Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                            # 81        # 83 
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


82

СОНДИ И САТЕЛИТИ

27.04.2001

 

Кога се разгледуваат причините за сегашната напната ситуација меѓу Македонците и Албанците во Македонија, добронамерните воспитувачи и дресери укажуваат на едно важно општо место: меѓусебното непознавање коешто произведува страв.

Нема сомневање во благородноста на оние кои мислат дека запознавањето меѓу луѓето и културите создава симпатија или барем меѓусебна почит и дека омразата ја предизвикува незнаењето. Дури, веројатно делумно е точно дека во Македонија последниве десетина години расте меѓусебната игноранција по етнички линии; срамно мал број Македонци, на пример, покажуваат интерес да го научат албанскиот јазик, додека сè повеќе млади Албанци не го знаат коректно официјалниот јазик на својата држава. Сигурно дека и тоа меѓусебно (културно) оддалечување во одредена мера придонесува за тензиите.

Но, како што вели публицистот Карл-Маркус Гаус, зарем Србите, Хрватите и Муслиманите во Босна не се познаваа? Зарем ирските католици и ирските протестанти не знаат ништо едните за другите? Дали Романците и Унгарците од Ердељ, пред да ги земат штиците од плотовите за да се исчукаат меѓу себе, навистина го сметаа соседот за туѓ експлоататор?

Не, одговара Гаус. Сите тие се познаваат мошне добро, а нивната омраза не е упатена кон најдалечниот туку кон најблискиот сосед. „Омразата што вештите пиромани периодично ја разгоруваат против групи на народи, религии, етноси, особено во национално измешаните, етнички неодвоиво испреплетени области, се разбира дека е и омраза кон себе насочена кон надвор.”

Во голема мера, омразата што се шири во Македонија (меѓу Албанците и Македонците, меѓу ВМРО и СДСМ, кон Запад и Исток, кон соседите и ЕУ, кон Чомовски и Пецко во фашистоидните графити...) е омраза кон себе, омраза што произлегува од очај; веќе десет години општеството оди удолу и веќе навистина не се гледа ниту реална политичка сила ниту пак некаква општествена енергија што би се мобилизирала за работите конечно да тргнат во друга насока. Повеќе се мразиме заради немоќта да ги пресвртиме работите на подобро отколку заради меѓусебно непознавање. Ако не друго, токму упорното обезмоќување на поединецот, на последните витални и креативни енергии во општеството, на сметка на криминализираните политичко-економски банди што ја пустошат земјава - најнакрај ќе ни се разбие од глава, па дури и ако тоа разбивање оди по меѓуетнички линии, сеедно.

Загрижува што дури и малубројните припадници на некаква полиберална интелигенција почнуваат да се вкопуваат во колективистичките ровови. Постои еден интересен интелектуален феномен: многумина македонски тн. интелектуалци хорски застануваат во одбрана на политичкиот систем на земјава со еден единствен аргумент, навистина челично логичен: со тој политички систем во овие десет години пострадавме сите комплет, не само плачливите и со своите племенски проблеми опседнати Албанци! Значи, системот е добар затоа што е егалитарен барем во етничка смисла; сите ги уништува подеднакво, освен тенкиот слој политичко-мафијашка елита на којашто, најпосле, ù одговараат повеќето опции затоа што во значајна мера играта (борбата за моќ и новиот распоред на сили) привршува. Така што, парадоксално, испаѓа дека таа македонска (квази)интелигенција и понатаму го прави единственото што го знае: да ù се упикува на тековната власт, која и да е, каква и да е, па дури и ако цената за тоа е пропаст на пошироката општествена заедница.

За среќа (што во иднина често ќе значи и за несреќа), земјава во моментот не ја водат македонски политичари, а уште помалку корумпираната и контрапродуктивна квази-интелигенција разбашкарена во својот неодговорен и задоцнет национал-романтизам; земјава е под управа на комесари од ЕУ и САД и под постојан и длабок (и од внатре, со помош на сонди, и од надвор, со сателити) надзор.

***

Во Есхиловата трагедија Молителки, Данаевите ќерки, бегајќи од Египќаните, коишто на сила сакаат да се омажат со нив, бараат спас во Теба. Оневозможените младоженци со воинствена храброст ги прогонуваат девојките. Тебанците во почетокот ги примаат Данаевите ќерки без преголемо одушевување: од една страна, мораат да ги почитуваат светите закони за давање азил, но од друга страна свесни се за опасноста што се заканува од вооружениот судир со опасните странци. Во првиот момент тие на избеганите девојки им препорачуваат да се приклонат кон обичаите и законите на египетската заедница од која потекнуваат. Подоцна, меѓутоа, Тебанците го менуваат мислењето поради ставот на самите прогонители: какви и да се културните обичаи во Египет, не може да се оправда нивната намера да ги грабнат девојките. Положбата во која се нашле молителките ги потсетува Тебанците на фактот дека поединците можат да заслужат одредена почит и поддршка како такви, без оглед на законите што владеат во нивната заедница. Признавањето на ова право без сомневање претставува дел од хеленската култура и Есхил го нагласува; но тој ни укажува и на нешто што ја надраснува - иако само во зачеток - идентификацијата на човечките суштества со нивната заедница: одредени вредности не се ни хеленски ни египетски и обете општества би морале да ги почитуваат.

Значи, уште Есхил, пред речиси 2500 години, укажува на нешто што денес би можеле да го наречеме цивилизациска перспектива. На Македонија во моментов ù недостасува една малку поширока перспектива, поглед вон утврдените етнички позиции, вон рововските идентификации. Слободата на поединецот придружена со храброста да ù се каже не на заедницата (од кој тип и да е таа!) доколку ја загрозува слободата - воедно е најмалиот но и најтешкиот заеднички именител врз кој треба да ги градиме нашата заедница и нашата држава.