Тргнав за Велес. Reality-check: освен површни познавања, не знам ништо! Саат кула, костурница, Кочо Рацин, секако; но мапата во глава – празна. Не ги знам митовите, легендите, личностите, маалата, улиците. И баш така сакам: без предзнаење, без очекувања. Да се изгубам по уличките и сокаците. И да најдам графити – секако!

Први впечатоци на влезот во градот. Мала дигресија за муралите
На влез кон Источен Велес (секако Источен – мојата судбина; за тоа другпат), кај кружниот тек на т.н. Штипско Џаде (дел од историскиот пат кој ги поврзувал Велес со источните делови на Македонија) ме пречекува мурал „Велес“. Стилот е јасно на Давор Кешкец, македонскиот Лихтенштајн (note to self: Давор е Brk?). Гугл ми намигнува: да, „најголем мурал во земјава“ – 220 квадратни метри, долг 86, висок 2,5 метри. Веднаш ми светнува, муралот на Џевахир мол на 4100 m2, или 330-метарскиот графит на кејот крај Вардар потпишан од МЗТ. Дали тоа е мурал?
Матеј Богдановски, автор на книги за графити, во првите денови на групата Графит.мк ме учеше: мурал – сѐ што е легално; графити – сѐ што е нелегално. Потоа уметникот Миле Ничевски ми го урна редот во графити вселената.
„Значи, Сикстинска капела на Микеланџело (на 50 метра висина!), фреските на Михајло и Евстихие… или стенсилите на Банкси (ете пониско)… и овој навивачки графит (за клуб од трета лига, очигледно нацртан т.е. напишан од шестооделенец :))) на пола метро висина (!) со дуропал лименка и четка – ги нарекуваш со исто име? Знаеш како е да сликаш над 3-4 м? Ако паднеш, не е само скршена рака… Плус месеци подготовка, јавен простор…“
Го извадив фотоапаратот кога веднаш – батери азиз! Макпетрол е карши. Девојче со долга руса коса, напумпани усни и цела „sleeve“ тетоважа со религиозни мотиви – фреска од Микеланџело на кожа, сенчена од мајстор уметник – незаинтересирано ми посочува каде стојат батериите. Големи нема, само мали. Таа нервозно си ја завршува смената, муабети со некој; друг вработен ми кажува дека „тројно А“ нема. Излегувам. Плавушата влегува во кола со друга плавуша – ист калап, ист „sleeve“. (Подоцна ќе се уверам и на други места: младите во Велес навистина го сакаат овој фазон.)
Муралот го сликам со телефон. Пред мене старец со трактор (честа глетка во Велес), ми свирка и мавта. Мавтам и јас.


Центарот на Велес како прв филмски кадар
Пак во кола, навлегувам во градот. Сместувањето: брзо најдено, сред центар, стотина метри од саат-кулата. Го оставам ранецот и излегувам да го фатам пулсот на градот. Имам правило: добар филм препознавам во првите неколку секунди. Истото важи и за градовите.
Игра на брзи асоцијации
Прашање: Што е Велес денес? Три, два еден!
Одговор: Постојан метеж од автомобили. Младите по кафичи, старите на улица. Спортска обложувалница – аптека – кафич – банка – сендвичара – продавница (храна, облека…), тоа се лего коцките долж главната, премести ги по случаен редослед.
Сместен сум во новокомпониран, скоро ешеровски трговски центар што и пркоси на гравитацијата. Одеднаш пред мене: КАМ, Кипер, Рамстор, Дим маркет, Жито маркет – цела економија на 20 метри. КАМ му е мајката – батерии и авантурата може да почне.

Скулптури и сеќавања
Велес, на прв поглед е град-улица, како и многу други помали градови во Македонија. Но, не само тоа. Ако си „обичен“ турист, тераш по главната, од Саат-кулата нагоре; кафичи, ресторани, угостителски филм, имаш чувство дека си во Скопје. По градот распрскани скулптури од модерни автори: Никола Пијанманов („Хамлет“), Илко Стојановски („Блажена“), Горан Стаменков („Велешки Гемиџии“), сите правени во периодот од 2010 до 2020 година. И Панко Брашнар е таму некаде – фигура што ќе ми се јавува цел ден.

Во запуштениот парк до Месната заедница „Трајче Панов“ (гуглам: 1921–1942, партизански командант кој падна во борба против бугарските окупатори на само 21 година) – какофонија од табли: дали се активни, дали делат простории, дали само се наслагани низ годините? „Здружение на спортски риболовци ‘Бабуна’ Велес“; огромна грда лепенка „Security Agency Panthera“, со лав што треба да плаши. Позади шушка: дали ова е урбана типографија или административен шум?

Првите графити и нивната отсутност

Првите графити што ги гледам во Велес се политички: „Порцоланка ќе ја от(вора)ле, Улави!“ – коментар на вечните иницијативи да се реанимира фабриката за порцелан. Урбани мурали како општински иницијативи постојат, ама „спонтана“ графити култура – речиси не, барем до сега. Можеби ѕидовите се свежо пребоени; можеби некој вредно брише. Очекував барем некаде да утнат. Од графитите што ги има – две категории: политички пароли (најчестиот „Името ни е идентитетот) и графити кои се чист вандализам (најчесто имиња).

Урбана архитектура во центарот

Се враќам назад (можеби сум прошуштил нешто!) и почнувам од почеток. Првиот „бисер“: во строгиот центар, крај кружниот тек и трговскиот со 4 маркети, куќа од 1928 година. Долж главната уште неколку постари фасади; врвот – „Народен музеј“. Ме сопира постар човек:
„Да ја сликаш онаа зграда.“ – „Да, ја сликав.“ – „Собрание беше порано.“ – „Од кога?“ – „Не знам. Јас сум ’45-то годиште. Пред мене. Бев фудбалер. Југославија беше држава; јаки бевме во спортот. Играв во Скопје, ама се заебав – се вратив во Велес. Велес е еврејски град. Секој за секого знае. А ти што си?“ – „Новинар.“ – „Е не ви е лесно ни на вас.“ Наскоро разговорот станува мрачен. За тројното убиство во Велес што ја потресе јавноста. Се разделуваме.


Го гледам како пие вода на фонтана пред муралот на Кочо Рацин; на соседната фасада – стих од „Бели мугри“. Потоа неколку градби од 1930-тите натаму, „дебар-маалска“ логика (онаа вистинската, не новокомпонираната). До знакот „Love Veles“ стои купола која наликува на Астрономска опсерваторија (која ни треба како леб насушен!), а всушност е Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.

Современи траги и пулсот на улицата
Менувачници и „exchange“ продавници – со Биткоин знак. Ретка појава за Скопје; можеби сенка од „сајтови“ во првиот мандат на Трамп – неколку велешани се збогатија, вели градската митологија.

Се движам во дизел-облак: постојана река од возила, брмчење како кошница. Фасадите – дамки од издувни гасови, исто како дома! Но, еве разлика: во Велес возачите застануваат штом застанеш на пешачки. Јас, школуван скопјанец, се двоумам, чекам рака да ме повика, подигнувам рака во знак благодарност и претрчувам што побрзо. Сигурно и тие знаат од каде сум.

Делото на Пијанманов се надвиснува над уредениот Младински парк со фонтана; линијата завршува со Храмот Св. Кирил и Методиј, а малку подолу кон „хемиската“ гимназија – група младинци уживаат во природата и младоста. Се навраќам кон храмот, а внатре, инсталација со глаголица – на граница меѓу фантастично и гротескното, кич и уметност. Не можам да пресудам…
Во близина – некаков бугарски центар, бугарско знаме, натпис „Здруженоста ја дава силата“ (простете, не разбирам бугарски), две статуи и знаме ВМРО.
Фасадите крај главниот пат – имаат тотален Карпош/Острово вајб. Тука конечно налетувам на низа мурали од ученици (од повеќе училишта), сите во сличен – ама одличен! – експресивен реализам со апстрактни елементи: орел, елен, очи, бранови, птици, коњи, гепард…



До нив фонтанче; преку – споменикот на Панко Брашнар (Гугл кажува првиот потпреседател на АСНОМ и еден од клучните архитекти на македонската државност). Карши – висококатници што ги меркав уште од центарот: ако нема „урбана“ сцена, можеби младата култура се собира под блоковите. Наоѓам нешто, ама разочарување – пак политика: „Името ни е идентитетот“. А има и – ѓубре! Конечно (иронично!). Каде што има згради, има и ѓубре. Единствениот креативен графит, прекриен со трафостаница. „ЗАБ.ПАРК“ на табла ме насмеа – звучи како забавен парк; всушност „забрането паркирање“.

Се враќам кон центарот. Добар комерцијален мурал (Миле помагај!)- за месарница! Стенсил на Гоце Делчев на табличка за улица. Двајца типови ме гледаат прашално – што па слика сега овој? Фаќам уште еден мурал (од проектот финансиран од Општината и Министерство за култура): „Велес 1908“… пак Рацин, ама барем оригинално изведено.


Повторно одење во центарот
Истата таблична какофонија како кај Месната заедница ја гледам и кај страничниот влез на Europe House Veles: „Социјалистичка партија на Македонија (општинска)“, „Агро Линк – здружение за одгледување полжави“, „Green Power“, „Здружение на инвалидски пензионери Велес“, „Општински одбор на месните заедници Титов Велес“, „ССМ – Синдикат на општина Титов Велес“… Административен хаос! А полжавите?! Во дворот – навистина симпатичен мурал со птичка.


Над нив – стрмни скали. Влегувам во стрмниот Велес. На одмориште – конечно неколку (аматерски) графити: „Anarchy Forever“. Погоре табла „Забрането фрлање ѓубре“ и први стенсили. На трафостаницата – „ZTEФ“ со кинески знак – изгледа како намерен стенсил. Малку подолу какофонија од графити вандализам на трафостаница. Ваквите сцени во Велес се реткост, за разлика од Скопје.

Архитектурата на десниот рид на Велес
Изненадување на денот: архитектурата! Главната улица е можеби новокомпонирана (со исклучок на градската архитектура), но бисерите живеат на ридовите. Денес го прошетав десниот брег (од страната на Кулата). Куќата на Кочо Рацин не ја видов, (едно дете ми препорача да ја видам!) но останав верен на методот „изгуби се“: каде ќе те однесе градот, таму ти е приказната. (Наскоро ќе го сфатам апсурдот на овој метод – инсерт карактер во вториот дел: Наташа А.).
„Горното маало“ над Europe House: првата куќа – 1908 година; подолу уште неколку староградски, декорирани. Трафостаница преполна со графити – за жал, само вандализам. Погоре, на гаража: „Не паркирај“ – некој мајтапџија допишал „Оти?“.


Вагони од Кина
Се симнувам во градот. Слушам возови. Вагони: OOCL, China Shipping, COSCO Shipping, Dongfang, Triton, Cronos, Global, tex… Тоа се имиња на глобални контејнерски компании. Патуваат по мегапатот на кинеската трговија – Belt and Road Initiative. Македонија е на железнички коридор што врзува пристаништа (Пиреја, Солун, Бар, Драч) со Централна/Источна Европа. Велес е на Коридор 10 – Скопје-Гевгелија-Солун – линија што ја чита геополитиката на шините. Најверојатно контејнерите пристигнуваат со брод во Пиреја, па железнички низ Македонија.

Филмско интермецо: Пругата ми е до сместувањето. Размислувам: како ќе спијам? Се обидувам да се сетам во кој филм ликовите не можат да спијат од возови што им го тресат хотелот. Прво ми паѓа на памет Mystery Train на Џармуш – ама таму шините се поетска нишка, не комичен ефект. Потоа Blues Brothers – блиску, има хаос, ама не е тоа. Во Seven? Слично, ама не комедија од возови. Planes, Trains and Automobiles? Логично би било, со оглед на насловот. И конечно – ми блеснува: My Cousin Vinny! Легендарниот воз во 5 наутро, кој со своето тресење е речиси главен лик во филмот. Така се чувствувам и јас во Велес – како да сум дел од филмска сцена.

Се симнувам да фотографирам. Ѕвонење, рампата се спушта. Се мислам дали да преминам; чуварот ми вели „It’s ok. Not right“. Со фотоапаратот на врат и ранецот на рамо веројатно личам на странец. Рампата се крева; воз – нема. До шините – стара дрвена куќичка, како од филм. Погоре – излупен излог од некогашната слаткарница „Лала“: „палачинки, слатки, торти, лимонада, боза, кафе“. Погоре – ќебапчилница „Дон Тони“. Од сите тие – работи само берберницата „Таме“. Тезата која татко ми ја кажа кога бев дете држи вода: „сите бизниси можат да пропаднат, само фризерите – не.“ Човечката суета е најупорниот систем на вреднување.

Погоре – меана „Боем“ (тука подоцна ќе вечерам со лаптопот до мене – на чудење на келнерите!), пред кружниот тек со коњот – посвета на велешките Илинденци.
Стрмниот Велес
Велес е стрмен како моето Сараево. Тесни улички, стари порти, турски куќи, чешмички, вода што се слева по улици. Се спуштам и пред главниот пат налетувам на графит што личи на ганџа (Towlie од South Park), и така го запишувам во нотесот за белешки (а всушност е молив), и еден Џокер со долг јазик. По пат – мурали спонзорирани од Министерство за култура, СЦМ и Општина Велес (истите ги видов и во центарот): мотиви „Вестерн“, Крали Марко, „Копачите“ од Рацин и стих од Рацин.


Да, Рацин е столб. Но, (без лутење велешани!) градот е презаситен со него: мурали, цитати, улици. Велес не е само Кочо Рацин. Велес е и Панко Брашнаров (работи Гугл: 1883–1951, револуционер, борец за социјални и национални права, прв потпретседател на АСНОМ); Васил Главинов (првиот социјалист во Македонија); Илија Главев (автор на првиот устав на Социјал-демократската партија на МК) и многу други. Велес е срцето на социјализмот во Македонија. Велес се старите куќи на ридовите. Така треба да се промовира.
Горните маала
Конечно до саат-кулата (иако си кажав нема да бидам турист, ќе се изгубам по сокаците – на пат ми е). Од едната страна порта; од другата – куќи и едно кученце што ме поздравува со лаење. Куќата пред кулата – целосно реновирана со „автентични“ украси и ПВЦ врати!? Старите порти – како контрапункт на сеприсутниот скопски ПВЦ – ме викаат. Почнувам да ги документирам, како излезени од Македонски народни приказни. Некои толку вкопани во асфалт наштелуван над стари патишта што личат на врати за џуџиња. А всушност биле за Џиновите од Велес!
(Следува галерија слики – кликни за поголема слика!)




























































Вратите и прозорците на десниот рид на Велес
Мурал на Кочо Рацин (пак!), Тоше Проески и Мајка Тереза (од Мидџрни). Не сум ни свесен дека сум во близина на куќата на Кочо Рацин. Надолу – Солено Чешмиче (историски извор на солена вода и кој векови наназад бил центар на општествениот живот во долниот дел од градот): графит на Мики Маус свртен со грб (зошто? за инает!), неколку клупи, настрешница, маса со знаме на Македонија – собиралиште на маалото. Куќи испукани, пред распаѓање – на продажба. Занаетите изумрени; по некој кројач се држи; кујунџијата одамна спуштил ролетна.

Во „горното маало“ налетувам на куќа што се распаѓа, буквално спрострена сред улица; зад неа лае големо куче. Се враќам 2-3 куќи назад. Кај куќата каде загинале Крапчеви, ме пречекува човек. „Горе има куче, врзано ли е?“, го прашувам. „Не знам.“, ми одговара. Почнуваме муабет: во неговата куќа нашле скривница и пушки; горните маала се мртви, иселени. „Ја сликаше ли срушената? Прати ги сликите до Општина, срамота е.“ Сака да ја продаде куќата и да слезе во Центар. Му велам: грешка е да се развива само центарот – странците не доаѓаат по кафулиња; бараат автентична култура, стари градби и маала. Овие стрмни улички се совршени за тоа. (Наместо Сиена – отријте го Велес! смислувам слоган во себе). Велес има што да покаже – само треба да веруваме во него.

Подолу документирам брава, прозор, квакa… Куќа на Илија Главев (адвокат и политичар кој во 1910 година го напиша првиот устав на македонската социјалдемократска партија), на Панко Брашнаров (првиот потпреседател на АСНОМ) пак ми намигнува од историјата. Тука не ги прикажувам фотографиите на куќите на овие и други великани – нив ќе ги најдете на други места; овде ги пренесувам оние скриените и заборавените сокаци.
За малку ќе ја пропуштев куќата на на Васил Главинов (во 1909 ги поставил темелите на работничкото движење во Македонија). Додека фотографирам графит стенсил Ицко ме набљудува човек од тераса и ми довикнува „таблата е од другата страна“.

И навистина од другата страна пишува „Во оваа куќа живееше Васил Главинов, првиот пропагатор на социјализмот во Македонија.“ Несвесно сум ја сликал неговата куќа, како што подоцна ќе дознаам дека сум ја сликал и таа на Кочо Рацин – но, за тоа во вториот дел! За сега: конечно два графити што мирисаат на Скопје – но аматерски.


„Кочо Рацин ми е лут!“ – внатрешен монолог додека шетам низ редовите улици со истото име. Најдолу ме пречекува знак „Железара“ со одличен фонт – веднаш помислувам да му го пратам на Небојша Гелевски – Бане и неговата Локомотива, како типографски трофеј.

Вечер, лаптоп во ресторан
Во ресторанот „Боем“, солидна храна. Келнерите се љубезни иако ми се чудат заради прашањето за маса со утичница до неа. Го вадам лаптопот, белешките од денот, ги прегледувам фотографиите и пишувам. До мене муабет – класика: „пуштиле пари“, вели 100+ кила жив балкански примерок. Овој израз го слушам сè почесто по кафеаните, придружен со турбо-фолк бизнис-естетика. Светови што лебдат како смогот во секој град-улица во Македонија.
Налетувам на фотографија на знак кон куќата на Рацин. Легендарниот македонски поет изгледа по малку лут на знакот. Или ми се лути мене? Прости ми, не ти ја видов куќата! Разбери, не сум во улога на турист, тука сум како урбан археолог. Но, и тука потфрлувам. Не знам ништо за градот, за архитектурата. Се што имам е фотоапарат и збор.

Епилог или „Што научив за Велес денес“?
Првиот ден научив: Велес не е само главната улица со кафичи, казина и места за јадење. Тој е град на ридовите. Додека барав графити, најдов куќи од 1908 година, чардаци, порти за џинџуџиња (мали порти за големи луѓе), табли што зборуваат повеќе од нивните институции, шини што носат производи од Азија кон Европа, и еден загрижен глас од маало што ми рече: „Испрати ги сликите до Општина. Срамота е.“ Мислам дека Велес нема од што да се срами – напротив, треба да е горд! Велес е срцето на социјализмот во Македонија, а неговите ридови се скелетот кој ја држи историјата на ова мало место. Треба само да застанеш, да погледнеш нагоре – и градот сам ќе ти проговори.

ПС: Џинџуџе е неологизам создаден од Никола Гелевски за книгата „Џинџуџе во земјата на афионите“, сметав дека е соодветен како наслов за текстов.
>> кон вториот текст <<