Додека талкам низ скопските улички во потрага по графити за арно.мк и групата графит.мк, едно име се издвојува со прецизност, колорит и страст – Зорк. Неговите тродимензионални букви како да скокаат од ѕидот со колорит што го привлекува погледот. По случајното откривање на неговиот профил и неочекуваната отвореност за разговор, ја откривам приказната на еден од најталентираните претставници на третата генерација скопски графити уметници – човек кој своите архитектонски знаења ги претвора во улична уметност и кој, и покрај техничката супериорност, останува пријателски настроен кон заедницата.
Зошто секој момент на прошетка го користам за сликање графити? Не знам точно. Можеби затоа што не скокам со падобран, не кршам брзински рекорди на трки и не се спуштам низ водопади со кајак. Моето мало адреналинско искуство е да идентификувам локација каде има графити, да влезам во често запуштен простор, да ги документирам и да пишувам за нив. Има нешто во самиот чин на откривање, можеби блага доза на откривачка радост што нешто скриено пред очите на секојдневните минувачи, јас го забележувам, ценам и документирам.
Во тие мои патешествија низ Скопје, низ споредни улички и запуштени фабрики, напуштени градби и кејот на Вардар, подземни премини, заборавени тунели и сè друго што градот ми го нуди како урбано платно, едно име сè повеќе почна да ми привлекува внимание – Зорк.
„Дечкото“ со најдобриот fill во градов, уметникот кој знае да создаде волумен и перспектива, тој што знае да ја помеша бојата и да избере палета ко македонски DAIM или Digital DOES. Не сум цртач или графити артист… но, како дел од алтернативната култура во СК/МК од 90-тите, сепак знам што е убаво и вредно да се документира во културата и уметноста за да го испитаме пулсот на еден град – и дали воопшто го има или е само жив мртовец?…
И токму тие дела на ЗОРК постојано ми го привлекуваат погледот. Неговите букви како да скокаат од ѕидот. Има нешто во тие остри геометриски форми, тој дуел на бои, тие ретко прецизни линии… просто те тераат да ги забележиш и да застанеш.
Имам архивирано десетици негови графити, неговите дела веќе зборуваат за него, но секогаш ме интересирало – кој е овој човек? Во графити сцената има секакви ликови. Некои се ептен загреани за таа субкултура и начин на живот, други се уметнички души кои едноставно се пронашле на ѕидот, трети се бунтовници кои сакаат да оставаат траги на „забранети“ места… Кој е Зорк?
Еден ден, случајно налетав на неговиот профил на Фејсбук и си реков – ајде да му пишам. Свесен дека уметничките души знаат да бидат чудни, повлечени и претпазливи (особено кога се работи за нелегални активности!), сепак ја напишав пораката. Зорк ми одговори љубезно и со почит.
Тој е дел од она што условно го нарекуваме „трета генерација графити цртачи во Скопје“. Генерацијата што порасна со интернет, со Јутјуб туторијали и постојан пристап до сите светски графити сцени, музика, идеи и концепти. Генерацијата што не мора да чека видеокасета од некој роднина од странство за да лови трендови и да учи. Генерацијата што учи брзо, се развива динамично и е отворена кон светот.
Мислам дека тоа е и причината што ми одговори толку брзо и беше волен да направиме интервју за арно.мк. И не само тоа – тој искрено ни се заблагодари за интересот и за трудот околу архивирањето на сцената. Современата графити генерација е поотворена, поподготвена да сподели искуство и знаење со другите.
Пред да се нурнеме во светот на ЗОРК, погледнете го неговиот инстаграм профил!
Се потпишуваш како Зорк, Zork и Zork31, од каде потекнува името и додавката „31“.
Пред 15тина години експериментиравме со имиња кои ги смислувавме со другарите и ги правевме нашите први обиди за тагови. После неколку неуспешни псевдоними еден од моите другари ми предложи да го пробам името Zork. Уште од првиот пат кога го чув ми легна од причини кои и сам не ги знам, и го немам променето од тогаш. Со текот на годините се повеќе и повеќе го користам до степен што денес голем дел од луѓето кои ме познаваат ми се обраќаат со прекарот Зорк.
Додатокот 31 е како што би рекол Bob Ross – “Happy Accident”. Произлезе како додаток на крајот од тагот кој своевремено секој сакаше да го има, а мене лично ме инспирираше Jazz83. Со текот на времето си го имам рационализирано како обратно од 13 – односно среќен број.
Сме ве сретнале заедно со Pack потпишани како FAT BOYS (на легалниот ѕид во Пинтија, во близина на Зоолошка и на некои други места), дали со тоа име се потпишувате вие двајца? Дали си дел од некоја друга екипа?
Јас и мојот драг пријател Раск се потпишавме така како шега на наша сметка, бидејќи и двајцата сме љубители на скара и пиво, а тоа се одразува на нашиот изглед 🙂 Fat Boys не е графити екипа, туку опис на луѓето позади таговите. Во однос на екипите, никогаш не сум бил член на некоја сериозна екипа за цртање, ниту пак сум нешто многу отворен за таа идеја бидејќи генерално преферирам да цртам сам.
Во разговорот со Зипер, тој те спомна помеѓу најдобрите цртачи во МК кој многу го почитува, и како некој кој му давал сугестии како да се подобри. Од друга страна кај некои цртачи сме осетиле извесна доза себичност, надменост, дека не ги почитуваат другите цртачи… можеби тоа е и дел од самиот „занает“, ако си го тагираш името насекаде низ град, мора да си по малку „его-трип“… или не? Кое е твоето гледиште?
Секако дека има одредено его помеѓу цртачите, сепак нашиот псевдоним е дел од нашиот идентитет и секој непочит се сфаќа лично. Јас се стремам да немам некој проблем со други цртачи и ги поддржувам и ги ценам сите нив и нивните трудови бидејќи сметам дека сите ние сме дел од една иста заедница.
Пред извесно време правевме „Графити времеплов“. Да се документира и систематизира една неформална сцена е многу тешко. Не го сметаме нашиот плакат за завршен и планираме во иднина да го доработуваме, зашто секогаш дознаваме нешто ново. Еве, на пример тебе како Зорк те ставивме во цртачите кои се појавиле по 2015 година (условно кажано „третата генерација“), но во приватен разговор ни кажа дека се почнал уште порано. Кажи ни нешто повеќе за тоа.
Почетоците на моите графити денови се уште од 2010-2011 година со името Зорк, меѓутоа околу 2014 година почнав посериозно да се бавам со цртање графити, односно да цртам големи фул колор парчиња, да конзумирам графити медиуми, да снимам видеа и да ги прикачувам на Youtube, да ширам познанства и да цртам со луѓе низ Скопје и пошироко. Дополнителна улога во мојот развој претставува отварањето на графити шоп Хром каде што имав шанса да запознаам многу претставници од домашната сцена, како и странски цртачи од кои научив многу за графитите, за музика, култура но и за животот. По 2021 година се најдов во својот нај активен период досега бидејќи имам доволно слободно време и ресурси да се фокусирам на својата пасија.
Твоите дела се геометриски, со одлично познавање на перспективата и давање тродимензионалност на буквите, колоритот е беспрекорен. Искрено, од многуте графити во Скопје, твоите ни се помеѓу омилените и ги сметаме за технички одлични! На што се должи твојата вештина во цртањето?
Пред се, Trial and Error. Неопходно е експериментирање за да се пронајде сопствениот стил и да се унапредува и надградува безмилосно. Стилот е нешто што еволуира како што еволуира самата индивидуа. Исто така, од огромна помош ми биле моите другари со кои сме разменувале идеи, мислења како и “финти” на занаетот кои ни ја олеснуваат работата и не прават повешти.
Дополнително, користењето на референтни примери од домашната сцена и од странство знае да биде доста корисно, Меѓутоа тоа не смее да биде бледа копија туку да служи како инспирација. Вутар еднаш ми рече “Не треба коа глеаш парче да си викаш ми се сфиѓа, него да се прашаш зошто ми се сфиѓа, шо праи он да ме привлече? ”.
Дали имаш формално уметничко образование? Со што се занимаваш освен со цртањето?
Па, и да и не 🙂 По професија сум архитект, и за време на студиите изучував ликовна уметност, пластично обликување, историја на архитектурата и уметноста, перспектива и други предмети кои ми помогнаа да си ги надградам вештините на повисоко ниво. Дополнително се бавам со графички дизајн, 3д моделирање, партерен дизајн, а во последно време цртам и уметнички платна.
Кои ти се омилените места за цртање во или надвор од Скопје?
Генерално немам некоја преференца. Кога излагам да цртам имам 1-2 места кои од претходно сум ги определил како добри опции за цртање и цртам се друго што можам по пат. Би сакал да нацртам графит во секој поголем град низ МК. Тоа е мојата наредна цел.
Кои се твоите омилени македонски и светски цртачи? Што мислиш за македонската графити сцена денес?
За графити сцената не би сакал многу да коментирам, едноставно сметам дека во минатото била многу подобра и дека нема многу активни цртачи моментално кои продуцираат квалитетни графити. Дополнително мал е и бројот на млади цртачи кои аспирираат да еден ден бидат сериозен дел од сцената.
Според мене периодот од 2008 до 2012 година е од огромна важност за графитите во МК, бидејќи носењето на Sabotaz спреевите во Макохемик и потоа отварањето на Графити Шоп Хром во 2010 година служат како катализатор за сцената. Материјалите кои условно преку ноќ стануваат достапни во изобилие овозможуваат побрз напредок на вештините на цртачите во тоа време и како резултат на тоа произлегуваат според мене основоположниците на денешната современа графити сцена. Дополнително сцената од тогаш до околу 2023-2024 година беше релативно стабилна со бројот на редовни цртачи и млади дечки и девојки кои покажуваа интерес, меѓутоа во втората половина на 2024 година драстично опадна интересот за графитите на глобално ниво и со тоа и кај нас.
На Зипер му го имаш препорачано култниот филм „Style Wars“. Имаш ли некоја препорака за нас или за нашите читатели – некој филм за графити културата кој не треба да го пропуштиме? Кој соундтрак е добар како графити подлога?
Понатаму, би работел на усовршување на своите вештини, би се фокусирал повеќе на изработување комплицирани парчиња и целосни продукции. Дополнително би сакал да цртам повеќе платна и помали формати бидејќи сметам дека има вредност во нив како уметнички дела.