80
ОРДОНАНСИТЕ НА МРТВИОТ КОЊ
30.03.2001
Меѓуетничката војна во Македонија
- чиишто зачетоци ни се најавуваат - нема некоја подлабока смисла
пред сè затоа што низ неа нема да се воспостават нови, посуштествени
или поправедни, правила на игра. Степенот на ерозија на нашите
институции е толкав што војната изгледа бесполезна; ние веќе
доживеавме институционално урушување на системот, така што одамна
веќе требавме да ги засукаме ракавите за да создадеме малку
попристојно, поправедно, потолерантно, пофлексибилно (и со самото
тоа поотпорно на разни удари однатре и однадвор) општество.
Систематското партиско или олигархиско или мафијашко доуништување на
ионака кревката (всушност никогаш доволно цврсто конституирана)
институционална мрежа што ја сочинува државава, кулминира во сосема
неспособната Влада затечена во карусел од случувања кои имаат мошне
компликувана природа, а со коишто Владата, се покажува, не е
способна подлабоко да се соочи.
Во кризата што ја преживуваме во малку подобра светлина се покажа
кабинетотот на Претседателот (особено одмерениот но и решителен
Никола Димитров); дури и самиот Борис Трајковски успеа да биде на
висина на деликатната задача, но пред сè на дипломатски план.
Смирувањето на домашната јавност беше препуштено на младите,
Трендафилов, Пендаровски и Димитров, кои мошне пристојно ја
одработија неблагодарната работа на билансирање жртви и испраќање
смирувачки тонови и охрабрувачки пораки (притоа избегнувајќи го
примитивниот пропагандизам во кој често упаѓаше државната телевизија).
Во секој случај, и тој факт, дека во најкритичните моменти работите
им се препуштени на релативно млади и неискусни луѓе, покажува дека
земјава, сакала не сакала, влегува во редефинирање на сопствениот
идентитет, меѓу другото и на начин конечно да ги прифати начелата на
компетентност при формирањето на институциите на државниот поредок.
Но, порадикалниот демократски исчекор ќе се направи дури тогаш кога
Македонија доследно, принципиелно, искрено и законски ќе ги прифати
принципите на граѓанска, цивилна, мултикултурна земја - она што
всушност е, наспроти прокрустовските обиди да се наметне
хегемонијата на етницитетот. Клучни политички начела треба да станат
децентрализацијата и одговорноста.
Освен тоа, ќе треба да се расчисти со историските хипотеки, реално и
критички да се согледа улогата и на ВМРО и на комунистите во
градењето на идентитетот и државноста на овој простор, а богами ќе
треба да се расчисти и маглата над десетте изгубени „транзициони”
години. На тој тест - ставање критичка црта под минатото и градење
визии за иднината - потфрли речиси целата македонска општествена
елита, не само политичка. Кризава во Тетово само го соголи тој факт.
Се разбира, залагањето за примат на граѓанското над етничкото, во
судир со објективните културни и цивилизациски ресурси на земјава,
може да заличи на гола декларативност, без потенцијал за вистински
општествени промени. Жална вистина, на пример, е што патријархалниот
код на земјава сè уште симболички го одредуваат фаци коишто и нè
доведоа на работ на војната: Љубчо Георгиевски, пред сè, но и Бранко
Црвенковски и Арбен Џафери, македонските икони на преминот меѓу
вековите. (За волја на вистината, Бранко Црвенковски, и покрај тоа
што е еден од главните виновници за десетгодишното шлајфување во кал,
сепак покажа една доблест која допрва може да игра огромна улога во
консолидирањето на политичкиот живот; тој јасно и гласно во низа
наврати од разни страни и емисари го одби латифундиското делење на
земјава во клановски зони на интереси; доколку на политичката и
економската елита им се дозволи хомогенизација врз такви мафијашки
принципи тогаш Македонија дефинитивно завршува како темен вилает.)
Тројцата лидери, значи, се нашата современа историја, се симболична
точка на некакво национално сосредоточување, околу нив се вртат
испремешаните димензии на минатото, сегашноста и иднината на земјава.
Тие тешко можат да се игнорираат како важни симболички концентрати,
но тешко ќе биде и да се вградат, со сиот баласт на промашеност што
со себе го носат (како и многуте искористени луѓе околу нив), во
една помалку авторитарна и послободна заедница што ќе треба да ја
создадеме.
Тие луѓе всушност станаа заложници на еден пропаднат систем,
ордонанси на мртвиот коњ, симболи на несигурноста, сиромаштијата и
безизлезот; тие луѓе промовираа систем без начела, идеали, па дури и
без политика; она во што живееме е некаква карикатура на феудален
поредок каде што единствениот заеднички принцип е ограничената и
кусогледа прагма соголена до бруталност.
Се разбира дека во заветрината на политичката сцена својата шанса да
направат ршум ја чекаат и некои уште посомнителни политички типови.
Сегашнава власт треба да ни биде сериозна поука дека гласањето
против (како што се гласаше против СДСМ 1998-та) е мошне глупаво
решение. Не смееме пак да упаднеме во истата стапица и реално
огромното незадоволство од владеењето на актуелните властодршци да
се преточи во ново хазардерство.
|