Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 70        # 72
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


71

ЛОКАЛНА ТЕЛЕВИЗИЈА

10.11.2000

 

Во рамките на еден замислен поширок концепт за децентрализација на земјава (политичка, економска, културна...) заслужува внимание феноменот на локалните телевизии. Дека станува збор токму за феномен покажува фактот што тие последниве години широко се развиваат, и тоа без никаква помош од страшно централизираната држава (набуткана во центарот на Скопје). Дури би можело да се каже дека локалните телевизии често се развиваат наспроти волјата на семоќната и тоталитаризирачка држава, што само зборува за нивната автентичност и животност, т.е. за снажната потреба на малите средини од задоволување на некои свои локални медиумски потреби.

Значи, наспроти општото пропаѓање на македонската провинција (пред сè во економска и културна смисла), се појавува феноменот на медиумска дисперзија, и од тој аспект развојот на локалните гласила навистина треба да нè радува.

За жал, развојот на електронските гласила во провинцијата се одвива во рудиментарни технички услови и под пресијата на преживувањето од ден за ден, при што не се почитуваат стандардите на минималниот вкус и стандардите на јавниот говор воопшто.

Односот, пак, на Советот за радиодифузија кон локалните телевизии е ист како и оној на државата спрема децентрализацијата и јакнењето на локалната самоуправа: грабеж, од една страна, кога треба да се соберат таксите и даноците, и игноранција, од друга, кога треба да се понуди помош, стручна или економска.

Од уште еден аспект радува виталноста на локалното, и покрај незаситниот Молох што дреме во центарот на пајажината; имено, за разлика од глобалната и националната телевизија, кои имаат функција да го вкочанат и пасивизираат гледачот (заменувајќи ја стварноста со фикција), локалната телевизија како одново да ја воспоставува изгубената врска со непосредниот социјален простор. Локалната телевизија како близински медиум ја намалува дистанцата помеѓу оној што ја емитува програмата и оној што ја прима, така што просторот да се избега во фиктивното (кое го нудат глобалните телевизии) е стеснет. Наместо шематската дневна програма, локалната телевизија (по трагите на локалното радио) го следи локалното секојдневие. Дури и во економскиот дел од своето функционирање, локалната телевизија, потпирајќи се врз различни извори на финансирање (но и врз „сивата економија”, преку трампа и компензации), се покажува пофлексибилна од гломазните електронски системи базирани на присилна претплата и на државна помош.

Според Милена Драгичевиќ-Шешиќ локалната телевизија настанува како резултанта од судирот на два спротиставени мита, обата настанати во шеесеттите години на веков. Првиот е митот на комуната, настанат во рамките на новата левица, а вториот е анти-мит кој го проповеда исчезнувањето на локалното како последица на глобализацијата. Резултат на спротиставените митови е технокомунитарната комуникација која се остварува со помош на локалната телевизија.

Притоа, важно е да се напомене, локалната телевизија не е алтернатива за масовната телевизија. И едната и другата се делови од аудиовизуелната околина која не ја сочинуваат спротиставени делови туку територијални елементи во чии рамки се простираат локалните, регионалните, националните и интернационалните елементи, кои понекогаш се спротиставени, а понекогаш ускладени.

Значи, во закрилата, во сенките на моќните комуникациски сателити, сепак виреат и против-отровите за сеопштата униформизација. На Хабермасовата теорија за телевизијата како поништувач на граѓанинот што политички размислува (и кој е претворен во изманипулиран потрошувач на медиумски пораки) му се спротиставува Жан-Пол Лафранс, на пример, кој инсистира на разликата помеѓу локалните и глобалните медиуми. Експанзијата и на глобалните и на локалните комуникации како на двајцата да им дава право. Се чини дека токму во тој простор, во тој процеп помеѓу локалното и глобалното, регионалното и државното, личното и колективното, ќе се одвиваат претстојните борби за слобода и демократија.

Приказната за слободата и поединецот не е завршена, како што нè убедуваат одредени либерални демократи, туку постојано се одвива. Меѓу другото, најзасилено, и на полето на гласилата. Одблесоци од таа борба (како во приказната на Андерсен за големото небеско огледало кое ќе се скрши и чиишто парченца влетуваат во око пореметувајќи го светогледот), гледаме и ние. Дали одблесоците ќе се претворат во заслепувања, или во фина светлосна игра што истовремено ја релативизира и твори реалноста - зависи од секого поединечно.