67
ВРЕМЕПЛОВ
15.09.2000
Умор. Слабост. Несоодветност. Изгубеност. Губитнички
дух. Тоа останува по изборниот циркус, и во нас, „народот”, но и кај
нив, „политичарите”.
Земјава го губи ентузијазмот соочена со мизерната политичка понуда,
но грдата слика во огледало може да значи и почеток на согледувањето
на реалноста, што значи конечно почеток на излегување од надолната
спирала на оваа пеколна транзициона инка во која сме бутнати како
експериментални глувци.
А губитништвото ни е реалност. Никакви пари ни дневни популистички
пароли (ниту пак релативни изборни успеси) не го вадат жигот на
тотални лузери од нашите клучни политички фигури: Љубчо Георгиевски,
Борис Трајковски, Васил Тупурковски, Бранко Црвенковски... Нивниот
пораз - а со годините тоа станува сè појасно - се состои во празното
опстојување на власта, во инерцијата, во немањето идеи, во
авторитарниот карактер, во потребата да се биде опкружен со
поткупливи, послушни и неспособни.
Како може Ѕинго да биде победник?! Такво временско изместување во
моментов е можно само во историски опустошената Србија и речиси
никаде другде. Како може да биде победник СДСМ, без да изложи ни
приближна идеја, на пример, во контекст на локалниве избори, во која
насока треба да се промени односот меѓу централната и локалната
власт?! Ако СДСМ дури и овој кус опозиционен период не го искористи
за стварна работа, тогаш сета политичка игра ќе се сведе на Курто и
Мурто и на популистичко меѓусебно делкање на политички второлигаши,
што во моментов се дури и кобајаги моќните СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна, како може да се опстои на власт и еден единствен
ден после изборната кампања што ни ја приреди власта за локалниве
избори?! Секој чекор им беше глупост и грешка. Таква акумулација на
будалаштини во само 15 дена од изборната кампања (бидејќи првите 15
дена ги преспаа) е просто неверојатна: булдожери, линч на пратеници,
стравотен притисок врз медиумите, паничен и небулозен лидер,
портпароли ко излезени од летечкиот циркус на Монти Пајтон...
Наместо да ги нашминкаат и да ги надуваат неколкуте ретки добри
нешта што ги сработиле, целото ѓубре на нивната неукост,
неспособност, дури трогателна наивност (но за жал споена со
бруталноста на исплашениот и успаничениот) се струполи врз нацијата,
претворајќи ја Македонија во ментално и политичко ѓубриште.
Можно е дека клучна причина за неснаоѓањето и паничноста на власта
во кампањата е отсуството на единствениот поискусен и попромислен
човек од коалицијата за промени: Васил Тупурковски. Ако го нема
Тупурковски да го смири хировитиот Љубчо или да го заузда
самобендисаниот ретор Слободан Чашуле - се случува она што се случи:
катастрофа веќе во кампањата.
Но, тоа не зборува добро за Тупурковски: опкружен е, т.е. самиот си
се опкружил, со несигурни и неспособни луѓе: Климовски, Димитров,
Чашуле, Кипријанова... Во отсуство на јасни директиви, тие луѓе
(Климовски и Чашуле се просто антологиски примери) можат да направат
штета ко бебе во цртан филм; три дена да се чешаш како тоа е можно.
Бидејќи морално и политички беа формирани во едноумието, каде што по
сопственото мислење се одеше во ЦК, но и затоа што сè уште живееме
во еден авторитарен патријархален политички систем, можно е - ако
употребиме елементарна психоанализа, често волшебно ефикасна во
објаснувањето на политичките патологии - во случајот со врвот на ДА
да станува збор за комплексот на татковството. Незрелоста,
несериозноста и неодговорноста на Слободан Чашуле, на пример,
упутуваат во таа насока.
Љубчо Георгиевски, пак, е пример за себе во нашата живописна средина
на политички патологии. Неговиот небулозен говор од предолгиот и
всушност бесмислениот изборен спот на временската карта го лоцира
таму некаде кај Ѕинго и Слободан Чашуле, во полетните денови на
обновата од 1948-та, комплет со билдерите и еротизираните селанки од
спотовите на ВМРО-ДПМНЕ. Само времеплов го лови стрелките на
забеганиот компас на ВМРО-ДПМНЕ, забеган во секоја смисла: естетски,
етички, политички, најпосле и верски: бесрамно и безочно секојдневно
ја злоупотребуваат религијата, во асистенција со МРТВ, чијашто
мизерија прераснува во еден од главните општествени проблеми на
земјава, што, за жал - верскиот фундаментализам на МТВ - не го
забележува ниту блажениот Јакимовски од Советот за радиодифузија,
ниту Арбен Џафери (како симболички претставник во власта на барем
30% од населението со исламска вероисповед), ниту, на пример,
новопочениот колумнист на МТВ, Ѓунер Исмаил, како симбол за некаква
секулиризарана јавност. Деградацијата на МРТВ отиде толку далеку што
е време да се запалат сите алармни светла. МРТВ веќе не е само
политички туку и многу сериозен општествен проблем.
|