Овој текст е продолжување на нашиот серијал „Графити приказни“, каде раскажуваме интересни приказни поврзани со создавањето на графитите, лични истории, филозофијата и реалноста на уличната уметност. Претходните текстови се „Графити на патот Пинтија-Драчево, за трајноста, привременото, уметноста и политиката“ и „Графит-приказна за Рајна Мичуринска“. Нашиот Гррфт магазин, графити магазин можете да го прочитате тука.
1994. Дискотеките се ин. Моите другари од средно киснат во кремаџиската „Копакабана“. Ние во „Мјузик Гарден“ се шуткаме на Sabotage на Beastie Boys. „МКЦ“ концерти. Чиста околина. The Boombix. Санаториум. Napalm Death. Во „МНТ“ Balanescu Quartet.

„Гимназија ЈБТ“. Ѕидот од нашата училница е исчкртан со потписи, како мини-графити. Застанувам пред ѕидот и набрзина пишувам. Соучениците се на бетонските огради од терасата. Џагорот од муабетот не сопира цел одмор.
Дома. Дремам пред телевизор и ја местам антената со часови. Една соголена жица која што ја пикам во дупката за кабелскиот приклучок на видеото. Слика со снег и шум. Македонија конечно добива своја Топ Листа Надреалиста, наречена К-15, вентил, смеа и опуштеност среде тешки времиња.
Филмот Clerks, без експлозии и брканици со коли, без скапи ефекти и површен сјај, едноставен муабет, смешен, искрен. Кевин Смит е цар, но Тарантино е крал. „Le Big-Mac,“ „Zed’s dead“ и „Ezekiel 25:17.“ Форест Гамп – американски сон наклукан на стероиди. „Трчај Форест, трчај!“

Трчам од „ЈБТ“, преку „Рекорд“, право до плоштадот, преку камениот мост на Вардар, покрај „Култура“ до „Табернакул“. Внатре е мирно. Продавачот и јас. Не влегува никој друг речиси цел час. Налетувам на „Маргина“ бр. 3. Виртуална реалност, Кибер-панк и вештачка интелигенција. На телевизија ја даваат серијата „Диви палми“, пост-апокалиптична технолошка иднина и виртуелна слобода. Или ропство? Кибер-панкери со дигитални маски зборуваат за иднината на интернетот. „Информацијата мора да биде слободна!“
И тогаш „Пред дождот“. „Дај ми ја пушката, ќе те кажам на вујко ми,“ вели еден лик. „Кажи му да ми го бричи со зелено џамче,“ одговара другиот. Раде. Шербеџија. Дознаваме дека кругот не е секогаш тркалезен. Погледнувам надвор. Темно е и премногу тивко. Густи облаци како чадот од „Филтер Југославија“. Пред дождот?

(Извадоци од романот „1 час и 30 минути“ Берт Стајн)
12 септември 1994. Македонскиот филм „Пред дожот“ освои Златен лав во Венеција. Филмот, што стана првиот македонски светски признат класик, имаше премиера на 5 септември 1994 на популарната Мостра, како што е познат најстариот филмски фестивал во светот.

„Пред дождот“ е вброен во 1.000 најдобри филмови во историјата од страна на „Њујорк тајмс“, а на фестивалот во Венеција една од паралелните награди беше именувана според мото на филмот „Кругот не е тркалезен“. Филмот е прикажан на над 100 фестивали, прикажан во редовна кино и тв-дистрибуција во над 50 земји на сите континенти. Во САД, реномираната „Крајтерион колекција“ го издаде видеото од филмот во едиција со класиците Бергман, Антониони, Тарковски, Бресон, итн. „Пред дождот“ се предава на стотици универзитети, а во Италија е дел од обавезната наставна програма во средните училишта. За филмот се објавени над 5.000 текстови на 50-на јазици во светските медиуми, а уште игра во кинотечните и фестивалските програми.

Во Кореја филмот се користеше во работни тетратки за изучување на англискиот јазик, а во САД и Полска за изучување на македонскиот. Во Фиренца се одржа меѓународна академска конференција посветена на филмот. Во Италија постои и вино крстено според филмот „Пред дождот“ и ресторан со истото име.

„’Пред дождот’ и по 25 години стои како уметничко дело што ечи низ годините. […] Еден од глумците во филмовите на Милчо е и градот Скопје. Овој град во неговите филмови се гледа онака како што е, а не како некој стиропорски, псевдо-барокен Дизни Лас Вегас. Баш 25-годишнината на ‘Пред дождот’ ни дава прилика да размислиме што се случило со Скопје и што сѐ уште се случува…“ од обраќањето на Академик проф. д-р Виктор Фридман при одбележувањето 25 години „Пред дождот“ во МАНУ во 2019.
„Кога ПРЕД ДОЖДОТ во 1994 година го освои Златниот лав, тоа беше првпат македонско дело не само да учествува рамноправно во светска конкуренција, ами и да победи. Многу ретко се случило малечката Македонија во светот да ја сметаат за рамна на себе, а – што е уште поретко – и ние самите така да се почувствуваме. Тој громогласен аплауз со кој светот ги прими филмовите на Манчевски за нас не беше само сплотувачки фактор, туку и извор на самодоверба и на национално самочувство“, Марина Костова за 25-годишнината од „Пред дождот“.

„Од оваа перспектива, тоа беше повеќе од архивирање и документирање на успехот на еден филм. Тоа прерасна во архивирање и документирање на етаблирањето на една млада земја на светската мапа, проследено со громогласниот аплауз што ‘Пред дождот’ го доби во светот“ –
Марина Костова на промоцијата на мапата со постери за „Пред дождот“ во светот во Кинотеката. (За повеќе инфо текстот: „25 ГОДИНИ ОД ПРЕД ДОЖДОТ – ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ СВЕТСКИ ПРИЗНАТ КЛАСИК“ на Марина Костова).

Фотките во текстов се од Скопје инсирирани од филмот „Пред дождот“ кои ги добивме благодарение на Марина Костова.