69
ДЕСЕТ ИЗГУБЕНИ ГОДИНИ
13.10.2000
На плоштадот е исклучително живо.
Новостите се необични, неочекувани.
„Грешите што овде го губите своето време”, ми рече, минувајќи,
Волшебникот познаник. „Тоа е стар собир од пред десет години.
Вестите се необични само затоа што доаѓаат од веќе истеченото време.
Ќе ви ги растерам сите тие пелтеци.” И на моја вџашеност, тој
направи како што рече, плоштадот се испразни, и сите тие, до
предмалку толку бучни луѓе исчезнаа, би рекол, со зборови заледени
на усните.
(Анри Мишо, Земја на Магијата)
Во светлината на конечното заминување (да се надеваме!) на клучниот
кочничар на демократските промени на Балканот, Слободан Милошевиќ,
неизбежно е да се осврнеме и да видиме што Македонија направи во тие
десет години што ги обележа „балканскиот касап”.
Десет изгубени години - тоа горчливо и за жал мора да се заклучи во
случајот на Македонија. Ако Милошевиќ произведуваше барем
дијаболична енергија на уништување, Македонија дремеше укочено и
стаписано како зајак во кафез со змии. Вкоченетоста, инерцијата,
проклетството на чекач на расплетите што секогаш други ги кројат -
го одбележува, веројатно поцврсто и побезнадежно од кога било во
поновата историја, и сегашниот политички миг на земјава.
Се разбира, демократскиот пресврт во Србија - како и оној, на
почетокот на годинава, во Хрватска - ни дава надеж дека и ние
конечно ќе се ослободиме од неспособните и деструктивни политички
елити што мајката ни ја расплакаа изминативе десет години. За волја
на вистината, таа надеж е тенка, а бидејќи политиката е вештина на
можното и реалното, многу веројатно дека Македонија својот излез од
ова политичко беспаќе ќе мора да го причека, како што и му доликува
на темниот балкански вилает (секогаш последен кога станува збор за
ослободувањето и демократијата!) којшто само во шашардисаните глави
на локалните политички дилетанти-хипнотизери се нарекува „лидер на
реформите во југоисточниот Балкан”.
Од одговорноста за изгубените десет години не може да биде поштеден
никој што ја креираше судбината на земјава во изминатиов период; од
првиот премиер Кљусев, преку Андов и моќните министри од типот на
Фрчковски (кој беше психолошки креатор на оној толку добро познат
арогантен профил на Бранко Црвенковски, којшто пак, по патот на
негативна прогресија, креира нови злосреќни, нарцисоидни и забегани
фигури од типот на Љубчо Георгиевски), па сè до Тупурковски,
гротескните Трајковски или Климовски, заклучно со Киро Глигоров,
сите тие, за жал, многубројни локални политички махери, ако не
поинаку, ќе мора ја понесат барем историската одговорност за нашите
изгубени десет години и за ова брутализирано општество што почнува
да наликува на казна.
Таа аутистична, по многу нешта деспотска и патријархална политичка
номенклатура (додуша, произведена од самото општество, од културното
и историското ниво на нашиот народ) не ги направи дури ни
елементарните потези за еманципирање и демократизирање на земјата;
на пример: фер и демократски избори; пропорционален изборен систем
наместо мнозински (кој само ја стимулира политичката игра на живот
или смрт на ионака избезумениот народ); децентрализација (клучен
светски политички принцип, заедно со глобализацијата); ослободување
на медиумите; барем релативно праведна приватизација; јакнење на
невладиниот сектор, на судството, на образованието, а не нивно
ставање во канџите на владата; почитување на основниот демократски
принцип: независност на извршната, судската и законодавната власт
(со години нè плашат од „слаби влади”; па што ако владата е слаба?!
Како што се уверивме последнава година - при понижувачките
претседателски и локални избори кои дефинитивно нè забија на дното
на Европа, дури и зад Албанија - постојат ситуации кога многу
поважно е да имате јако и независно судство отколку јака влада).
Ни требаа десет години да сфатиме дека нашата политичка елита, во
толку споменуваните европски рамки („Европа, Европа” - ја мрморат
мантрата ибиевски живописните но политички сосема неодговорни фигури
од типот на Тупурковски, Георгиевски, Трајковски...), ја игра
улогата што Силекс или Вардар ја играат во европскиот фудбал, на
пример: ниеден македонски фудбалски или кошаркарски клуб не може да
влезе ни меѓу петстоте најдобри европски клубови. Тоа е нивото на
Бранко, Љубчо, Циле и компанија за коишто вени сечеме десет години,
а заради нив почнавме и да се убиваме на гласачките места.
Примитивен национализам, ароганција (комбинирана со сервилност кон
појаките, се разбира), скороевштина и брутализирана култура - тоа е
речиси сè што понуди македонската политика во изминативе десет
години.
А најголемото зло на таа политика е фактот што дури немаме ни
организирана алтернатива за неа!
Сепак, постојат неколку луѓе во политиката кои влеваат каква-таква
надеж дека и нам ќе ни се случи демократски пресврт; тука пред сè
мислам на Никола Поповски, но и на Радмила Шеќеринска, Петар Гошев,
Лилјана Поповска, Јован Манасиевски, можеби Никола Младенов или
Никола Груевски... - можеби некои сосема нови луѓе необременети со
фрустрациите на нацијата и социјалистичкото наследство, ненасочени
кон безумната првобитна акумулација на капиталот што ни се случува
како да сме во феудализмот, луѓе што посуштински ќе го подготват
теренот за нашето интегрирање во регионалните и европските политички
рамки. Но, тие поединци (всушност ние, секој поединечно!) најпрвин
борбата за подобро општество ќе треба да ја започнат во своите
партии, институции, семејства, во нив самите, самите ние...
|