Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 77        # 79 
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


78

МИСЛЕЊЕТО КАКО ПОСЛЕДНА ОДБРАНБЕНА ЛИНИЈА

02.03.2001

 

...Политичкото и моралното значење на мислењето се манифестира во оние ретки моменти од историјата кога 'Сè се распаѓа; средиштето не може да се одржи; / Голата анархија е пуштена од ланец / Најдобрите немаат уверувања / Додека најлошите се полни со страсна жестина'.

Манифестацијата на ветрот на мислите не е знаењето; тоа е способноста да го разлачиме исправното од погрешното, убавото од грдото. И тоа е она што може да ја спречи катастрофата, барем за мене, во ретките моменти кога се достигнува критичната точка.

(од книгата на Хана Арент, Thinking and Moral Consideraations; A Lecture)


Што да се прави, во моментов, во Македонија?! Старото прашање одново изнурнува од под наталожената историска тиња и заплашува како чудовиште од мочуриштето. Многу ирационални сили се ставени во погон, многу „страсна жестина”, многу омрази, прокоби и слепила; „а средиштето не може да се одржи”.

За почеток: може малку да се размисли. Затоа водич низ текстов ќе биде Хана Арент, една од големите мислителки на 20-иот век: „...Се чини дека немисловноста - непромислената безгрижност, безнадежната збрка или самобендисаното повторување на 'вистините' кои станаа ветви и празни - е симбол на нашето време. Затоа она што го предлагам е мошне едноставно; ништо друго туку само да се размисли за она што се прави”.

Да се размисли што може да се очекува во оваа земја по сосема нерегуларните претседателски и локални избори, по невидениот грабеж, по тоталната партизација на сè, по инструментализацијата во политички цели на црквата, културата, спортот, по растурањето на образовниот и здравствениот систем, по уништувањето на локалната самоуправа, најпосле, да се размисли што да се прави кога се загрозени и најелементарните претпоставки на демократијата: поделбата на власта, одговорноста и колку-толку слободните медиуми.

За жал, мисловноста кај нас сè уште има партиска или етничка боја, често произлегува од опортунизмот и од утврдените навики („наведната глава сабја не сече”) и сосема е ставена во функција на клановските пресметки што се одвиваат по сите општествени линии.

Многумина од луѓето што го окупираат јавниот простор злокобно потсетуваат на нацистичкиот злосторник Адолф Ајхман, портретиран од Хана Арент: „Тој навистина не беше способен да изговори што било друго освен клишеа. Колку повеќе зборуваше толку поочигледна беше неговата неспособност да мисли, имено, да мисли од гледната точка на некој друг. Со него не беше можна никаква комуникација, не затоа што лажеше, туку затоа што беше опкружен со најсигурната заштита од зборовите и присуството на другите, а со тоа и од самата реалност”. Самиот Ајхман го потврдува истото: „Уште од дете послушноста беше важен дел на мојот систем. Кога на 27 години стапив во војна служба заклучив дека послушноста и понатаму е детски лесна. Не можев ни да помислам да не извршам наредба. Кога денес правам осврт, сфаќам дека животот заснован врз послушност навистина е удобен живот. Таквиот живот ја сведува на минимум потребата да се мисли”.

Деградацијата на нашето општество, иако рапидна и застрашувачка, сè уште го нема достигнато своето дно. Но, „катастрофата на немисловноста” дефинитивно веќе не е пред туку во нашите порти. Страшно е што младите политичари се промотори на немисловноста како основен политички принцип, на тоа цинично себеотстранување од каква било општествена одговорност: Антонио Милошовски (застрашувачка фигура за којашто шеговиот прекар „Гебелс” веќе и не изгледа толку шеговито); Валентина Божиновска (еманација на потполна немисловност); Ненад Новковски („елементарна непогода”); Филип Петровски (кај кого, додуша, немисловноста е вкрстена со незнаењето)... Таткото на овој ползечки тоталитаризам што ни се заканува, се разбира, е Љубчо Георгиевски.

„Дали проблемот на доброто и злото, нашата способност да го разлачиме исправното од погрешното, може да се поврзе со нашата способност да мислиме?” Хана Арент самата одговара: „Доблеста не може да се предава и научи - само обичаите и навиките можат да се предаваат - а одлично знаеме со која загрижувачка брзина луѓето се одучуваат и забораваат. (...) Во текот на триесеттите и четириесеттите бевме сведоци на потполн колапс на сите утврдени стандарди на јавниот и приватниот живот... Моралот остана соголен како збир од правила за однесување, обичаи и манири коишто можат да се заменат со некои други со онолку мака колку што е потребно да се промени однесувањето на трпеза на некој поединец.”

Пред тоталитарните ерупции, нам, на учениците на 20-иот век, ни преостанува само Denken ohne Gelander - мислењето без потпирка. Кога веќе не можеме да се потпираме врз традицијата, усвоените категории и патокази, ни останува само да научиме да мислиме на нов начин. Пред тој предизвик за едно ново мислење - но и пред предизвикот да се сочува сеќавањето како мислење! - денес се наоѓа нашата земја; многу нешта зборуваат дека работава не е на арно.