Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 67        # 69
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


68

ЈАВЕН СЕРВИС

29.09.2000

Што е всушност јавна телевизија? Кои функции треба да ги исполнува? Која е разликата помеѓу јавната и комерцијалната телевизија? Дали, најпосле, МРТВ исполнува барем некои аспекти на функцијата јавен сервис, поради која постои и поради која ја плаќаме?

Барнет и Доерти во една книга од 1986-та поставуваат осум основни принципи и услови за постоење на јавна телевизија:

-територијална единственост - емитуваните програми треба да бидат достапни на целокупното население;

-општа привлечност - програмите мораат да задоволуваат разнородни вкусови и интереси;

-единствен начин на плаќање - барем една главна ТВ организација мораат подеднакво да ја плаќаат сите корисници на телевизијата;

-програмата мора да биде ослободена од парцијалните интереси, а посебно од интересите на моментната Влада;

-медиумите мораат да бидат свесни за својата посебна врска со чувството за национален идентитет и заедништво;

-малцинствата, особено оние што се загрозени, мораат да добијат посебен третман;

-програмата треба да биде направена така за да ја поттикнува конкуренцијата во создавањето на подобри, а не на помногубројни емисии;

-општите насоки на програмата треба да дејствуваат во правец на ослободување, а не ограничување на оние што ја создаваат програмата.

Од овие осум принципи МРТВ во потполност исполнува само еден (единствен начин на плаќање) и делумно исполнува два принципи: релативно широка покриеност на територијата на Македонија и каква-таква програма за малцинствата. Другите пет клучни принципи за тоа што значи јавен сервис МРТВ речиси и не ги третира, а посебно загрижува што МРТВ ги игнорира можеби најважните принципи на јавниот сервис: независноста од Владата, квалитетот на програмата и ослободувањето на новинарите низ нивно поттикнување да создаваат високопрофесионална и разнородна програмска содржина.

МРТВ потфрла дури и при она што се смета за најелементарна особина на јавниот сервис: да го поттикнува заедништвото во општеството. Со нејзината - во последно време застрашувачки вулгарна верска пристрасност (фала му на бога, дојде Олимпијадата, инаку се случуваше на сите три канали на МТВ во исто време да гледаме икони, манастири, попови, православна музика...), а да не зборуваме за политичката, па дури и идеолошка, културна, историска пристрасност на МРТВ - таа телевизија, повторувам, го занемарува основниот, најподразбирачки елемент на своето постоење: да биде интегративен фактор во општеството, а не фанатичен застапник на тесните интереси на една чудна група луѓе во власта кои по сплет на историски околности деновиве имаат шанса да ја водат државава на начин кој предизвикува морници и страв.

Се разбира, МРТВ никогаш и не била втемелувана за на еден идеалистичен начин да им служи на јавноста и на општеството, унапредувајќи ги компетентоста, професионалноста и независноста на своите новинари. Но, степенот до којшто таа куќа денес е деградирана навистина бара тревога и спасување на последните трошки здрав разум во куќата, не за друго туку за општеството да не ни се претвори во очајна и заглупавена толпа загледана во латиноамериканските сапуници, петокласните игри на среќа и глупавите реклами на неколкуте преостанати монополистички фирми од типот на Мобимак. Како што вели Хераклит: „Очите и ушите се лоши сведоци ако луѓето имаат варварски души”.

Освен тоа, МРТВ треба да се ослободи од канџите на Собранието кое во нашиот политички амбиент ионака е само безгласен привезок на Владата. Собранието евентуално би можело да делегира еден или двајца луѓе во Управниот одбор на телевизијата составен од претставници на разни професионални здруженија и невладини организации. Но, политичарите дефинитивно треба да ги тргнат рацете барем од јавниот сервис кога веќе со помош на парите контролираат и насочуваат одредени приватни медиуми.

И уште еден антички виц, за крај, како поука за креаторите на нашиот ужас, Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски; „Ако еден ден народот полуди од очај, Атињаните можат да те убијат!”, му вели Демостен на Фокион. „Можеби”, вели Фокион, „но кога пак ќе се вразумат, ќе те убијат тебе.”