73
ПРОТИВ ОПОРТУНИЗМОТ
08.12.2000
Прифаќајќи ја својата несреќа,
се уништуваме самите себеси.
(Дејвид Мемет)
Единствената идеологија на македонската политика
денес е опортунизмот. Но, дури и оваа груба формулација може да
претставува комплимент за беспаќето во кое се наоѓа македонската
политика. Опортунизмот сфатен како ситен ќар, како снаоѓање,
искористување на ненадејната шанса, како премолчување на неправди,
како вечно барање закрила во скутовите на јаките - таквиот животен
стил не може да се нарече „идеологија”, дури ни идеја, бидејќи
таквиот опортунистички концепт на уредување на сопствениот живот
или, не дај боже, општеството, не е многу поразличен од начелата на
организација на глутница волци.
Така што пак се враќаме кон основното: во македонската политика
отсуствуваат дури и идеи, а камоли идеологии. Транзицијата, т.е.
овој чуден капитализам на првобитна акумулација на капиталот, е
сведен на сурова и бескрупулозна борба на секој против секого.
Опортунизмот, придружен со циничниот песимизам и со нихилизмот
можеби на моменти, во ликот на неколкуте малку пошармантни
припадници на новата општествена елита, и заличува на барем со два
молекула компониран интелигибилен јавен став. Но, во суштина
опортунизмот и цинизмот (единствените „модни крикови” во
интелектуалниот живот на општествово последниве сезони) го
расточуваат социјалното ткиво и всушност најефикасно ги разбиваат и
последните кохезивни нишки во едно општество.
На тоа - расткаена и парталава черга за бришење нозе - наликува
земјава во која конфузно и невкусно арбитрираат третокласни европски
чиновници и каде што целата компликувана приказна за идентитет,
интеграции, децентрализација итн. се сведува на исцртување граници
помеѓу неколкуте со манипулации и со тренирање сиромаштија и
строгост збудалени етницитети.
Се разбира, не одам толку далеку ерозијата на сите политички,
културни, најпосле морални и хуманитарни норми на ова општество да
ја претставам како заговор или упад однадвор. Иако долгите прсти
мешетарат, вистината за ова општество, најпосле, сме ние самите;
Македонија нема не само некаква стабилизирачка критична маса во
форма на развиена (економски и културно) средна класа, туку нема ни
доволно широка и компетентна елита што ќе го опслужува комплексниот
апарат на државата. Тоа го немавме ни 1989 година, но ова што ни се
случува последниве десетина години наликува на таква регресија и
безглавост што е мала веројатноста дека ќе ги оправи работите дури и
одново пронајдениот Бог.
Ќе ни се случи (веќе ни се случува!) такво масовно разочарување со
политиката на партиите, што во опасност ќе дојдат најелементарните
принципи на општеството: парламентарната демократија и уставната
држава.
Се разбира, во заднината на распаѓањето што го живееме не стојат
само политичарите; огромна е улогата на луѓето од културата и
медиумите. Растко Мочник, на пример, смета дека токму културната
бирократија е еден од главните фактори за застојот на демократските
процеси во одредени постсоцијалистички земји. „Од старата држава
протежираната и непосредно во новите држави вклучената булумента на
самоуправната културна демократија релативно безболно и лагодно го
оствари преминот од социјалистичка во националистичка легитимација,
од наводно еднопартиски, а всушност самоуправен, во наводно
повеќепартиски, а всушност речиси парадржавен систем, премин во кој
се пресвртени сите вредности, за ништо (за таа бирократија) да не се
промени.”
Тука е првиот парадокс на нашата демократија: улогата на масовен
легитиматор на демократскиот политички систем го изврши во основа
недомократската националистичка култура! Иста е и приказната со
повеќето македонски медиуми, државни, владини или опозициони.
Затоа опортунизмот кај нас добро се држи. Истите оние, како што вели
Мочник, кои учествуваа во репресијата над реално демократската,
антифашистичката, недржавотворната, плуралистичка и алтернативна
култура - истите тие и денес ги потиснуваат обидите за реална
плурализација на општеството која ќе подразбира зрело сублимирање и
критика на еднопартискиот систем врз кој се надоврзавме, но и
плурализација која ќе значи вклучување и на оние културни форми што
дури и еднопартизмот ги почитуваше: контракултурата, субкултурата,
поп културата, алтернативата итн. Антифашизмот (а не
бугарофобијата!) исто така е наш многу значаен историски ресурс, а
неговото одржување денес има императивно значење (не само поради
нараснатите екстремно десничарски тенденции во Европа или поради
повампирувањето на фашистоидниот врховизам кај нас; антифашизмот,
просто, е врвна цивилизациска придобивка).
Најпосле, совршено е јасно дека многумина луѓе (дури можеби и
мнозинството!) и во ВМРО и во СДСМ и на сите други нивоа во
општеството знаат да бидат принципиелни и неопортуни. За жал, нашиот
контекст, правилата што владеат, стимулираат борба до истребување.
Духот доаѓа од маргините, од идеализмот, од храброста, од
презирањето на голиот меркантилизам. Тој дух ќе треба да придонесе
за менувањето на правилата на игра во Македонија.
|