Временска капсула: нова група на Арно.мк како архива на колективната меморија

Дали знаете дека во 1973 година еден скопски директор успеал да украде и да продаде цел железен мост од 500 тони во населбата Острово? Дали ви се верува дека сообраќајната „милиција“ некогаш запирала возила не за да казни, туку за да чести бесплатна „Кокта“ и „Јупи“? Се сеќавате ли на времето кога еден патник го киднапирал автобусот број 7 сосе патниците!?

Ова не се сценарија за филм . Ова е нашата историја, запишана на пожолтените страници на весниците, а потоа заборавена во подрумите.

Добредојдовте во Временска капсула – официјалната група на Арно.мк и вашиот нов дигитален дом за урбана археологија.

За првата операција на отворено срце, пишува „Нова Македонија“ од 1973 година.

Што претставува оваа група?

Ова не е само место за носталгија и „леле, арно беше…“ времиња. Ова е сериозен обид да се систематизира колективната меморија.

Историјата не е само во учебниците. Таа е скриена во ситните огласи, во цените на лебот, во ТВ програмата од сабота навечер, во изгледот на амбалажата на млекото. Тие фрагменти ни кажуваат повеќе за тоа како сме живееле од која било голема политичка анализа. Со овој „проект“ (не грижете се никој не нѐ плаќа за ова) се обидуваме да ја ревитализираме историјaта на популарната култура, која кај нас речиси и да не постои.

Партизанска била опасна и во 1970-тите! Дали „Безбеден град“ е лекот?

Тука собираме:

  • Изгубени топоними: Кафеаните што станале банки, корзата што станале паркинзи.
  • Заборавени навики: Редиците за индекси пред „Путник“, купувањето на кредит, растечката инфлација од 1989 година.
  • Културолошки феномени: Што се слушало, што се гледало, што се јадело и како се (пре)живувало.

Понекогаш ги реставрираме фотографиите од исечоците, за да добиеме појасна слика за настаните и времето.

Реставрација на фотографијата од исечокот со помош на АИ

Од исечок до анализа на Арно.мк

Зошто го правиме ова? Затоа што овие податоци се расфрлани и неповрзани.Нашата цел е од вашите објави да црпиме инспирација за длабинските анализи на порталот Арно.мк.

Она што за вас е само смешна стара реклама, за нас е повод да напишеме текст за потрошувачката култура во Југославија. Еден обичен курс на марката од 1989 година е основа за економска анализа на распадот (пред распадот).

Телевизиска програма од 1973 година: сме гледале и Вимблдон и Бошко Буха, цртани во 19:45, партизански филмовии и фестивалска музика, а „ТВ Дневник“ се викал „ТВ Весник“ (благодариме на Valdamarr Sveinaldsson)!

Вашите исечоци се суровината од која ја градиме големата слика за нашето минато – за да разбереме каде сме денес.

Вклучете се во копањето!

Ве повикуваме да станете активни архивари. Отворете ги старите албуми, кутиите со документи од баба и дедо, прашливите папки на таван, купчињата стари весници.

Споделете исечок, фотографија или документ. Не бараме само „големи“ настани. Бараме секојдневие.

Слободно постирајте и коментирајте. Можеби токму вашиот исечок објавен во оваа група ќе нè инспирира за следниот голем истражувачки текст на Арно!

Влезете во капсулата. Да го сочуваме она што времето сака да го избрише. Посетете ги ФБ групата Временска капсула и истоимената категорија на Арно.мк.


Групата на ФБ ја водат Бранко Прља (главен уредник на Арно.мк) и Златко Ангелески (уредник на ВБУ музички регистар и oldprilep.com)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *