Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 75        # 77
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


76

ЗА ПРИНЦИПИТЕ НА ЗАПАДНАТА ДЕМОКРАТИЈА

02.02.2001

 Политичкиот врв во Македонија веќе десет години папагалски (шамански, просто, како некаква мантра) повторува дека идеолошкото, економското, културното втемелување на новиот општествен и државен поредок треба да се одвива според моделот на западната демократија. Во практиката гледаме нешто друго (демократските видици често завршуваат со бодликав тел, како што вели Орвел): една прилично гадна мешавина од авторитаризам, феудализам, првобитен капитализам и социјалистичка бирократизираност, така што не е лошо, од време на време, на систематски збудалуваниот (=осиромашуваниот) народ да му се соопштуваат вистинските начела на западната идеја за демократија, начела кои во голема мера се потпираат врз идеите за солидарност, еднаквост, општествена правда, политички слободи, нешта кои нашиве острастени и примитивни водачи (не само од политичката сфера) со леснотија ги отфрлаат како глупави реликти на социјализмот.

Значи, според Марвин Пери (во неговата книга Интелектуалната историја на Европа), главните достигнувања на модерниот Запад кои сè уште носат снажна општествена порака се:

-Традицијата на разумот, која го овозможува научното сфаќање на космосот, користењето на природата за благосостојба на луѓето и идентификација и реформа на ирационалните и противзаконски институции и убедувања;

-Традицијата на политички слободи, што е темел на демократските институции;

-Традицијата на субјективни слободи, што ја потврдува способноста на поединецот за етичка автономност;

-Традицијата на хуманизмот, која на поединците гледа како на креативни поданици кои имаат право и можност да го остварат својот полн човечки потенцијал;

-Традицијата на еднаквоста, која изискува пред законот сите да бидат еднакви;

-Традицијата на човечкото достоинство, која го потврдува ненарушивиот интегритет и вредностите на човечката личност и е погонска сила зад која сега стои глобалната борба за човекови права;

-Традицијата на општествена правда, која инсистира на тоа заедницата да има морална обврска да им помогне на сиромашните и унесреќените.

Дали меѓу оние силни и многубројни марионети што со години се топорат пред говорниците и микрофоните со своите веќе до бедотија излижани фрази за „нашиот стремеж кон НАТО и ЕУ” гледате барем еден единствен кој на малку посуштински начин не само би ги бранел туку едноставно би ги знаел клучните принципи на западната демократија?!

Да не е тоа можеби Љубчо Георгиевски кој нешто наслушнал (и вообичаено не доразбрал) за комплексниот феномен на глобализацијата?! Да не е тоа Бранко Црвенковски, кој политички е безбоен да границите на елементарна идеолошка писменост?! Да не се тоа смешните и тажни пишувачи на комунистички конгресни реферати: Стојан Андов, Васил Тупурковски, Саво Климовски и ним слични?! Или можеби малку идеолошки пописмени се турбобогаташите од типот на Гуштеров или Костовски?!

Се разбира, повеќето од нив (воопшто, поголемиот дел од тн. „општествена елита”) се само ситни дневни профитери, без визии, принципи, концепт, без подлабоки политички или идеолошки знаења, локални махери за лактање и клоци под маса, демагози и лицемери. А такви се затоа што тие хулигански вештини денес обезбедуваат статус и успех во Македонија.

Што не значи, се разбира, дека треба да ги наведнеме главите и да цимолиме што господ ни дал таква политичка и општествена елита! Моќта на медиумите, на невладиниот сектор, на синдикатите, едноставно на поединците во сета нивна слобода - ќе треба да јакне, ќе треба да ù се спротиставува на олигархијата која веќе десет години безмилосно се бори за новите позиционирања.

Меѓу другото и тоа е приказната за западната демократија. Слободата нема да ни падне од небо, за неа ќе треба да се избориме. Можеби дури тогаш, со начелата на слободата во себе, ќе бидеме спремни да влеземе во „западниот културен круг”. Тоа, на некој начин, го вели и социологот Орландо Патерсон во својата книга Слободата во создавањето на западната култура:

„За целиот незападен свет слободата не беше пожелна цел. Други идеали и вредности беа и сè уште се поважни: потрагата по слава, чест, моќ за себе и за кланот, национализмот и владетелската големина, милитаризмот, пиететот спрема предците, нирваната, ширењето на 'вистинската вера', хедонизмот, правдата, еднаквоста, материјалниот напредок - списокот е бесконечен. Но, речиси никогаш, вон контактите со западната култура и нејзините влијанија, тие вредности не ја вклучуваа слободата.”