Треска: фабрика што некогаш произведувала и звук

Ова е приказна од едно друго време – време кога фабриките биле во служба на народот и покровители на уметноста, наместо да бидат слуги на профитот и непријатели на народот. „Треска“ не е само напуштена фабрика од која денес остануваат изгорени хали, шут и бескрајни расправии за ДУП. „Треска“ е точка на градот што во овој текст ќе се обидеме да ја видиме како дел од популарната културна меморија.

Историја на фабриката „Треска“ како дел од културната мапа на Скопје

Пред да стане урбанистички конфликт, „Треска“ била индустриска оска со долга предисторија: на истата локација постојат записи за пилана уште од крајот на 19 век, а претпријатието „Треска“ е основано во 1922 и функционира до 2005, кога почнува стечајната постапка. Не е случајнa ни локацијата: железничката линија Солун-Скопје-Митровица (1871–1873) ја поставува јужната периферија како идеален простор за индустрија – градот расте по оската исток–запад, а „Треска“ расте со него.

Еволуција на уличната мрежа околу фабрика „Треска“ © Илина Илкоска (извор: МАРХ)

По земјотресот од 1963, Скопје се реконструира со нова урбанистичка логика (усвоен ГУП во 1965), а „Треска“ станува дел од таа постземјотресна приказна: камп-приколки, монтажни куќи, викенд-објекти, мебел – материјалната страна на обновата.

Но, во истото време, во 60-тите и 70-тите, фабричките клубови не произведуваат само работни часови – туку и ноќен живот, игранки, гитаријади, и она што денес го нарекуваме: почетоци на македонската рок-сцена.

Игранки и гитаријади во „Треска“

Токму таму, во „Треска“, се случуваат игранки и градски гитаријади што ја фиксираат бит/рок сцената во календарот: 10.11.1968 како симболичен датум, кога фабриката станува мерна единица за „кој е кој“ во тогашната музика. Денес, во капитализмот, на истата локација гледаме друг вид „продукција“: приватизација (1995/96), нови сопственици (2003), стечај (2005), запуштеност, пожари (2022), и урбанистичка борба меѓу ламели и јавен интерес.

Пред да стане симбол на урбанистички судир, „Треска“ била практична, жива инфраструктура за младинската музика: фабрички клуб што во доцните 60-ти значел – сала, струја, озвучување, публика, ред. А во време кога вторaта генерација македонски рок-состави веќе е активна (1967), токму ваквите места ги држеле бендовите на нозе: културни домови, кина (во Скопје, Прилеп, Охрид, Битолско кино „Партизан“, кино во Дом на култура Кочани итн,) , КУД-ови и фабрички клубови („Треска“, „Железара“), па и „Соколаната“ во Куманово и многу други.

Во социјализмот, работните организации/фабриките често функционирале и како културни центри: имале свои сали, мензи, клубови, синдикални структури и често поддржувале или домаќинеле настани (игранки, фестивали, младински програми, КУД-ови). Во многу градови „Домови на култура“ и работнички културни друштва се врзуваат токму со работни колективи и локални индустрии.

Пред гитаријадите: игранки, „сини вечери“, жив град

Важно е да се каже: во „Треска“ не почнува сè со гитаријада. Таму се прават игранки и пред неа – рутинскиот пулс на сцената. Место каде рок-бендови и нивни почитувачи се собираат, слушаат, гледаат „кој како стои“, кој има нова песна, кој има ново појачало, кој носи нов риф од Радио Луксембург.

Но, не секогаш било идеално. Постојат и сведоштва за судири помеѓу младинската бучава (бит/рок) и организациските ограничувања – исклучени појачала, „жири“, „неутрална страна“, „врски“, „недозволена опрема како причина за одземање на место“ или бендовите кои биле организатори на анстанот, да бидат и добитници на првото место. Се разбира, не било се розево, гледано од денешна перспектива. Но, сето тоа може да биде тема на еден друг текст.

Нас не интересира она доброто, позитивното, сликата за една фабрика како културна артерија, не како руина.

1967–1968: „Треска“ како патронат и како сцена
Извадок од „Македонска Рок Енциклопедија“ © Тошо Филиповски

Еден од најјасните примери за тоа како функционирал системот е NEW BOYS (1965): по ангажманот со „Принцови“, од есента 1967 ја прифаќаат идејата да создадат нов бенд под патронат на фабриката „Треска“, и кога се почувствувале увежбани – започнуваат со првите игранки токму таму. Потоа прават и игранки на кои носат и гостински бендови, меѓу нив и белградските „Siluete“, не како „наша“ група, туку како показател дека „Треска“ можела да донесе регионална тежина во Скопје.

10.11.1968: гитаријада како печат на едно време
Учесници: Њу Бојс, Светци, Пламени, Златни солзи, Среќни баксузи, Хипи Бојс, Леопарди, Изохипси, Принцови и Пацифисти
Извор: ВБУ музички регистар

И тогаш доаѓа датумот што ја зацрструва „Треска“ во колективната меморија: 10 ноември 1968, по повод Денот на ослободувањето на Скопје, во „Треска“ се одржува гитаријада – момент што ја прави фабриката „оска“ на сцената, а не само уште една сала.

Со овој настан се врзуваат повеќе бендови:

  • Пламени (формирани 1965) – на гитаријадата во „Треска“ добиваат трето место, зад New Boys и Светци (жири со Љупка Димитровска).
  • Светци (1967) – настапуваат и освојуваат второ место и награда од 500 динари, исто со жири каде е Љупка Димитровска.
  • Пацифисти (1967) – учеството во гитаријадата во „Треска“ е пресвртница за нивната работа.
  • Изохипси (1967) – клучен и последен настап им е токму оваа „Втора скопска гитаријада“ во „Треска“; потоа Медо преминува како вокален солист во Пацифисти.
  • (Леопарди / Флеш) – Леопарди се појавуваат на „Втората гитаријада“ во „Треска“.

Овде „Треска“ е повеќе од локација: таа е механизам за легитимација. Ако си свирел таму, ако си се пласирал таму, ако си бил „виден“ таму – влегуваш во наративот на сцената.

1970: „Треска“ продолжува како мерна единица
Првиот концерт на бендот Република 903 е во фабриката „Треска“ во 1970 година
Извадок од „Македонска Рок Енциклопедија“ © Тошо Филиповски

„Треска“ не завршува во 1968. Во материјалите имаме и втор слој:

  • Необични (1968) – најзначаен настап во Македонија им е гитаријада во 1970 во „Треска“, каде освојуваат второ место зад Безимени, по повод ослободувањето на Скопје.
  • Кошути (1969) – на игранка во „Треска“ им се појавува на сцена и Зоран Павловски-Зоко (екс Безимени), што ја покажува „Треска“ како точка на мешање на членства и нови состави.

Значи: не е еднократна епизода, туку континуитет. „Треска“ е простор каде се „кали“ сцената — со игранки, со градски гитаријади, со фестивалски поводи, со престиж.

Од „фабрички клуб“ до „празен простор за кој се борат“

И тука доаѓа денешната иронија, која е премногу симболична за да се премолчи: во социјализмот фабриката била општествена инфраструктура што, покрај производството, имала и културна функција. Во капитализмот, истата локација е сведена на земјиште, барања за рушење, расчистување, шут и азбест, и борба околу тоа што ќе никне „по чистењето“.

Ако некогаш „Треска“ била место каде младите правеле сцена од менза и од фабрички клуб – денес е место каде градот се обидува да не се задуши во сопствената урбана логика.

Прашањето што останува е едноставно и болното:

Како една фабрика што некогаш произведувала мебел и музика, завршува како напуштена „парцела“ за која се борат идните генерации Скопјани – без споменик за звукот што таму се родил?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *