Графитите се повеќе од обично вандализирање – тие се гласот на една генерација, израз на креативност и бунт. Меѓу шарените тагови и т.н. „бомбање“ на градските ѕидови, едно име се истакнува: Вутар. Член на ЕБСФ екипата, тој е мост помеѓу светот на графитите и рап музиката. Колку се тие поврзани, дали се исклучиви или се подразбираат помеѓу себе не е јасно дефинирано. Но, она што е јасно е дека во тој свет креативноста се излева на ѕидовите и избива од звучниците!
Intro
Со мојот фотоапарат ги шпартав улиците на Скопје, град кој зиме тоне во магла, а лете се гуши во жештина. Имав мисија – да ги документирам скопските графити и да ги споделам во мојата Фејсбук група „Графит.мк“, со цел да направиме архива на графити од СК/МК. Некаде позади во мислите ми стоеше идејата дека, кој знае, може ќе има и втор број на „Гррфт“ магазин!?
На сивите ѕидови од нашата метропола (голема „метро и пола!“) обележани со флеки од градскиот смог, загадување и издувни гасови, небаре прележани сипаници, честопати се среќаваат графити на авторите и тимовите ДРАШ, SRK, OKS, PACK, Хром, Рубик, Руки Чуки, Арис, Side, Poked, Kuchen, но и ЕБСФ екипата, и „нашиот“ Вутар.

Вутар е талентиран графити уметник и рапер, член на ЕБСФ, кој професионално се занимава со тетовирање. По мојот разговор со RASK, знаев дека морам да стапам во контакт и со него за да ја комплетирам сликата за оваа интригантна група.
Од улица до микрофон
За разлика од RASK, Вутар беше поотворен за комуникација. Можеби затоа што, како што самиот вели во емисијата „Хип Хоп глави“, веќе сите знаат кој е и не се крие. (BTW, ако ве интересираат графити и рап култура, изгледајте го интервјуто, многу е интересно!)
Вутар, кој го нарекуваат и Балдо, е единствениот во ЕБСФ кој прво почнал со графити, па потоа се свртел кон музиката. „Ронам хедови на скици, обожавам ѕидови, silver-и позадините со светли колорити. Бомбаме кроз Скопје city, у рацете ко бездомници. Таговите ни се добро познати, а фаците не ни се битни. Oд ’07-ма јас сум посветен,“ рапува Вутар во песната „Ѕид” на ЕБСФ, откривајќи кога почнал и што за него значи цртањето графити.

ЕБСФ: Повеќе од акроним
Во емисијата „Хип Хоп глави” Вутар исто така за прв пат го открива значењето (или незначењето) на кратенката ЕБСФ. „Кога го смислевме ко ЕБСФ, немавме конкретно значење, него беше – ај шо ке наприш со овие четири букви… Највеќе логика имаше тоа. Не знаеш што праиш со себе, не знаеш кај тераш… Така да немаше логика ни да знаеш како ти се вика екипата. Шо год ти текне, имало од Ептен Бедни Селски Фаци, до, не знам, Езерце, Брдо Сепариња Фонтана… или Единица за Брзо Средување Фиљан,“ вели Вутар.

Графити, рап и пријателство
Состојбата на флуидно име одговара совршено со карактерот на ЕБСФ и на графити сцената. Сите се поврзани, немаат некоја мисија или манифест, едноставно се тагуваат меѓусебно и си пренесуваат пораки преку ѕидови.
Вутар ми објасни дека ЕБСФ и ПСЖ (Престиж) се всушност две екипи, но истото друштво. „Истите луѓе, истите другари,” рече тој. „Кој каде и да оди, каде и да црташ, секогаш еден ќе го тагне другиот, ќе прати фотка и ќе ти каже ‘Курто, глеј кај сум те пишал!'”

Еволуција на ЕБСФ
Љубопитен за историјата на ЕБСФ, го прашав Вутар за почетоците на групата и кој од нив е цртач и член на бендот. „Како постоечки член на ‘бендот’ единствен кој што цртал сум јас,” ми објасни тој. „А од екипата сите кои што цртале, останале цртачи, кој под друг таг, кој повеќе, кој помалку активен, зависно од периодите на секој поединечно.”
Тоа е таа динамична природа на групата и на сцената – како секој член си го нашол своето место и ритам во текот на годините.

Рап сцената во Македонија
Ме интересираше и мислењето на Вутар за современата македонска рап сцена, за која тој сподели пофални зборови.
„Што се однесува до рап како ‘РАП сцена’, односно, бендовите кои што и понатаму го негуваат тој oldschool звук, мислам дека е една од најквалитетните сцени во регионот и дека има доста што да понуди,” ми рече тој. „За оваа другата (mumble rap) не можам да коментирам бидејќи не ја следам. Воедно, публиката, односно, слушателите диктираат дали ќе има една сцена или не, а ЕБСФ ќе биде ЕБСФ – приказна за себе.”

Врската помеѓу рапот и графитите
Кога го прашав за врската помеѓу рапот и графитите денес, Вутар беше искрен: „Не знам за денес, веројатно се помалку и помалку едното има врска со другото. Низ годините двете, индивидуално и динамично се имаат менувано и на крајот од денот се два света посебни, но секогаш ќе бидат асоцирани еден со друг поради истиот корен.”
Уметничките форми општо еволуираат и се одделуваат со времето, технологијата ги менува, но и развојот на цивилизацијата, но веројатно никогаш целосно не ги губат своите корени. Првата уметност била стенсил, кога домородците ја полнеле устата со боја (спреј), а потоа прскале врз рацете (стенсил). Во познатиот документарец Style Wars се открива дека првите графити уметници во САД се развивале паралелно и поврзано со хип хоп сцената и културата. Корени.

Лични преференции
Решив да го прашам Вутар за неколку лични преференции, обидувајќи се да го доловам човекот зад уметникот. „Пипер или THC? Графити или тетоважи? Wu-Tang Clan или Mobb Deep?” го прашав. „И двете, и двете, јас би Craig Mack.” Кратко и јасно. Типичен одговор за уметник кој не сака да биде ограничен на едно нешто, ама воедно знае што сака.

Поглед кон иднината
Забележувајќи дека ЕБСФ како група нема објавено нов материјал од 2019 година, го прашав Вутар за идните планови.
„Сега за сега не можам да кажам ништо конкретно на темава,” ми рече тој. „Јас сум најмалку активен и моментално сум посветен на тетовирање и цртање. Тоа е што се однесува до екипни проекти, но можете да очекувате посебни проекти од Аск и Мајк во иднина.”

Outro
Вутар е комплексна личност, како и секој визуелен уметник повеќе сака да црта отколку да зборува, но како рапер се изразува одлично. Во песните на ЕБСФ има и семплови од мешање и прскање спреј, рапувањето е јасно и лирично, со чисти ритмови, песните ги насловуваат на македонски јазик и имаат олд-скул рап стил (нешто како Boom Bap). Но, можеби за тоа треба да поразговараме со Мајк.
За сега ќе се задоволиме со одговорот на Вутар на прашањето која е „најрап” населба во Скопје. „Сите се најрап кога се чувствуваат најраперски!”
Да, уметноста и музиката не се ограничени на одредено место или време – тие се израз на внатрешното чувство и страст, а Вутар ги има на кило!
„Петок црна ноќ, кока кола и шток, у гаќи zip lock. У ќесата silver, у џебот squeezer на grog, fat cap gloss black вандализирам ја срања laid back!“