77
ВАРВАРИТЕ ДОАЃААТ
16.02.2001
Да се сфати релативната вредност
на своите убедувања и сепак сè уште да се
остане на нив, е она што го одвојува цивилизираниот човек од
варваринот.
(Јозеф Шумпетер)
Однесувањето на Владата во
нејзината досега најкрупна афера („Прислушување”) без какво било
двоумење може да се оцени како катастрофално. И тоа на многу
рамништа; не само во сферата на евидентната политичка одговорност,
не само во сферата на моралната бесрамност, не само во сферата на
затеченост и неснаоѓање; дури и на најелементарните естетски нивоа,
однесувањето на Владата спрема јавноста, нејзините воинствени и
радикализирачки соопштенија делуваат грдо, вулгарно и бескрупулозно.
Една од причините за таквото однесување на Владата е што ВМРО-ДПМНЕ
и во третата година на своето неодговорно владеење - рефлексно, во
секоја криза, прибегнува кон својот опозиционен, квази-дефанзивен,
бујно разобрачен и експресивен вокабулар, кој, за жал, не е многу
подобар од поетските сочиненија на денешните создавачи на сликата на
Владата во јавноста, триото поети Георгиевски-Димовска-Милошовски.
Нагласената естетизација на политиката фашистите не ги однесе само
во кич туку последиците беа многу пострашни за целиот свет.
За среќа, нашава марионетска Влада нема политички простор за
создавање поголема регионална штета, но нејзините естетски
перформанси опасно ја приближуваат до споредбите со гус(л)арските
Влади на други неуспешни поети, каков што е, на пример, босанскиот
воен злосторник, Радован Караџиќ. Рефлексното заземање на позицијата
жртва, тоталното игнорирање на спротивната политичка опција,
ирационалноста, тешката депресивна метафорика, епската широчина,
нефокусираноста, самобендисаноста, мегаломанијата, паранојата и
неодговорноста - тоа се нешта што ги спојуваат небулозните пресови
на Милошовски (кому сè нешто му е одвратно, како да е каприциозна
дворска госпоѓица; нему извинувањата допрва му претстојат) со
поезијата на неговите шефови со поезијата на Радован Караџиќ со
најпосле сето она што го гледавме во Босна, како опомена дека
фрустрацијата на лошите поети и сликари не секогаш е безопасна.
Уште пострашно е што неодговорноста и „милитаристичката опуштеност”
на наброените тројца поети во Владата, ја делат и злокобно
ноншалантните претставници на власта, на пример фриволниот Никола
Груевски, уште еден, како Милошовски, од компанијата „паднати од
Марс”. (Патем, истото тоа неподносливо лежерно и неодговорно јапи
секојдневно ги опустошува нашите џепови, сè објаснувајќи ни каде
одат нашите пари! Според некои пресметки - дневно, и до пет страници
по весник владина пропаганда во сите можни печатени гласила;
електронските се уште поскапи - Груевски за своите неподносливо
волуминозни кампањи троши помеѓу 300 и 500 илјади германски марки
даночни пари месечно! Освен што тоа може да се третира како купување
на владино влијание во гласилата, и во секој друг поглед бизарното
сфаќање на маркетингот од страна на Груевски е сосема недозволиво.
Но, во оваа Влада на несозреани и неодговорни политички пилиштарци
бизарностите се правило; како во Владата да нема ниту еден единствен
малку попромислен и посериозен човек кој на безгрижно заиграните
деца би им објаснил каде се наоѓаат границите на некои потези.
Уште една потврда на тоа е скандалозното именување на Филип
Петровски - живописна фигура што произлегува од една културна
матрица - бизнис, пиштоли и нааканост - што десетина година ја
гледавме во соседството, околу претседателскиот син Марко Милошевиќ;
но дури и во тотално криминализираната Србија типчиња како Марко
Милошевиќ не беа испраќани во дипломатија!)
Значи, и во случајот на Груевски, но и на повеќето кадри од власта,
моралната и естетската дезориентираност имаат политички импликации;
на Груевски веројатно сиот рекламен циркус - од первертираните
позиции на нашата власт - му изгледа убаво и, најверојатно,
одговорно.
На едно малку поапстрактно рамниште, согледуваме дека таа „култура
на нарцизмот” (кај нас прононсирана и од многумина други естрадни
политички фаци) всушност води во потполн цинизам во јавните обврски
и во едно речиси институционално понижување (Авишаи Маргалит
филозофски докажува дека пристојно општество е она кое настојува да
го отстрани - или, барем, намали - институционалното понижување).
Сите ние, заборавени пред шалтерите, ограбени во банките,
осиромашени, болни и збудалени, под државниот терор на монополските
фирми и навечер залепени за Бинго телевизорите, многу добро
чувствуваме што е тоа институционално понижување. Бескрупулозноста
на понижените и навредените расте правопропорционално со
бескрупулозноста на моќта и власта. Па да видиме каде ќе се
сретнеме. |