Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 69        # 71
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


70

ЈАВЕН ПРОСТОР

27.10.2000

 

„Јавен простор” е термин во шеесеттите години воведен од тогаш мошне влијателниот теоретичар на медиумите, Јирген Хабермас. Денес дефиницијата и улогата на јавниот простор се драстично променети под напливот на новите културно-политички парадигми.

На пример, во седумдесеттите се случи вистинска ерупција на нови форми и нови актери на општествената сцена: средната класа, студентите, младите, активностите на жените, мировните движења; во деведесеттите, пак, едновремено со развојот на индивидуализмот во рамките на мултикултурното прашање, расте и значењето на социокултуролошките фактори во обликувањето на општествениот простор, а слабее политичкото влијание врз начинот на кој се одредува колективниот простор и неговите учесници.

Како што вели Андреа Семприни во неговата книга Мултикултурализам, таа еволуција подразбира премин од вертикалното кон хоризонталното согледување на односите помеѓу општествените групи. Во класичниот политички образац општеството е осмислувано според модел со кој владеат вертикални форми: пирамида, планина, скала. Денес спротивноста врв-подножје е заменета со спротивноста центар-периферија, а едновремено е променета и општествената динамика. Во тн. политички модел се сметало дека распонот на општествениот простор е сосема јасен, бидејќи тој простор бил изедначуван со просторот држава-народ. Во денешниот социокултуролошки модел, повикувањето на државата-народ или на територијата веќе не задоволува. Според Семприни, под притисок на социокултуролошките фактори, центарот денес е принуден постојано да ја преиспитува својата концепција на системот, додека групите на периферните позиции се борат да наметнат други концепции.

Се разбира, дури ни Македонија не може да избега од глобалните процеси и од структурните редефинирања на улогите во општеството и прераспределбата на моќта во него. Меѓу многуте традиционалистички рамки што во изминативе десет години дефинитивно и за среќа отидоа во маглите на времето се најде и тн. „јавен простор”.

Пропаста на досегашниот модел на јавен простор (кој беше неприродно стеснет и ограничен во однос на неговата демократска природа) е и еден од индикаторите за кризата на традиционалниот општествен модел кој под инерција кај нас сè уште владее. Тој јавен простор, кого сè уште се обидуваат да го монополизираат луѓе чиишто интелектуален и политички свет се простира во триаголникот ЦК-МТВ-”Нова Македонија”, сега е под притисок за проширување, и тој фактички е проширен со многубројните општествени групи кои неправедно беа исклучени од тој простор. Од друга страна, како што вели Семприни, тоа проширување на јавниот простор доведува и до притисоци за промена на содржината на јавниот простор.

Уште еден симптом за кризата на традиционалното кај нас, е и кризата на политиката која веќе не може да го управува јавниот простор. Се чини дека политиката веќе не успева да ја оправда и озакони својата улога да биде доминанта во општеството. Соочена со развојот на други парадигми - економски, културни, етнички, националистички, религиозни, политиката ќе мора да го менува и својот концептуален речник и самата себе, а со тоа ќе доведе и до сосема нови форми на јавниот простор.

Еден од одговорите на нараснатите притисоци за редефинирање на јавниот простор е мултикултурализмот којшто јавниот простор, културата и културната политика ги сфаќа многу пошироко од рамките на етницитетот кој во моментов е прва и последна идентификациона (фортификациона!) линија на одбрана на поединецот во нашето потпропаднато општество.

Во Македонија во моментов не е деградирано само индивидуалното; цели огромни општествени групи, во тоа грубо племенско раздвојување и пребројување, како да не постојат: на македонската јавна сцена речиси ги нема проблемите на хендикепираните, на хомосексуалците, на луѓето со поинакви верски убедувања од доминантните (православие и ислам), на младите (особено на децата!), на жените (особено на загрозените и злоупотребуваните жени!), најпосле на малубројните други етнички малцинства.

Од тие причини, за да се обидеме барем колку-толку да го одржиме психичкиот и физичкиот виталитет на општеството, потребно е да се креира една многу пофлексибилна и поинтегративна културна политика, но не само на владино ниво туку пошироко во општеството, на многубројни пунктови, почнувајќи од основното образование до медиумите, потребно е да се изврши тој, да го наречеме, „мултикултуралистички” (во суштина демократски, никако не сфатен исклучиво во етничка смисла!) пресврт.

Редефинирањето и сензибилизацијата на јавниот простор се еден од клучните фактори за успешноста на тој демократски пресврт.