Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 74        # 76
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


75

БУНТ ВО ДОМОТ ЗА СЛУГИ

19.01.2001

Бунтот на чешките новинари од јавниот телевизиски сервис (кому му се придружија и стотици илјади граѓани на улиците на Прага) конечно е добар знак дека и во источна Европа можно е да се случи спротиставување на дивиот и разобрачен капитализам кој протатни низ просториве како радиоактивен куршум: оставајќи многу дупки зад себе, но и трајни деформитети, дури во структурна смисла, во сфаќањето што значи држава, заедница, пазар, јавни интереси, човечки права.

Отпорот спрема дивата либерализација и спрема неконтролираното приватизирање доаѓа од неочекувана страна; имено, новинарите во тн. транзициски земји во изминативе години во голема мера само го сменија газдата; наместо во партискиот ЦК или во полициските служби сега по своето мислење одат кај оној што ги има парите, а често се случува тоа да се истите оние луѓе од некогашниот Комитетот и полицијата! Еден добар дел од новинарите во меѓувреме дури станаа уште побрутални и повулгарни во заштитата на интересите на своите полукриминализирани стопани (индикативен е примерот на Хрватска каде што во моментов тамошните маркантни новинарски пера водат борба до истребување за сметка на неодгатливите капитал-интереси). Се разбира, истото се случува и во Македонија, со таа тажна разлика што кај нас највисокиот степен на прислужничка психологија и на малограѓанска апологија на моќта и парите демонстрираат новинарите од тн. јавен сервис. Тоа е клучната и по нас трагична разлика во споредбата меѓу нас и Чешка.

Дотолку повеќе, гестот на чешките новинари - воопшто борбата за јавниот интерес, за скротување на општествено разјадувачката семоќ на парите - заслужува внимание, респект и поддршка и претставува згоден модел за копирање, особено во нашата средина која баш и нема традиција на негување граѓански отпор.

Затоа што, можно е, она што сè поевидентно во Македонија се детектира како криза на политичкото (разочараност од партиите, очај од немаштијата и апатија во однос на можните посуштински политички промени), или криза на парламентарниот систем (чуму избори ако секој пратеник може да биде буквално купен?!) всушност да е недоверба (безнадежност, поправо) во поглед на државата што треба да биде одговорна за јавниот интерес.

Социјалдемократите, на пример, за шестте години владеење толку многу придонесоа за обезвреднувањето на јавните каузи (посебно во сферата на медиумите), што конзервативците од десничарските партии што сега се на власт со сета своја бескрупулозност практично дојдоа на терен исчистен од какви било поделикатни социјални грижи. Пара! Пара! Пара! Тоа се вкупно трите принципи на македонската политика (и лева и десна) и на македонската држава.

Телевизијата, според Пјер Бурдие, како и митото, сигурно многу придонесе за деградацијата на цивилните доблести. „Таа повика и во прв план на политичката и економската сцена бутна некакви 'дали ме виде?'-типови чијашто главна грижа е да се прикажат и истакнат, што сосема е спротивно со вредностите на неупадливата посветеност кон колективниот интерес што некогаш беше особина на функционерот или активистот.” Бурдие врз примерот на стар Египет покажува дека, во моментот на криза на доверба во државата и јавното добро, може да се види развојот на две појави: корупција на раководителите, придружена со намалено почитување на јавните интереси, и, второ, се зајакнува личната религиозност на доминираните, поврзана со безнадежноста во однос на световната правда. „И денес постои впечатокот дека граѓанинот, затоа што се чувствува исклучен од државата (која, на крајот, не бара од него ништо друго освен материјални придонеси), ја отфрла државата, однесувајќи се кон неа како кон туѓа сила што тој ја користи за свои интереси онака како што најдобро може”, вели Бурдие.

И покрај тоа што во македонската политика работите веќе десетина години се одвиваат според Марфиевите закони („луѓето ќе почнат да се однесуваат разумно и пристојно тогаш кога ќе ги исцрпат сите други можности”), навистина се чини дека „сите други можности” полека ги исцрпуваме и дека е краен момент да проработат разумот, пристојноста и грижата за јавното добро. Оттаму надежта дека и кај нас, како во Чешка, конечно ќе се случи јавноста да извојува барем една мала победа која ќе биде симболички ресурс за понатамошната борба со отуѓените и забегани елити.

Парадоксално, каузата на јавниот интерес кај нас попринципиелно ја бранат приватните медиуми од оние кои се предебело платени да се грижат за јавните стандарди: Владата, МРТВ и Советот за радиодифузија. Но приказнава за вториве, се разбира, е токму приказната за забеганите елити во банана-државите на коишто Македонија, за жал, по многу нешта - а пред сè поради тоталната незаинтересираност за негување на јавниот интерес - сè повеќе наликува.