Зелена пластика: како најлонската кеса се врати со благослов на законот

Во маркетите низ Македонија од неодамна се појавија нов тип пластични кеси – подебели, со сјајна структура и со натпис „за повеќекратна употреба“. Често се продаваат за 5 до 8 денари, без никаква ознака дека се биоразградливи. Се среќаваат во КАМ, Стокомак, Рептил, Зур и други маркети. Единствениот аргумент зад оваа ознака е дека се „над 50 микрони“ дебелина – што според најновата измена на Правилникот за стандардите за биоразградливост, ги иззема од обврската да исполнуваат еколошки стандарди и да се наплаќаат 15 денари.

Иако член 10 став 1 од Законот за управување со пакување и отпад од пакување наизглед забранува пуштање на сите пластични кеси во промет, подзаконскиот Правилник (член 2, изменет со Службен весник 112/2023) го прецизира опсегот на кеси што се сметаат за „кеси за носење на стоки“ – и ги ограничува само на оние со дебелина од 15 до 50 микрони. Со тоа, кесите под 15 микрони и над 50 микрони практично се изземени од стандардите за биоразградливост, што значи дека трговците легално смеат да ги продаваат без исполнување на какви било еколошки критериуми.

Во оваа нова правна рамка, продавниците добија зелено светло да пласираат обични пластични кеси со ознаки што оставаат впечаток на „еко“ производ, иако тие кеси не се ниту сертифицирани, ниту реално долготрајни или одржливи. Според која здрава логика овој натпис ја трга кесата од обврската да биде биоразградлива или да се наплаќа како таква, кога суштински таа не се разликува од стандардната најлонска кеса? Ниту по материјал, ниту по начинот на користење, таа не е еколошка. Во пракса, ваквите кеси најчесто се користат еднаш или двапати – а потоа завршуваат во природата, каде ќе траат со децении.

Во текстот „Кесите се враќаат дома: ‘еколошка’ лага за 5 денари“ веќе детално ги прегладавме видовите кеси што денес се нудат во маркетите и што точно стои на нивните декларации.

Дополнително, и самата „биоразградливост“ во Македонија е маркетиншки трик – речиси сите такви кеси се изработени со оксо-адитиви, кои не се компостабилни и оставаат микропластика, што ги прави уште поопасни за животната средина.

МаркетТип на кесаМатеријалЦенаОзнаки/Стандарди
КАМПластична, над 50 микрони100% полиетилен (PEVG)5 денари♻ HDPE, ISO 14021
СтокомакПластична, над 50 микрониПолиетилен8 денариНема стандард, порака: „Се грижиме за природата“
РептилПластична, над 50 микрониPEVG5 денариISO 14021
ЗурПластична, над 50 микрониPEVG5 денариISO 14021
Веро*Оксо-разградлива (Reverte)Полиетилен со адитив Reverte10 денариISO 14021
ЖитоОксо-разградлива (Reverte)Полиетилен со адитив Reverte10 денариISO 14021
РамсторХартиена кеса / пластична торбаХартија / ткаенина9 ден. (хартија) / 40 ден. (торба)Нема

Веро е единствен маркет кој има и вистински биоразградливи кеси. Проблемот е дека истите се продаваат веднаш до „лажните“ и дека тие се поевтини.


Здружението Помалку пластика: „Со глупавиот Правилник кесите не се забранети“

Од здружението „Помалку пластика“, кое води едукативни кампањи против прекумерната употреба на пластика, велат:

„Ги водат како реупотребливи, демек со дебелина на ѕидот над 50 микрони. Првпат ги видовме во Зур, 5 денари се. Еве сега се прошириле и во другите маркети… Со глупавиот Правилник не само што не се забранети оние под 15 и над 50 микрони, туку за нив не важат ни стандардите за биоразградливост ниту цената од 15 денари. Толку ја „штитат“ животната средина

Забелешката се однесува на постоечкиот Правилник за биоразградливост, кој ја дефинира примената на стандардите само за кеси од 15 до 50 микрони, и тоа само доколку се користат за широка потрошувачка.

Со тоа, кеси под 15 микрони (за овошје и месо) и над 50 микрони (т.н. „реупотребливи“) се изземени од секој вид регулација. Тие не мора да бидат биоразградливи, не се контролирани, и не се наплатуваат со задолжителниот надомест од 15 денари.

Групата Кеса не, благодарам. Торба си носам!, една од заедниците кои активно се застапуваа за законот за забрана на пластичните кеси започна и герила кампања на темата наречена „Не пиеме нафта“ која преку игра со зборови сака да укаже дека граѓаните не се наивни и дека бараат почитување на ЕУ стандардите.

Разликата помеѓу торба и кеса

Иако и „платнените“ торби што често се користат како еколошка алтернатива се всушност изработени од синтетички материјали како полиестер, постојат неколку суштински разлики. Во групата Кеса не, благодарам. Торба си носам! се потенцирани тие разлики. Торбите од платно или полиестер можат да се користат стотици пати без да се кинат или деформираат. Лесно се перат, се виткаат, и удобни се за носење. Тие не се дизајнирани за една употреба и не се фрлаат веднаш. Од друга страна, овие нови „реупотребливи“ кеси, кои „преќутно“ се вратија во маркетите, се направени од полиетилен, и често се користат само еднаш. Не се перат и не се наменети за вистинска долгорочна употреба. Формата им е незгодна, шушкаат и се крути, не можат да се носат во ташна, џеб или ранец, а трајноста им е ограничена.

Со други зборови, иако формално се декларираат како „реупотребливи“, тие во суштина претставуваат само подебела верзија на старата, забранета кеса. Тоа е маркетиншка трансформација, а не функционална еволуција.

Што правиме со биоразградливите кеси?

Истовремено, во маркетите сѐ уште можат да се најдат и кеси обележани како „биоразградливи“. Но, проблемот со нив е уште посложен. Повеќето од овие кеси користат т.н. оксо-адитиви – хемиски супстанци кои ја предизвикуваат фрагментацијата на пластиката во мали честички. Ќе ги препознаете по ознаката Reverte, што не е некој еколошки стандард или бренд, туку адитивот за побрзо распаѓање на пластиката. Тоа не значи дека кесата исчезнува, туку само дека се распаѓа на микропластика, која е уште потешко контролирана и подолготрајно присутна во природата.

Иако Законот за управување со отпад од пакување (член 13, став 4) јасно наведува дека оксо-разградливите кеси не се сметаат за биоразградливи, овие производи и натаму се наоѓаат на пазарот и го носат тоа име!

Производителите се повикуваат на стандардот ISO 14021, кој дозволува самодекларативно тврдење – без потреба од независна проверка. Тоа значи дека ако производителот самиот напише дека кесата е „еко“, тоа се прифаќа, без последици. За биоразградливите кеси треба да се почитува европскиот стандард EN 13432, кој се имплицира во нашиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување, каде што стои:

„Пакувањето што е произведено од биоразградливи материјали мора да биде изработено на таков начин што… поголемиот дел од завршниот компост ќе се разградува во јаглерод диоксид, биомаса и вода. Во смисла на оваа точка, оксо-разградливото пластично пакување не се смета за биоразградливо.

Според тоа кога на оксо-разградлива кеса пишува „биоразградлива“ станува збор за јасно кршење на законот.

Обид за институционална реакција – и институционално одбивање

Во 2023 година, здружението „Помалку пластика“ поднесе претставка до Уставниот суд, оспорувајќи го делот од Правилникот кој ги ограничува обврските за биоразградливост само на кеси од 15 до 50 микрони и ја исклучува огромна група на производи. Претставката аргументираше дека министерот за животна средина отишол надвор од своите овластувања, креирајќи исклучоци без реална правна основа.

Но на 12 септември 2024, Уставниот суд ја одби иницијативата. Во решението под У.бр.86/2023, Судот оцени дека министерот не излегол надвор од своите овластувања и дека деталната класификација на кесите е во согласност со европските директиви, конкретно со Директивата 2015/720 на ЕУ, која дозволува земјите да ги таргетираат најзагадувачките видови пластика – т.е. лесните и многу лесните пластични кеси.

Со оваа одлука, правно се потврди сегашната регулатива во која само една многу ограничена група кеси подлежат на стандарди, додека сите други остануваат надвор од системот – без наплата, без контрола, без надзор.

Заклучок: зелена пластика!?

Она што денес се продава како „еко кеса“ во македонските маркети е често само ефтин маркетиншки трик. Кесите не се биоразградливи, не се вистински реупотребливи и не се под надзор. Институциите не ги санкционираат производителите, трговците не се транспарентни, а потрошувачите немаат реален избор.

Додека граѓаните плаќаат 15 денари за една кеса со „стандард“, неколку чекори подалеку може да се најде иста кеса за 5 денари – но без обврска за стандард, без евиденција, и без гаранција дека е еколошки прифатлива. Тоа создава не само еколошка, туку и правна и пазарна неправда.

Потребна е поцврста дефиниција за тоа што значи „еко кеса“. Не смее да зависи од микрони, туку од суштината: дали навистина не загадува, дали може да се користи долгорочно, дали има проверен сертификат.

Сè додека системот функционира на база на дупки и исклучоци, граѓаните ќе продолжат да живеат во еко-заблуда – платена со сопствени пари и со цената на околината.

Додека законот остава простор за вакви манипулации, борбата против пластиката останува фарса.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *