Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 73        # 75
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


74

АКО НЕМАШЕ ТЕМНИЦА, НЕ ЌЕ ТРЕБАШЕ СВЕЌА

26.12.2000


Прифаќајќи ја својата несреќа,
се уништуваме самите себеси.

(Дејвид Мемет)

Крадци на иднината

Баш и не е тешко, годинава, да го лоцираме најцрниот мрак во земјава: нејзината политичка елита. Не само во медиумска смисла, политичарите станаа тотално аут; веќе е знак на лош вкус, лошо друштво (лошо семејно воспитување итн.) воопшто и да бидеш виден со некој политичар, особено со оние во највисоките ешалони на власта. Алчност, примитивизам, бруталност кон доле/сервилност кон горе, бескрупулозност, нааканост, коруптивност и глупост - таков е ликот на елитниот македонски политичар, пресек на карактерите што ги гледаме во владата и парламентот.

Се разбира, проблемот е во тоа што општеството почнува да наликува на карактерниот профил на просечниот македонски политичар: сурова и примитивна борба речиси без правила, без принципи, без почитување на најелементарните форми на некакво организирано заедничко живеење. Да потсетиме што вели Клаус Тевелајт за принципите на фашистичкото организирање: „тоа се одвива во две насоки. Едната е собирање во рамките на сопствената група на најжилавите сили на патријархалната хиерархија. Другата насока на фашизмот е отфрлање, значи убивање на сè она што не може да се вклопи”.

Најлошото во сето тоа е што ужасот во кој се наоѓаме ги надминува границите на елементарна непогода; сегашнава политичка олигархија ја грицка (ја гризе богами и ја граба во огромни несварени залаци) нашата иднина и ги обесмислува сите обиди за некакво рационално социјално уредување. („Животот овде се сочувал по цена која е повисока од самиот живот, бидејќи снагата за одбрана и одржување е позајмувана од идните поколенија, кои се раѓаат задолжени и оптоварени” - вели Иво Андриќ.)

Симбол на целата забегана политичка елита што политиката ја сфаќа како грабеж и силеџиство е актуелниот премиер, Љубчо Георгиевски, мракот на годината. Иако таа матрица на политичко однесување има свои подлабоки корени и во минатото (често се добива впечаток дека Љубчо Георгиевски, додуша без секаква мера и ужаснувачки безгрижно, само го повторува, во радикална форма, она што како стандард за политичка работа го воведе неговиот претходник, Бранко Црвенковски), сегашниот шеф на владата мора да ја понесе одговорноста за најмрачниот настан годинава, локалните избори, кои со грозоморието дури успеаја да ги надминат во секој поглед катастрофалните претседателски избори од пред една година.

Се разбира, од одговорноста за лошата состојба на земјава не можат да бидат поштедени ни другите врвни политичари: Борис Трајковски, Васил Тупурковски, Стојан Андов/Ристо Гуштеров, а посебно издвојување заслужува и легендарното портпаролско дуо Слободан Чашуле и Данило Глигоровски коишто до ниво на апсурд и карикатура го обесмислија секое сериозно и одговорно бавење со политика.

Собранието како алхемиска реторта

Статуетката „Мрак на годината” за колективни достигнувања му се доделува на македонскиот парламент.

Парламентот ни наликува на црна дупка во која исчезнуваат луѓе а се појавуваат некои чудни роботолики креатури на коишто им е вградена само една функција: мрдање на двата прста за гласање. Двата чудно деформирани прста и залепената цена врз газот - згодна скица за профил на главните негативци во некаков научно фантастичен хорор во кој земјата ја напаѓаат и ја освојуваат топчести кашасти лигави творби со два хипертрофирани прста што истовремено се раце, антени и уши.

Тргај ги децата од улица - доаѓа македонскиот парламентарец! Затни го носот, потсврти ја главата, македонскиот парламентарец се обидува да ти каже дека си негов, дека тој самиот кркори, смрди и страда со другите чудовишта од канализацијата - поради тебе, гласачу. Фрли му корка леб, погали го по прстовидните израстоци, потшутни го од љубов по газот со цената, но нежно, во газот на нашиот парламентарец се крие неговиот висок, неговиот ветроказ, сите негови кревки механизми со кои ги премерува нашите минато, сегашност и иднина. Газот на нашиот парламентарец е метеоролошка станица! И хемиска лабораторија! И вежбална! И катедра! Пази го газот на својот парламентарец ко зеницата на своето око, велат историските книги, во филмот, кој ќе испадне и не толку страшен, повеќе смешен, во најдобар случај трагикомичен.

Дали Македонија, покрај навистина тажниот случај на со децении изолираната Албанија, и делумно налик на Бугарија која исто така пред неколку години доживеа тотален слом на институциите, ќе биде единствената европска земја која едноставно културолошки, цивилизациски не поседува капацитет да биде демократска држава?! Да не бидеме темен вилает во кој пируваат (како на некој средновековен денс макабр) бошовски, бројгеловски накази што сркаат нафта со цевчиња, што царинат камили со цигари (во шупците) и што бескрајно бескрајно телефонираат и се договараат преку мобителите додека долу сизифовската тиња ги подјадува, ги подголтнува, во тој пекол каде што одекнува громогласната смеа на Мида и на Мамон.

Баукот на комерцијализација

Зајакнатата тенденција за тотална комерцијализација на сите можни видови ТВ програми во Македонија е следниот голем мрак што ја одбележа годинава.

Телевизијата и на глобален план е една од жртвите на здивеаниот неолиберализам кој особено деструктивни резултати покажа во некои (фатално и вечно транзициски, дури и на ниво на име!) земји од типот на Македонија. Сеопштата и неконтролирана комерцијализација често влијае уривачки дури и кај строго приватниот сектор (кој тогаш се обидува да се „вади” со донаторски или каритативни активности), но кога демонот на комерцијализацијата ќе го зафати и тнр. „јавен сектор”, тогаш работите стануваат алармантни.

Станува збор за МРТВ, се разбира. Такво вулгарно и неконтролирано комерцијализирање на јавна куќа која директно од претплатниците зема веројатно меѓу 30 и 50 милиони германски марки годишно е апсолутно недозволиво. Речиси во секое доба на денот (а особено во ударните, некогаш нарекувани „семејни”, термини, за коишто посебно треба да се води сметка за квалитетот на програмата), од МТВ нè бомбардираат со игри на среќа, со бескрајни реклами, со ступидни музички спотови кои се камуфлирани реклами, со телефонски разговори од 45 ден.+ДДВ и со други слични глупости исклучиво наменети да ве заглупават и да ви брцнат во џебот.

За МТВ - како впрочем и за севкупната културна продукција во земјава - единствен критериум за успех не може да биде нивото на гледаност. На крајот на краиштата, да се потсетиме на фактот дека во историјата сите културни продукти што се сметаат за највисоки достигања на човештвото, во областа на математиката, поезијата, литературата, филозофијата, науките, се создадени наспроти комерцијалната логика и нивото на гледаност.

Но, зад заглупувачката улога на МРТВ сепак стои Советот за радиодифузија, една мошне чудна институција со прилично недефиниран статус и огромна моќ. Таа моќ Советот, со многу опортунизам, со многу замижувања и сервилност кон актуелната власт (од која и да е боја), се обидува да ја задржи, па дури и по цена на сеопшта пропаст на електронските медиуми во земјава.

Третиот импозантно голем мрак годинава, значи, му го доделуваме на Советот за радиодифузија.


„Ако немаше темница, не ќе требаше свеќа.”
                                                (Марко Цепенков)

Во политичкиот живот (кој во земјава за жал речиси е синонимен со културниот, јавниот и севкупниот општествен живот) една од ретките добри работи годинава е изборот на еден од малубројните преостанати нормални политичари, Ристо Пенов, за градоначелник на Скопје. Убедливоста на неговата победа зборува дека баш и не му се потонати сите лаѓи на овој народ и дека сепак постои надеж дека сета политика кај нас нема да се сведе на мафијашки пресметки, рекетарство и провизии. Пенов во моментов, се чини, за жал, веројатно е единствениот политичар кај нас кој поседува (гласачки) кредибилитет зад својата функција.

Што се однесува до телевизиските светулки, баш и нема многу што да се каже. Вреди да се издвои серијата Досие: Скопје која покажа дека може да се работи и умно и духовито и едукативно и актуелно (во почитувањето на минатото), токму онака како што треба да изгледа врвното ТВ производство.

А1 ТВ годинава чекор повеќе се издвои од конкуренцијата со Вестите кои сепак и понатаму имаат недозволиво висок број технички и водителски киксови.

Канал 5 ги има најдобрите контакни политички емисии, иако нивниот новинар Горан Величковски (пред сè заради катастрофално воденото интервју со „од Радко” претепаниот новинар), од некогашна надежна светулка во оваа рубрика можеше да стане мал мрак (конкуренцијата на мракови годинава беше пресилна дури и за мега-мракот Латас, а камоли за Горан Величковски!).

Сè на сè, како општество проживеавме уште една изгубена година во низата на во безглаво талкање изгубеното десетлетие. Белки новиов век конечно ќе нè раздвои од низата што почна да наликува на лоша бесконечност. Но дури и на календарот ќе му треба, барем малку, и нашата помош.