Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 64        # 66
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


65

ЕДНОПАРТИСКИ СИСТЕМ

28.07.2000


Дали Македонија има повеќепартиски политички систем? Можеби е престрого да се каже дека сè уште живееме во еднопартиска држава, но постојат многу причини кои упатуваат дека ние сè уште немаме ни повеќепартиски систем ни поделена извршна, законодавна и судска власт. ЕДНА партија се стреми да го контролира целокупниот општествен живот. Сè што не е во орбитата на владеачката партија има многу мали шанси да преживее, и оттаму лесното идеолошко пребојување на луѓето. Инакумислечките се прогласуваат за дисиденти во однос на државата (која се поистоветува со владеачката партија); нема сериозни независни, стручни или контролни институции.

На психолошки план, гледајќи ја опседнатоста на ВМРО-ДПМНЕ со комунизмот и комунистите, таа фатална негативна фасцинираност што како парадигма Љубчо му ја изразува на Бранко - пак човек добива впечаток дека станува збор за некакви фракционерски борби во рамките на една партија, бидејќи партиите ни се исцицани од каква било идеолошка содржина - постојат само богот Мамон, диктатот на западниот свет и националното прашање. Другото не е политика туку мижи асан да ти бајам, игра за несозреаните невладини и граѓански здруженија (кои, патем, исто така главно се опседнати со броење на парите).

Единствената навистина сбверзивна по постоечкиот едноумен систем идеолошка линија, онаа на либералното граѓанско општество, беше главен непријател и пред дваесет години, и сè уште е денес, кога нацијата и етничката припадност се единствените политички платформи во игра. (Пардон, ја заборавив опасноста од федерализација која премиерот, на само нему својствен т.е. никому јасен начин, ја поистоветува со реформата на државната управа.) Дури, денес е уште погротескна и помаргинализирана опцијата за граѓанско општество; наликува на идеализам и донкихотштина среде котелот на разгорени национални страсти.

Сè повеќе ни станува јасна проценката и прогнозата на малку подалекусежните политички аналитичари дека за елементарно консолидирање на демократијата потребни се барем пет-шест изборни циклуси. Гледајќи ја сегашнава политичка слика на нашата земја, прашање е дали и тогаш ќе имаме малку побогат политички живот (во смисла на квалитетна и разновидна понуда), вон прокрустовски тесните и заглупувачки рамки на сегашниов општествен миг.

Не е тешко да се пронајде клучниот виновник зошто Македонија во 2000-та психолошки и ментално наликува на СРМ од, да речеме, 1980-та. Фрустрацијата, неизживеаноста и вечното чувство на инфериорност (што не може да се скрие дури ни во трезорот на Бајо Паторот!) на ВМРО-ДПМНЕ, ја тераат земјава во регресија. Погледнете ги само темите со кои опсесивно се занимава портпаролот на партијата, момче од 23-4 години: Бугари-Македонци, гревови на комунистите, ревизија на историјата... Можете да замислите каков е тој стравотен дрил и опседнатост во врвовите на партијата кога еден клинец без речиси никакви посериозни перформанси за бавење со тие деликатни теми, мора да биде фрлен во мислечки шеми од 19-иот век, наместо да ја креира, заради младоста, сликата на Македонија за 21-иот век.

И уште еден важен фактор неумоливо и „носталгично” нè враќа кон некогашниот еднопартиски модел: партијата на Тупурковски, ДА, парадоксално (а всушност толку логично) папочно врзана со „жртвите на комунизмот” од ДПМНЕ. ДА просто е ризница од восочни фигури на „елитни комунисти” (во смисла: незаситни, бирократски, волунтаристички и спремни за какво било салто мортале што треба да се изведе по волја на Централниот комитет).

Понатаму (зошто земјава наликува на еднопартиска): начинот на кој (навистина отсекогаш - особено во светлината на сегашниве настани - ОДВРАТНАТА) МРТВ го проследи заминувањето на Лазар Колишевски, една од клучните фигури на поновата македонска историја - исто така зборува за кусогледоста, тапоглавоста и, над сè, за извонредно примитивниот дух кој преовладува во таа куќа, но кој, за жал, е индикатор и за состојбата на духот на целото општество. Па, на што наликува нетретирањето на историската улога на Колишевски ако не на најцрните периоди на комунистичкото самоволие!? Односот кон историјата и кон сопственото сеќавање не само што нè конституира како заедница туку е и срж на нашиот хуманитет. Па, што да очекува утре Борис Трајковски на МРТВ!? Ако вака медиумски се третира фигура 1000 пати потешка во историска смисла од сегашниот претседател, тогаш Борис Трајковски или Љубчо Георгиевски, утре-задутре, треба да ги натопиме во катран и пердуви и да ги пуштиме низ плоштад за МРТВ да може да ја пополни со „ведрина и хумор” четириесеттата минута од дневникот во кој претходните 39 биле резервирани за новиот кум над кумовите, Бранко Црвенковски?! За такви луѓе и такво чувство за држава, заедница, историја, нема друг збор освен - одвратно и гнасно.

Но, и покрај големиот труд, ВМРО-ДПМНЕ сепак нема доволно сила сите комплет да нè врати во нивните анахрони фрустрации. Времето и историјата одат, некаде побрзо, некаде на прескоци, некаде стравотно бавно - но одат.