До нашата редакција стигна електронско писмо од жител на Македонија кој сакаше да остане анонимен и ни се претстави како „човек во чизми“. Загрижен за состојбите во државата, како и многу од нас, тој почувствува потреба да ни се обрати. Неговото писмо го пренесуваме во целост, но нема да го откриеме неговиот идентитет, поради осетливоста на неговата професија.

Арно.мк, гледам дека сè уште сте во таа животна фаза во која човек искрено верува во патриотизмот, во добрите намери кон својата земја. И го почитувам тоа. Но, дозволете да споделам нешто од перспектива на човек што веќе повеќе од три децении е во чизми.
Во нив сум од 1995 година. Видов и добро и зло. Од 2001 до 2002 бев активно вклучен во одбраната на земјата, а од 2004 до 2015 работев во најтешки услови – во зоната Танушевци, каде што се водеше неофицијална конфликтна и постконфликтна борба. Верувајте ми, можам книга да напишам. Акции, заседи, апсења, чистење терен од диверзантско-терористички групи… Сето тоа го правевме. Ние, што тогаш стоевме како ѕид пред она што денес се нарекува држава – сега сме на чекор до пензија.
И, за жал, гледаме што остана од сето тоа.
Во многу структури на безбедносниот сектор денес седат луѓе што никогаш не биле на терен, ниту еден ден. Синови на „мама и тато“, луѓе без искуство, без приземјеност, без разбирање што значи да си вистински патриот.
Зашто, патриот не е тој што мавта со знаме кога му одговара – туку оној што не краде, што не го уништува јавното добро, туку го чува како свое. Патриот е оној што ги извршува задачите не за плата, туку од лично убедување и колективна одговорност кон Македонија. Такви сè уште има – но се сè помалку.
Сите овие убиства, хаосот во општеството, криминалните мрежи што никнуваат како печурки, укажуваат на една страшна работа: локалните кланови и моќници преземаат контрола. Не градат држава – туку ја цепат, ја кинат. Владеат митомани, а по нив доаѓаат клептомани. Луѓе што не се способни да погледнат подалеку од сопствениот џеб.
Тој искрен патриотизам што го гледам кај вас, Арно.мк, стана реткост. Повеќето веќе не се грижат ни за својата улица, а камоли за општото добро! Не ги интересираат приоритети, општествена свест, корисни идеи. Луѓето со доблест се турнати на маргина. Исклучени од одлучување. Им е ускратен зборот.
И затоа, секоја активност што ја работиме – мора да ја мериме. Не оставаме траг само како луѓе во униформа. Вистински траг оставаат луѓето кои пишуваат книги, едукаторите, научниците, тие што се активни во општествено корисните работи. Затоа се надевам дека ќе останете силни, бидејќи повеќето од нас веќе се уморни. Можеби и јас сум меѓу нив. Затоа својата енергија ја дозирам – онолку колку што вреди и само таму каде што чувствувам дека може нешто позитивно да се случи.
Најчесто гледам само една друга реалност – клептократија, мито, незнаење и себичност. Тоа е нашата реалност. Таа ме пресретнува на секој чекор. И искрено – ме одврати од секој идеализам.
80 проценти од луѓето во безбедносниот сектор, ако сме искрени – не ја сакаат оваа земја! Се сакаат себеси. Или, во најдобар случај, само своето семејство. Кога ќе видам полицаец што живее од мито – во моите очи ја изгубил секоја вредност. Истото важи и за здравството, и за јавната администрација. Ми се згадија.
Ете, ќе завршам само со една пофалба кон вас: патриотизмот што го носите во себе – денес е реткост. А токму таквите луѓе се потребни повеќе од кога било!

Тоа е писмото што го добивме, малку пофално кон нас, но тоа не е ни битно – авторот ни дава една суштинска и важна порака на сите, порака која треба да ја прочитаме, препрочитаме и примениме – сите ние.