Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 78        # 80 
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


79

ПРОИЗВЕДУВАЊЕ ВОЈНА

16.03.2001

 

Вистинските злосторници на оваа долга листа на масакри и свирепости за коишто зборува нашиот извештај не се балканските народи... Вистинските злосторници се оние кои го лажат јавното мнение и кои го користат незнаењето на народот за да ги поттикнуваат земјите на непријателство. Злосторници се оние коишто постојано ја прогласуваат војната за неизбежна. Злосторници се оние кои општиот интерес го жртвуваат пред сопствениот и коишто во својата земја ја подржуваат јаловата политика на судири и одмазди.

(Од извештајот на Карнегиевата комисија за причините на балканските војни 1912-1913)


Во некогашната СФРЈ, Македонија постојано заостануваше, и на економски и на културен план. Една од причините за заостанувањето беа и неверојатно ниските стартни позиции на Македонија 1945-та. Во целата Република, тогаш, на пример, имало само стотина луѓе со високошколско образование!

Но, заостанувањето некогаш помага, можеби слично на начинот на којшто Господ ги штити лудите и пијаните. На пример, Македонија успеа да ја избегне војната, делумно и заради сопствената небитност во политичко-економските премерувања на силите кон крајот на 80-ите и во почетокот на 90-ите години. Заостанувањето може да помогне и кога работите одат со голема брзина, во технологијата, на пример. Наместо да користите пет технолошки генерации, понекогаш е можно од првата да влетате директно во петтата.

Во сегашните воени турбуленции на границата со СРЈ, Македонија пак има шанса да учи од глупоста и несреќата на другите, за уште еднаш да го избегне бесмислениот виор на војната. Во тој поглед, пропагандните подготовки за војните во Хрватска и БиХ, како и самите војни, можат да претставуваат голем пример како работите навреме да се превенираат.

Значи, веќе е историски ноторен факт дека медиумите и новинарите значајно придонесоа да се распадне Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Како што вели Марк Томпсон во неговата извонредна книга Произведување војна, „иако медиумите во СФРЈ и самите беа предмет на насилнички стратегии, тие таквите стратегии често ги застапуваа и бранеа (...) Во тој судир јавното мислење беше и сировина и воено поле додека со медиумите во склад со тоа се манипулираше. Иако заканата за војна отворено ја изнесе најмоќниот играч, српскиот водач Слободан Милошевиќ, војната сепак не беше судбински предодредена. Но, откако започна, тоа беше логичен развој на настаните, во склад со ултиматумите и взаемните обвинувања кои станаа основна форма на комуникација помеѓу ривалите. Оттаму и саркастичното присвојување на изреката на Клаузевиц: 'Војната е продолжение на телевизиските вести со други средства'.”

Како што вели Ендру Падефат, судирот во СФРЈ го создадоа и го поттикнуваа спротиставените политички сили. Медиумите веќе не ја коментираа војната - тие станаа дел од првата борбена линија. „Ниедна страна во судирот не беше доволно силна да ја обезбеди победата со силата на сопственото оружје - на сите, за да успеат, им требаше интервенција на надворешните сили. Затоа контролата на медиумските перцепции на судирот стана и остана клучна цел на сите завојувани страни. Војната беше водена со поглед кон медиумите исто онолку колку и кон воените цели.”

Меѓу другото и затоа, медиумите во Македонија денес се пред најголемиот испит на зрелоста - на секој начин да се избегне воената психоза и ширењето на омразите, од каков и да се тип, од каде и да доаѓаат. Ова, се разбира, не значи, дека медиумите се единствениот чувар на мирот, но нивната улога е непроценливо важна.

Однесувањето на македонските медиуми при воената криза кај Танушевци, сега за сега влева надеж дека ирационализмот на војната сè уште е под контрола. Но под капакот баботи и врие. Да се надеваме дека - меѓу другото и заради примерите од свежата историја на регионов - и нашите политичари ќе бидат барем делумно на нивото на своите историски одговорности. Иако тие за сите овие десет години се покажаа сосема неспособни земјава посериозно да ја подготват за европските интеграции, да се надеваме дека нивната неспособност, глупост, себичност, па и криминализираност нема логично да кулминираат во едно сеопшто воено лудило.

Се надеваме на тоа меѓу другото и затоа што нашите новинари сè уште не се претворени во голи политички маши (иако многумина се) и затоа што добар дел од нив сè уште имаат сила, кредибилитет и знаење да ги контролираат нашите, според многу нешта, слабо пресметливи и забегани политичари.