Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 65        # 67
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


66

ВПЕЧАТОЦИ ОД КАМПАЊАТА ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ

01.09.2000


Присуствуваме на необична изборна кампања: опозицијата е несоодветно жестока во реториката контра власта (со оглед на нејзината глувост за критики додека самата беше власт), а власта, пак, фанатично и до крв загледана во пленот и парите, во однос на опозицијата делува флегматично, пасивно и во суштина неподготвено за политичка борба.

Впечаток е, сепак, дека со овие локални избори демократијата во Македонија напредува, доколку не се случат непријатни изненадувања во последен миг (на пример, ВМРОвците да се испотепаат меѓу себе поради опојната и зашеметувачка реа од она што алчно го испограбаа за само година и пол владеење; на факторот „поделба на пленот” паѓаат како гангстерите така и политичарите). Но, велам, демократијата сепак напредува во смисла дека се развиваат, како-така и колку-толку, двете главни карактеристики на демократскиот систем: можноста за политички натпревар и тнр. општествена инклузивност (сфатена како степен на отвореност на политичкиот систем кон нови луѓе, нови идеи, кон циркулација и конкуренција).

Партиите на власта, ВМРО-ДПМНЕ и ДА, со моливите в заби (што има одредена фројдовска симболика) и скриени во глувчешка дупка го плаќаат цехот за лошата политика (но која сепак е само континуитет - со пар идиотски иновации - на многу лошата политика на кабинетите на Црвенковски). СДСМ, на крилјата на јавните сондажи, покажува сериозен одвишок на популизам и загрижувачка ароганција (Бучковски, на пример: толку е лут, тврд и без хумор што заплашува; ако сега е таков, што ли монструм ќе се изроди во меката длабочина на министерската фотелја!?). Загрижува и беневолентноста на медиумите блиски до СДСМ кон довчерашните лоши министри на ВМРО-ДПМНЕ (Кадиевски и Кљусев, пред сè, но и Стојменов и Трајанов); ако целта е по секоја цена да се разбие ДПМНЕ, без оглед на цената и последиците, тоа е мошне неодговорна политика, посебно со оглед на тоа што Љубчо Георгиевски, иако многу лош премиер, во реконструкциите на владата сепак направи неколку добри кадровски промени.

Меѓу помалите партии (што значи: сите други), најблед впечаток во досегашниот тек на кампањата покажува (исто така „моливската”) ЛП на Гуштеров. Претенциозна, идеолошки безлична (што се одразува низ сосема бесмисленото лого: Европа!? Што со тоа?!), ненасочена кон ниту еден општествен гласачки слој, ЛП може само да ја чека милоста на моќните за да ја приберат во власта; но на власта ЛП ù користи ко што кварцниот тен му користи на (во спотовите гротескниот) Гуштеров: нула, т.е. не ни користи туку одмага (тоа го сфати дури и - по статусни симболи залетаниот и занесениот - премиер; дури и за кутрите новоскороевци од ДПМНЕ Гуштеров делува дегутантно).

Повеќе очекувавме од ДС на Павле Трајанов, поради релативно новите лица и поради храброста да се излезе на изборите сам, вон комотниот но опасниот шинел на опозициониот блок (во кој потполно исчезнува СП на Ѕинго, а Марјановиќ со кловновскиот национализам ги губи и последните трошки кредибилитет). Но, за жал, Трајанов покажува дека е типичен полицаец: баш и нема сенс за политика, освен во нејзините најсоголени и најгруби форми. На пример, Трајанов во кампањата кусогледо ги обвинува локалните градоначалници за недомаќинско трошење, без да сфати дека локалната самоуправа во Македонија е системски обезвластена и лимитирана.

Меѓу кандидатите за градоначелник на Скопје, Пенов далеку отскокнува, меѓу другото и заради четиригодишното искуство, некомпромитираноста, но и поради јакиот ветар на СДСМ што му дува во грб.

Доколку Пенов успее не да стане градоначелник на Скопје туку да го промени политичкиот систем на земјава во насока на поголема власт за локалната самоуправа на сметка на метастазираната моќ на Владата - ќе стане значајна политичка фигура, дури и во историска смисла. Тоа се однесува и за секој друг политичар.

Затоа што клучниот проблем на земјава во моментов е: централизираноста. Тешкотијата тој да се реши произлегува од фактот што ниедна централна власт не сака да се откаже од моќта.

А токму во дифузноста на моќта лежи предноста на децентрализираното општество, во плурализмот, во стабилноста на „периферијата” во случај „центарот” да се дестабилизира, во релативизирањето на актуелниот политички однос на силите, во можноста, на крајот на краиштата, луѓето да решаваат за своите животи веќе во својата улица, во својата општина, а не пред скопските владини шалтери.

Пенов со својата тивка харизма, со толеранцијата, со упатеноста во работите, се чини дека навистина има шанса барем во Скопје да се избори за поголеми ингеренции, но битката треба да се избори за целата држава.