Vagabundler во Скопје: македонската графити сцена на светската мапа

Има градови што зборуваат гласно – преку плоштади, фасади и официјални споменици. Има и градови што зборуваат тивко – преку траги од боја, преку тагови на ѕид, преку спонтани слоеви што не се наменети за туристички брошури. Скопје припаѓа на оваа втора категорија. Неговата вистинска урбана меморија не се чита само од учебници, туку и на бојата што се лупи, во слојот што е пребоен, во тагот што опстојува меѓу изборни пароли и бетонското сивило.

Токму таму, во таа неофицијална топографија на градот, се појавува Vagabundler – не како случаен минувач, туку како внимателен читател. Како архивар на сегашноста. Како тивок хроничар на урбаната поетика.

Vagabundler не е туристички блог. Тој е чудесна мешавина од патепис, визуелна археологија и љубов кон уметноста што се раѓа надвор од галериите. Платформа основана во Германија што доброволно и со посветеност го документира пулсот на алтернативните сцени низ светот, со почит кон уметниците и свест за културниот контекст во кој тие создаваат.

Скопје низ објективот на еден странец

На почетокот на октомври, Günther Michels од Vagabundler пристигна во Скопје со камера, тетратка и тивко љубопитство. Резултатот: повеќе од 7.500 фотографии, внимателно собрани од маала, улички, периферии и места што ретко се репрезентираат во официјалните слики за градот. Во моментот, повеќе од 2.800 фотографии се веќе онлајн, мапирани и достапни за јавноста – како дигитален дневник на визуелната душа на Скопје.

Секој маркер на мапата не е само точка – туку влез во еден микроуниверзум на боја и стил. Нешто што не трае вечно, но благодарение на ваквиот пристап добива втор живот: оној на меморијата.

Паралелно со визуелната документација, реализирани се и 12 интервјуа со локални уметници, од кои шест веќе се објавени. Овие разговори не се само прашања и одговори – туку сведоштва за генерации што создаваат без слава, но со внатрешен порив.

Интервјуата како жив документ на сцената

Посебно место во оваа посета на Vagabundler ѝ припаѓа на серијата интервјуа со скопските улични цртачи, разговори што не се сведуваат само на биографии и техники, туку функционираат како интимни мапи на нивните патишта низ бетонската меморија на градот. Преку гласовите на Ashe, Drash, Miks, Smooth, Rask и Zork, Скопје се појавува не како случаен простор за цртање, туку како жив организам, како симбиотски однос меѓу ѕидот и раката, меѓу ноќта и бојата.

Се зборува за првите евтини спрејови и првите несигурни линии, за влијанието на локалните екипи, за значењето на Графити Шоп Хром, како културно јадро, за ноќните акции и утринските прошетки низ сопствените траги. Се отвора и подлабока тема: односот меѓу легалното и илегалното, помеѓу уметноста и вандализмот, помеѓу личниот израз и јавниот простор.

Аудио интервјуата можете да ги најдете тука.

Во разговорот со Vagabundler, ASHE се открива како автор што минува од импулсивниот адреналин на „бомбингот“ кон зрел, внимателно осмислен визуелен јазик. Тој зборува за графитите како простор на лична катарза и психолошко прочистување, за процесот како медитација и за постојаната борба со ограничените услови на локалната сцена – од недостиг на материјали до малкуте легални ѕидови. Неговиот израз се гради меѓу инстинктот и свесната естетика, како интимен, но моќен глас што го освојува урбаниот простор.

SMOOTH го носи својот графити сензибилитет од ѕидот кон кожата, градејќи јасно препознатлив lettering стил инспириран од калиграфија и chicano естетика. Неговиот пат од спортот кон уметноста е приказна за дисциплина, трансформација и посветеност, а неговата улога во Nameless Tattoo Studio ја потврдува вредноста на колективниот дух на сцената. Преку него, графитите се читаат како начин на визуелно ослободување на градот од неговата монотонија.

RASK се издвојува како доследен writer, целосно посветен на буквата како суштина на графити изразот. Поттикнат од рап културата и вибрациите на Getting Up, тој ја гледа улицата како простор за визуелно ослободување на сивото Скопје, каде бојата станува став и присуство. Неговата позиција е јасна – буквите се вечни, а графитите се начин да си го присвоиш градот и да му дадеш сопствен ритам.

MIKS е прикажан како автор што природно ги спојува графитите, тетоважата, илустрацијата и музиката во единствен креативен организам. Неговиот пат води од скејт културата и хип-хопот до ѕидовите на Скопје, од карактери кон комплексен личен стил во кој буквите и ликовите коегзистираат. Преку неговиот глас се отвора сликата за сцена што функционира како герилска, солидарна мрежа, каде уметноста е истовремено страст, идентитет и стратегија за опстанок.

ZORK зборува од позиција на автор што останува верен на суштината на графитите – буквата, тагот и handstyle-от како чиста форма на урбан израз. Неговата игра помеѓу кирилица и латиница, стил и анти-стил, ја покажува длабоката свест за графитите како култура, а не само визуелна декорација. Интервјуто ја истакнува и улогата на Графити Шоп Хром како точка на кондензација на сцената, додека неговиот став јасно ги позиционира графитите како естетски отпор кон сивилото и комерцијалната инвазија на градот.

Интервјуто со DRASH го прикажува како столб на скопската сцена – автор што од буквите создава ликови, а од ѕидовите наративи. Тој зборува за графитите како жива форма што ја омекнува постапокалиптичната слика на градот и му дава боја, глас и човечност. Преку неговата посветеност на проекти како „Бушава азбука“ и Спреј Град, DRASH се позиционира не само како цртач, туку како чувар на културна меморија и градски идентитет.

Arno.mk: внатрешниот глас на една сцена

Додека Vagabundler ја поставува скопската сцена на светската мапа, Arno.mk со години ја чита одвнатре – како хроничар што не само што бележи, туку и толкува. Нашиот пристап е внимателно аналитичен, со обид да се сочува контекстот, процесот и културната слоевитост зад секој графит. Низ годините, оваа посветеност, пред се преку ангажманот и иницијативите на дизајнерот и писател Бранко Прља, се преточи во:

Плакатот во целост можете да го видите тука!

Ова не е само архива. Ова е обид за зачувување на еден визуелен јазик што постои паралелно со официјалната култура.

Помеѓу заборавот и видливоста

Скопската графити сцена долго време егзистираше како невидлив слој на градот – присутна, но недоволно препознаена. Таа беше таму, во сенка на споменици, зад нови фасади, меѓу слоеви на политички слогани и урбана заборавеност.

Посетата на Vagabundler ја менува оваа динамика. Таа не е комплимент, туку признание. Не е екскурзија, туку вклучување во поширок глобален дијалог за улогата на уличната уметност во современите градови.

Извор: Vaganbundler
Ѕидовите како нежна архива на времето

Графитите не се вечни. Тие се ранливи, минливи, постојано изложени на бришење или во контекстот на Скопје почесто и на рушење. Но токму во таа нивна кревкост се крие нивната вредност. Тие се сведоштва за момент, за став, за отпор, за игра.

Затоа, секоја фотографија, секое интервју, секоја мапа, секој текст е мал обид да се задржи она што утре може да исчезне. Посетете ги графитите во Скопје, а ако не знаете каде, посетете ја мапата на Vagabundler – може да ве одведе до некоj интересен графит за кој не сте знаеле дека постои во вашиот град!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *