Водно над маглата: дневник на еден задишан оптимист

Еден маглив Скопски ден го допрев дното… здравствената состојба ме натера да се одлепам од столчето и од екранот – и да планинарам! Да, добро слушнавте. Но, како се случи тоа?

Матичниот лекар, тој садист во бел мантил, ми мавна со резултатите од крвната слика како со смртна пресуда. “Холестерол двеста, триглицериди триста – или почнуваш да вежбаш или отиде!” И така, по препорака на еден пријател, наречен Давор – фанатик по здрав живот од средовечна генерација скопски мутанти – се најдов во оваа трагикомедија.

Седевме во рок бар „Круг“, пиејќи кафе ко некои дегенерици (наместо пиво ко рокери), демек од медицински причини – кога стомакот те тера на компромиси, немаш многу избор. Што да очекуваш во град каде што има повеќе живи пензионери од југословенската ера отколку здрави млади луѓе? Сите ние, преживеани од транзицискиот масакр, се влечеме низ животот како зомбија на диета – без мозоци молам!

„Каде бе, по асфалт?“ рипна Давор кога му кажав за мојот план за искачување на монументалната планина Водно – небаре е Хималаите! „Фати си го Тасиното патче!“ извика тој, како некој планински пророк, демек знае нешто што јас не знам.

И така, еве ме, се пробивам низ скопската магла со мојата верна сива Шкода. Се качувам накај Средно Водно, мислејќи дека сум попаметен од маглата. Каква заблуда! Горе беше уште полошо – како да влегуваш во некој од круговите на Дантевиот пекол. Ни Ново Лисиче, мојот дом, тој гето-инкубатор на источниот рап, нема толку загаден воздух. Од Чиста Околина до Токсикологија – Ново Лисиче будаало! – имињата не лажат во оваа искривена реалност.

Ме фаќа некоја јанѕа. „Јас сум скопјанец, по ѓаволите!“ си велам себеси како некоја мантра. „Немам гајле, Водно ли ќе ме плаши? Како дете стопати сум го качил!“ Каква самозалажувачка глупост! Тоа дете одамна умре во канцелариите на транзицијата.

И така си тргнав, вооружен со апликација за планинарење – како божем GPS ќе ме спаси од оваа маглена апокалипса. Запалив една цигара – за патот полесно да тргне. Господе боже, каква заблуда! Не поминаа ни пет минути, а од мене течеа Пехчевските водопади, небаре Негрево плаче по мене! Душа испуштив како последен грешник во чистилиште!

А се сеќавам кога бевме пред година дена со Давор – Херкул на здравиот живот, демек искусен планинар. А јас, експерт за канцелариско седење, некако го спичив патот без капка пот. „До килажата е“ се правдаше тој, како да има некаква врска што тој е тешка категорија, а јас ко пресушено гранче од планински бор. Што друго да очекуваш од црногорец по потекло, на планини пораснат, во Сараево калемен… Чекај, нели бев скопјанец? Ах, тоа е друга приказна…

Патот? Каков пат! Ова беше полигон за тестирање на човечката издржливост. Калта како да ја замесиле ѓаволите лично. Давор, тој садист, намерно не ми кажа да облечам планинарски кондури, а ја по патичиња – сакаше сеир да слуша како се мачам, знам! Е па, од инат сега морам да продолжам, макар и да цркнам на оваа проклета патека!

Стани-тргни, ко Голф кец на угорница зиме. А маглата? Каква магла! Колку повеќе се качував, толку погуста стануваше, Лас Вегас во пожар не видел вакви црнила. Соблеков сè од себе, останав по кратки ракави во јануари, а пак се давев во пот. Подмаицата? Како да пливав во Вардар со неа!

Жичарата се слушаше некаде во маглата како звук од друг свет. Крстот горе се појавуваше и исчезнуваше како некое религиозно привидение што ми се потсмева. Што повеќе се качував, толку повеќе патеката се претвораше во снежна идила од седмиот замрзнат круг на пеколот.

И така, пет минути „одење“, пет минути пауза – како некој механички пингвин со истрошени батерии. На секои три чекори вадев телефон, божем да сликам магла. Праќав фотки дома како да сум на некоја хималајска експедиција. А луѓето околу мене? Минуваа како професионални планинари, гледајќи ме сожаливо ил’ со потсмев – црвен во лице како македонски домат во август, се преправам дека барам музика на телефонот.

„Добар ден! Убаво време, нели?“ извикуваа минувачите со садистичка љубезност. Тоа е проклетото непишано правило на планина – мора да се поздравиш со секој, дури и кога душа испушташ. А јас им одговарав со гримаса што требаше да личи на насмевка, мрморејќи нешто за „кој има кондиција нека оди, кој нема – нека одмора“.

А кога ме претекнаа две баби со планинарски стапови, знаев дека сум го допрел дното. „ММЕ, морам да забрзам!“ си викам ко некој мотивиран Расколников, а срцето ми чука како барабан во ушите, па во петиците, и обратно. Пулсот? Да имав мерач, ќе експлодираше од срам!

И така, нишајќи се како патка во невреме, некако стигнав до врвот. А горе? Каква иронија – ни трага од магла! Застанав и погледнав накај мојот град, тоа парче историја низ која минале освојувачи и останале освоените, до каде што допира погледот, десно – Јустинијана Прима, лево – Скупи, в средина реалност, бол и јад.

Застанав и ги раширив рацете, каква-таква, рид ил’ планина, ја освоив. Моментот на Роки на скалите во Филаделфија ми се појави во главата и нормално го споделив истото на Фејсбук – нека гледаат бабите! Наместо Rocky Theme во позадина се слушаше само моето тешко дишење и звукот на распаѓање на мојата последна трошка достоинство.

Победив, демек. Ама кого и што?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *