72
СИМБОЛИЧКО НАСИЛСТВО
24.11.2000
Медиумите вршат
симболичко насилство. Формите на тоа насилство можат да бидат
отворени - на пример, намалена толеранција кон секакви типови
малцинско мислење; но симболичкото насилство во гласилата најчесто
има прикриена форма за којашто често не се свесни ниту гледачите,
слушателите и читателите ниту произведувачите на медиумската
стварност.
Иако западните теоретичари на културата, социолозите, психолозите,
изминативе години имаат значаен број трудови токму на темата
симболичкото насилство во медиумите, ние, во Македонија, се чини
дека во последново десетлетие сме изложени на толку високи дози на
симболичко медиумско насилство што сме квалификувани макар и од
позиција на жртви да проговориме за него.
Терминот „симболичко насилство” (како и некои други незаобиколни
термини во современата социологија: „симболички поредок”, „културен
капитал”, „поле” итн.) го воведува Пјер Бурдие, славниот француски
социолог и еден од најголемите современи критичари на телевизијата.
Бидејќи формите на симболичкото насилство што го вршат медиумите
навистина се многубројни и комплексни (особено во западното културно
„поле”), во моментов ќе истакнам само еден аспект на тоа насилство:
медиумите како место за нарцисоидни егзибиции, а телевизијата како
некаков тип на Нарцисово огледало.
Како што вели Бурдие (цитирајќи го Беркли), 'да се биде - значи да
се биде забележан'. „За некои наши филозофи и писатели 'да се биде'
значи 'да се биде виден на телевизија', да се биде забележан од
новинарите, 'да се биде', како што вели фразата, пожелен соговорник
на новинарите (што подразбира многу компромиси и дослух со нив).”
Друг значаен проблем што го поставува телевизијата, според Бурдие, е
односот помеѓу мислењето и брзината. „Дали е можно размислувањето
под притисокот на брзината? Дали телевизијата, давајќи им збор само
на мислителите за кои се претпоставува дека умеат да мислат
забрзано, не се осудува самата себе секогаш да си има работа само со
fast-thinkers со филозофи кои мислат побрзо од движењето на својата
сенка...”
Кај нас проблемот е малку поспецифичен (дежурните промислувачи се
тривијални во својата опседнатост со политиката сфатена како
интригантство, но брзи не се); освен трката по комерцијални ефекти
(понижувачки игри на среќа, глупави спотови и цели емисии претрупани
со реклами), она што во медиумската сфера нè спојува со строго
контролираниот западен пазар е триумфот на цинизмот како
најприфатлив стил („мачо”, патријархален) за „брзомислечкиот”
македонски интелектуалец фатен во стапицата на рефлекторите. Иако
цинизмот е придружен елемент на тектонските општествени потреси на
коишто сме изложени, тој сепак - сфатен како јавен став -
дополнително го огрубува ионака прекумерно огрубеното општество
сведено на борба од најсоголен вид. Оттаму, цинизмот претставува
форма на симболичко насилство често поопасна од манијакалните
шоу-водители или од послушните уредници.
Друг тип на симболичко насилство што го вршат медиумите е нивната
потрага по сензации и нивното наметнување на драматизации по секоја
цена. Но, парадоксално, потрагата по ексклузивности, која во некои
други области создава оригинални и проникнувачки дејства, кај
медиумите се претвора во баналност и униформизација. Кој, на пример,
може да ја издржи серијата вести на македонските телевизии, од 17
часот па натака?! Ако сте сосема малоумни, ќе дозволите најмалку
десет пати во текот на истата вечер да ви ја клукаат главата со
бескрајно површните политичко-економски интриги (а ние тоа го
гледаме и трпиме). Можеби тајната на успехот на вестите кај нас е
што се споија вечно популарната црна хроника и главните политички
вести?! Има ли каква било разлика?! И се обидува ли некој воопшто да
ја задржи разликата меѓу жолтото и сериозното новинарство кога
организацијата на целокупниот општествен живот кај нас наликува на
црна хроника?!
Платон вели дека луѓето се марионети на божествата. Бурдие ја
претставува телевизијата како свет во кој сите општествени чинители,
иако навидум поседуваат исклучително значење, всушност се марионети
на нужноста што треба да се опише и на структурите што треба да се
разоткријат и обелоденат. Тоа е смислата и на оваа рубрика.
|