Уметноста како временска капсула: спотот „Може, може, може“ на Дупер и ретро-футуризмот на Природонаучниот музеј

Во новиот спот на скопскиот бенд Дупер, Може, може, може, има нешто што веднаш го привлекува вниманието, и тоа не е само песната, која е певлива и заразна, туку сценографијата. Тој простор што многумина од нас го знаат од детството, излетите, школските екскурзии и оние тивки викенди кога родителите бараа начин да нè „култивираат“ со тоа што ќе нè однесат во музеј. Природонаучниот музеј, со својата социјалистичка топлина, диорамите што мирисаат на прашина и формалин, и ходниците што никогаш не знаеш дали водат кон следната поставка или кон ќорсокак, во овој спот не е само локација, туку актер.

Со овој текст го продолжуваме нашиот проект „Уметноста како временска капсула“, како во текстовите Томе од бензинската пумпа, „Скопје: изгубените чевли на градот“ од Иван Шопов – урбана скопска картографија од ситници и сенки, Графити како сценографија во филмот „Снежана на крајот умира“, Графити како сценографија во спотот Bolji Zhivot на Dre x Puka Kozmetika x DJ Slave итн. Подгответе се, полетуваме!
Поп-културни референци – Loki, Severance, Brazil…

На нашиот портал честопати ја истакнуваме идејата дека уметноста, музиката, филмовите, сериите, фотографиите, спотовите се своевидни временски капсули. Таа идеја е тесно поврзана со локациите и предметите прикажани во истите. Така е и со Природонаучниот музеј во Скопје, кој неодамна повторно се најде пред очите на јавноста преку музичкиот спот на Дупер. Зградата, оформена во периодот по земјотресот и завршена во 1981 година (претходната зграда била изградена во 1926 година), денес изгледа како сведоштво за едно време кое не исчезнало целосно, туку останало „заробено“ во материјалите, светлината и естетиката на просторот.

Истиот ефект го среќаваме и во голем број современи серии и филмови кои намерно користат ретро-футуристички јазик, кои веројатно (или случајно) го инспирирале режисерот на спотот. Како најочигледни примери се сериите Loki и Severance, но можеби и нивните претходници, класичните филмови како Brazil, A Clockwork Orange, Gattaca, па дури и дела како Stalker на Тарковски. Во нив има нешто многу блиско до нашите музеи, архиви и институции од социјалистичкиот, модернистичко-бруталистички период: простори кои изгледаат модерно за времето во кое се изградени, но денес делуваат како сценографија за фиктивна бирократија од паралелен универзум.

Канцеларискиот модернизам во серијата „Локи“

И токму преку тој избор на просторот, спотот отвора една поширока тема: како некои институции од Скопје, создадени во 1960-тите и 70-тите, денес изгледаат визуелно поблиску до холивудските блокбастери, како Loki или Severance, отколку што изгледа сегашното Скопје. И како тие, сосема случајно, стануваат дел од глобален визуелен тренд, без никој да се обиде намерно да ги стилизира. Тие едноставно естетски одговараат на тој тренд – и без да се трудат!

Природонаучниот музеј како временска капсула

Природонаучниот музеј е, всушност, таква временска капсула. Со официјалното отворање во 1981 година, тој носи во себе архитектонски код на Југославија/Македонија од тоа време, нешто што денес е ретро-футуристички само по себе. Дрвените панели со вертикални линии, дебелите рамки на витрините, флуоресцентните панели по таваните, подовите со оној карактеристичен сјај – сето тоа е јазик на модернизмот од седумдесеттите, но гледан низ денешни очи изгледа како да е дел од некоја паралелна реалност.

И тоа е истата естетика што глобалните продукции ја сметаат за „иднината на минатото“. Loki го прави тоа најдиректно: канцелариите на TVA се буквално „заглавени“ во 1973 година, но со технологија што не постоела ниту тогаш, ниту сега. Во Severance цела фабула се гради врз стерилни ходници што го повторуваат дизајнот на државните институции од 70-тите. Brazil, Gattaca, па дури и A Clockwork Orange, користат ист јазик: модернистички простори кои денес изгледаат нереално токму затоа што некогаш биле идеално реални.

Природонаучниот музеј во спотот на Дупер делува токму така — како да не припаѓа ни на 1981, ни на 2024, туку на некоја фиктивна година измислена од бирократи што го контролираат времето.

Анахронијата како визуелна алатка

На Стефан Биков, кој стои зад режијата и монтажата, овие нешта му се очигледно познати. Или можеби ги чувствува на некое потсвесно ниво. Овој спот е пример за вешто читање на локацијата. Наместо да ја „модернизира“, тој ја оставил таква каква што е – и ги додал токму оние елементи што ја туркаат во фиктивност.

Спотот се отвора со чистачот Илчо, кој го гледаме во движење, како тивок чувар на простор што одамна престанал да биде само музеј, а станал архив на времето. Зад него, редици примероци од камења и минерали, фосили од различни геолошки епохи, сведоштва за милионите години што ѝ претходат на нашата нервозна сегашност. Илчо не брза. Неговите чекори се тешки, приземјени, како да чекори низ пластови од историјата, додека со себе носи кофа, средства за чистење и транзистор (популарно наречено магнетофон или радивце) JVC RC-222LB (со едно скршено копче:) од 70-тите, предмет што сам по себе е мал музеј на звукот. Илчо го стиска копчето „play“, и во миг просторот се буди – не со технолошка бучава, туку со мека, речиси интимна музичка вибрација, како да се активира некоја скриена архива на чувства.

Камерите, светлината и просторот се усогласуваат како механизам на некоја стара институција што одбива да признае дека времето поминало. Камењата зад него зборуваат за древноста на планетата, а неговото радио за човечката потреба да му даде ритам на секојдневието, дури и во вакуумот на административната тишина. Илчо не е само чистач; тој е посредник меѓу епохите, фигура што ненаметливо нѐ внесува во свет каде геологијата, музиката и ретро-технологијата се среќаваат во една чудна, но прецизно темпирана симфонија.

Чуварот Борис го набљудува Илчо како се забавува чистејќи. Сцената на надзорот се одвива преку LG FLATRON ez T710PH монитор, еден од оние старите, со катодна цевка, што некаде меѓу сивата пластика и млечната светлина на екранот го носат целиот товар на државната визуелна меморија. Тоа не е само монитор, туку прозорец во систем кој набљудува без емпатија, архивира без страст и живее без пулс.

LG FLATRON ez T710PH е произведен во раните 2000-ти и е достапен во 17 инчна верзија, нешто што кај нас дури и во 90-ти било невозможно

Снимката, пак, доаѓа од повеќе камери, кои се обработени со ефекти за да изгледаат аналогни. Се разбира сите знаеме дека камери во наш музеј во тоа време биле невозможни. Токму во тој судир на технологиите се раѓа најсилниот ефект: иднината гледа низ очите на минатото. Авторот се поигрува со епохите: сетинг од седумдесеттите, апарати од 90-тите и 2000-тите, аналогна технологија, итн.

Стариот екран што прикажува современа реалност создава визуелен јаз, временска пукнатина, чувство дека сцената не се случува „сега“, туку во некоја паралелна временска зона, нешто помеѓу архивска снимка и реално време. Токму тука се јавува паралелата со „Локи“, не како стилска копија, туку како иста логика на светоградба: ретро-канцеларии што тлеат во жолтеникава неонска светлина, дрвени панели што мирисаат на седумдесеттите и технологии што звучат како да не припаѓаат на ниедна историја. Како во „Severance“, каде што стерилниот канцелариски простор станува психолошки лавиринт.

И во сета таа сценографија, човекот зад бирото – опуштен, со нозете качени „на маса“, со токи-воки во рака, делува како чувар на празнина. Не стражар на редот, туку портир на безвременоста. Аналоген лик во дигитален надзор. Мал, изморен бог на еден микрокосмос во кој ништо не се менува, а сè се евидентира.

Објектите на неговата маса не се реквизити – тие се идеја. Олтар на бирократскиот вакуум. Мониторот, со тастатура со кабел и маус (компјутерското глувче е црно, што малку ја нарушува естетиката, а колку што арно.мк го држи сеќавањето, во тоа време мауси секогаш беа бели), телефонот Panasonic kx-t61630 (каков што имал и авторот на текстов), весник, отворен крстозбор и ламба (која не можевме да ја идентификуваме, но потсетува на Aluminor од седумдесетите).

Во овој спот нема сообраќаен метеж од стилови. Напротив – тука има внимателно „мешање“ на предмети за да се создаде чувство на реалност што не припаѓа на една декада. Тоа е истата формула со која TVA во Loki изгледа моќно и бизарно: флопи диск + магичен портал + ламби од 1974 = институција што постои и во минатото, и во иднината, и никаде. Овие светови функционираат затоа што го движат гледачот „надвор од времето“, без да му објаснат како.

Бирократски вакуум: атмосфера која раскажува самата

Еден од најсилните моменти во спотот е карактерот на чуварот. Овој лик изгледа како да постои само во рамките на системот – без да има живот надвор од него. Седнат зад масата, со нозете преку бирото, со поглед вперен во екранот на старата машина која прикажува нешто ново. Тоа е истата психолошка тишина што ја гледавме во Severance, каде што канцеларијата ја голта личноста. Иста е логиката и во Brazil – работникот никогаш не е поважен од апаратот во кој се движи.

Просторот, камерата и светлината создаваат впечаток на „бирократија во вакуум“ -институција што работи дури и кога нема кого да опслужи. Скопската верзија на TVA.

Слични концепти во домашната литература: транзицијата како научна фантастика

Поигрувањето со ретро-естетиката и времето не е нова појава, ниту во светот, ниту кај нас. Ако Марвел во WandaVision експлицитно ја деконструираше американската телевизиска историја по декади, правејќи омаж на сериите што ги обликувале колективните соништа на таа култура, тогаш нашата локална уметност тоа го прави посуптилно, понепланирано, но можеби и подлабоко.

Од македонските автори кои ја допираат оваа временска свиена реалност, особено се издвојува Бранко Прља со романот „Реплика.мк“ (2018), научнофантастична хроника на транзициското Скопје, во кое времето не тече линеарно, туку циклично, како бирократска процедура која никогаш не завршува. Таму главниот лик, андроид-супервизор, е вработен да ги лоцира „баговите“ во системот, но како во Blade Runner, полека сфаќа дека самиот е дел од грешката што треба да се елиминира.

Во тие кафкијански лавиринти од државни ходници, канцеларии што мирисаат на прав, машини што се распаѓаат и фикуси од лабораторија што преживуваат подобро од луѓето, Прља гради естетика која денес нè враќа таму каде што нè носи и спотот на Дупер: во простори каде што бирократијата е апарат, а човекот е само привремена функција.

„Очајот извираше од очите на службеничката во која немаше повеќе живот отколку во вештачкиот фикус зад неа, создаден во лабораторија за да биде совршено отпорен на отровниот, застојан воздух во државната канцеларија [... ]машинерија која се распаѓа со секоја секунда на часовникот кој удира злокобно бавно на местото од поранешната слика на другарот Тито. […] Ме воведоа во еден ходник каде што имаше масичка и неколку столчиња, ентериер од седумдесеттите со дрвени фотелји тапацирани со евтин и веќе излижан материјал, една клуб-масичка со расклатени нозе и задолжителните домашни билки распоредени во големи саксии покрај ѕидовите. Но, очекував дека тоа е само фасада и верна имитација на човечкиот свет, а дека позади блиндираните врати се крие нешто сосема поинакво.“

Извадокот од „Реплика.мк“ со службеничката која веќе не личи на живо суштество, и ходникот со мебел од седумдесеттите што функционираат како психолошка тампон-зона меѓу влезот и вистината, неодоливо нè потсетува на канцелариите од Loki или Severance – истата онаа граница помеѓу постоењето и контролата, каде просторот изгледа реален само затоа што системот инсистира да биде таков.

Слична временска игра се појавува и во неговиот роман „Атом и Ева“ (2012), каде ликовите патуваат низ историјата со речиси месијанска задача да го зачуваат материјалистичкиот поредок на светот. Исполнети со метафизичка иронија, тие дејствуваат како чувари на една догма, испратени од Господ Вакуум – фигура што самата по себе звучи како архетип на бирократскиот апсолут. Како кај Loki, каде „човекот зад завесата“ ја контролира историјата, така и тука светот е управуван од структура што се плаши од спонтаност и ја третира слободната волја како дефект.

И во сите овие дела, било да се работи за македонска транзициска проза, футуристички роман или глобална серија, се повторува истата тема: институцијата како организам што живее подолго од човекот; канцеларијата како сцена за егзистенцијална анксиозност; времето како алатка за контрола.

Она што „Реплика.мк“ и „Атом и Ева“ го направиле во литературата уште пред Loki и WandaVision, денес визуелно го гледаме во спотот „Може, може, може“ – како жива, дишечка, осветлена ретро-футуристичка инсталација што нè потсетува дека Македонија отсекогаш имала свои времеплови. Само што никогаш не ги нарекувала така.

Дупер: современ скопски звук што знае да го чита градот

Дупер одамна не се само уште едно поп дуо. Борис Какуринов (гитара/клавијатура) и Илчо Нечовски (вокал/бас) создадоа јасна поп-естетика која е модерна, но со скопски урбан генетски код. Песните „Не сум твој тип“, „Тело за на ТВ“, „Ние сме 2“, „Пробај да ми бидеш“ – се веќе дел од урбаната поп-архива на градот.

Со „Може, може, може“ направија уште нешто: покажаа дека Скопје има визуелни простори кои можат да бидат современи како и во светските музички продукции. Не со пари, туку со препознавање.

Иднината што ја наследивме

Она што е најинтересно во целава приказна е дека ретро-футуризмот на овој спот не е позајмен. Тој е домашен. Тој е резултат на архитектурата што ја наследивме, материјалите што останале, светлосните тела што никогаш не ги сменивме.

И затоа спотот функционира толку добро: не затоа што личи на Loki, туку затоа што Loki делува како да е снимен во некоја подрумска канцеларија на Скопје од 1980-тите.

Институциите што некогаш биле визија за иднината, денес изгледаат како да можат да го чуваат времето. А понекогаш, со вистински режисер и вистински бенд, тоа и го прават, а на помладите им останува да ги посетат овие објекти и да посведочат на минати времиња – зачувани во денешината, како во една вистинска временска капсула.

За крај: листа на објекти во спотот

Како што правиме обично во нашата серија текстови насловени „Уметноста како временска капсула“ (дел од нашите обиди за архивирање на нашата поп-култура), така и сега ви ја претставуваме табелата со производи од спотот – објекти кои не се само реквизити, туку сведоци на едно време, визуелни маркери што го градат чувството на анахронија, носталгија и бирократска фиктивност.

Објект / ПроизводПроизводител / МоделПериодКоментар
Радио-касетофонJVC RC-222LBдоцни 1970-тиАртефакт од аналогната ера. Симбол на интимен ритуал во стерилен институционален простор.
МониторLG FLATRON ez T710PH (CRT)рани 2000-тиКатоден монитор – денес технолошки фосил. Олтар на надзорот – сведоштво за институционална инерција.
Камери (симулиран надзор)Непознат модел – дигитална снимка со аналоген ефектсовремено времеНамерното визуелно „стареење“ на снимката создава временска пукнатина и паралела со TVA од Loki и светот на Brazil.
ТелефонPanasonic KX-T616301990-тиТелефон од државни канцеларии и општини – глас на бирократијата, симбол на комуникација без вистинска блискост.
Биро (работна маса)Типично југословенско канцелариско биро1970–80-тиМасивно, функционално, минималистички дизајн – визуелен јазик на соц- модернизмот.
ЛамбаНалик на Aluminor модели1970-тиМетална, индустриска, со механичка артикулација. Студено светло за работа, не за удобност.
Компјутерска тастатураНерегистриран модел (беж боја)1990-тиТипична за јавни институции и шалтери. Дел од „сивата техно-естетика“.
Компјутерско глувчеЦрно, модерен тип2000-тиЕдинствениот визуелен „нарушувач“ во естетиката – потсетник дека ова не е реконструкција, туку симбиотичка временска мешавина.
Токи-вокиНепознат модел1990-ти–2000-тиРеквизит на авторитет и надзор, пренослив симбол на контролата.
Идентификациска значкаСо фотографија и имесовремено времеДел од ритуалот на институционалната припадност. Личноста дефинирана преку број и функција.
ВесникМакедонско печатено изданиенепознат датумСимбол на секојдневието и време што се трошело со читање меѓу паузи и процедури.
КрстозборПечатено изданиеконтинуитетТивка забава на бирократскиот вакуум – пополнување празнина со зборови.
Метална канта / кофаИндустриски моделконтинуитетДел од секојдневната рутина на „чистачот на времето“.
Реквизити за чистењеГенеричкисовременоКонтраст на рутината и стерилизирањето на простор што не е создаден за живот, туку за чекање.
Панелна дрвена облога (ѕид)Архитектонски елемент1970–80тиСуштински дел од ретро-футуристичката естетика. Материјален код на југословенскиот модернизам.
Флуоресцентно осветлувањеИнституционални панели1980-тиЛадна светлина што ја појачува атмосферата на стерилна бирократија.
Витрини со минерали и поставкиПриродонаучен музејпостојана поставкаАрхеолошка вертикала на времето, во спротивност со технолошката хоризонтала на кадарот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *