Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 80        # 82 
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


81

СЛОБОДА И ИДЕНТИТЕТ

13.04.2001

 

Неодамна во Скопје се одржа еден мошне интересен симпозиум под наслов „Културниот идентитет - разлика во себе”. Меѓу многуте спомнати теми во разгранетиот разговор не беше спомната реченицата на познатиот националист Шарл Морас, реченица мошне индикативна и за насловот на симпозиумот но и за нашава актуелна состојба: „Национализмот ја брани нацијата однатре”. Таквиот национализам сака да ги поништи токму внатрешните разлики. Како што вели Енцесбергер: „Националистите ги придвижува само деструктивната сила што произлегува од етничките различности. Толку многу споменуваното право на самоопределување се сведува на тоа кој треба да преживее на одредена територија а кој не.”

Во Македонија во моментов опасниот дух на национализмот одново се заканува дека ќе излезе од шишето. Албанците се хомогенизирани и деиндивидуализирани дури и над племенското устројство, а кај Македонците симболички супстрат на националистичкото организирање е бескомпромисната одбрана на преамбулата на Уставот. И покрај тоа што и најголемите бранители на преамбулата тврдат дека нејзината промена нема ништо суштински да смени, непопустливоста има симболичка и снажно ирационална димензија. Затоа и се осмелувам да тврдам дека станува збор за еден потенцијално опасен национализам, по многу нешта ист со срамниот студентски „шаторски бунт” од 1997 година. Токму непроменливоста на студентските ставови најдобро зборува дека нашето општество е заглавено во времето, дека транзицијата е мртов проект и дека политичките елити се речиси сосема компромитирани и изгубени. Ако после низата војни на Балканот последниве десетина година - војни произведени од исти такви ирационални тврдоглавости какви што ни се случуваат деновиве - сè што може да понуди нашата студентска популација е копање ровови - тогаш работата е зафркната до коска и за да се поправи ќе треба многу повеќе од уставни реформи.

Неколкумина од странските учесници на спомнатиот симпозиум ни обрнаа внимание на една реченица што тие денови често ја слушале низ скопските улици: „Со нив веќе не се може”. Таа реченица, тоа мислење води директно во војна. Но, трагедијата да биде поголема: војната врз такви принципи е чисто лудило, тука има само губитници и ирелевантен е исходот бидејќи страда заедницата во најелементарна смисла, во нејзиното право да се разликува однатре. Војната врз такви принципи значи тоталитаризам, ништо друго. Дури таквата граѓанска војна најдобро ќе го потврди фактот дека Македонија не им припаѓа на етницитетите туку на граѓаните, но за да го заклучиме тоа белки не ќе треба да се испотепаме меѓусебе!?

Добога, па уште од времето на Просветителството е познато дека политичкиот систем ги одразува желбите на луѓето, нивниот разум и напор да остварат благосостојба! Таквиот политички живот не е живот согледан од перспективата на остварување на некој модел туку од перспективата на слободата. Тие просветителски принципи денес за нас се поважни од кога било.

Треба да се потсетиме и на Адорно: „Национализмот е карактеристична форма на актуелното апсурдно размислување. Онака како што постепено ја губи реалната основа, тој едновремено се претвора во идеологија... Верата во нацијата е размислување за судбината: хипостаза за тоа каде припаѓаме, каде се наоѓаме, за доброто и вишото... Да се разлачи здравото национално чувство од инфективниот национализам исто толку е идеолошко прашање колку и прашање на верата во разумот наспроти верата во фанатизмот на националното; динамиката на наводно здравото национално чувство тежнее незадрживо да се издигне над сите други човечки вредности, иако нејзината лажност се состои во идентификацијата на поединецот со ирационалниот комплекс на природата и општеството во коишто поединецот случајно се наоѓа.”

Духот на истите оние националистички креатури од Србија, Хрватска и Босна, дух кој до вчера бомбардираше градови и возеше тенкови а денес ги полни како хашките затвори така црните хроники и антологиските страници на светската глупост, духот на Туѓман, Милошевиќ, САНУ, писателските друштва, напалените медиуми... - тој дух денес како срамежливо да ползи во Македонија, жалејќи се дека, сирот, никогаш не добил шанса да се исправи и да се размавта. Тој дух на сирова и сурова едностраност и на една застрашувачка хомогенизираност врз најниските можни билошки принципи (етнос како волвокс структура или пчеларник) во моментов кобно преовладува кај Албанците во Македонија, но почнува да преовладува и кај Македонците... Впечаток е дека оној што е помалку фанатизиран во моментов треба да понуди решение. Ништо спектакуларно, никаков „историски договор” и слични глупости од историското ѓубриште, туку едноставна, принципиелна граѓанска рамка за општество во коешто клучен принцип на организирање ќе биде слободата на поединецот.