеваме, прецизно
се плашиме; нашите стравувања се многу поодредени од нашите
надежи... Нема луѓе што мислат... коишто можат да го совладат овој
немир, да избегаат од темнинава... А меѓу сите овие ранети нешта е
разумот, и самиот свирепо ранет. И тој длабоко се сомнева во самиот
себе.”
Разумот, денес, во Македонија, во 2001-та година, е сардисан од
секаде. Најмногу од одметнатите Албанци по планините, но разумот е
загрозен и од стравот и фанатизмот што почнува да ги обзема
граѓаните. Нашиот успиен разум веќе изроди опасни чудовишта.
Работата е да не станеме жртви на сопствените чудовишта, на злодухот
поприлично изветреан од шишето. |