Автор: Иван Шопов
Издавач: Или-или, 2020
Жанр: микропроза / урбани минијатури / лирска документаристика
Фотографии: Иван Шопов

Моменти. Сеќавања.
Во збирката раскази „Скопје: изгубените чевли на градот“ Иван Шопов ја црта картата на Скопје, не преку булевари и фасади, туку преку ситниците што лесно ни се лизгаат низ сеќавањето: чевел оставен на тротоар, натпис „РЕЗЕРВИРАНО“ со фломастер во горниот кат на автобус од ЈСП, зелената линија на Камениот мост, натписот „+Господ+“ на ѕид спроти хотел „Карпош“. Од ваквите мали, „неважни“ точки авторот составува чувствителна, емпатична, филозофска, но често и духовита (внимание: не цинична!) мапа на градот – мапа што пулсира со човечки ритам наместо со урбанистички план.
Да имаше поднаслов, тој (можеби!) би бил: „Моменти. Сеќавања.“ Сè што прави Иван Шопов во „Скопје: изгубените чевли на градот“ е еден обид да го задржи мигот – да го конзервира, да го стави под стаклено ѕвоно, како што Горан Стефановски ги „конзервира“ своите импресии. И таму и тука станува збор за архива на минливото, за бележник на ситни, навидум небитни, моменти што го сочинуваат животот на еден град и на еден човек во него.

Flash Fiction или градска хроника?
Книгата е организирана како низа микроесеистички запис(ч)и(ња) или (анти)рaзгледници, со јасно препознатлив потпис: кратки, остри, на моменти афористички резови низ секојдневието. Шопов умее од случаен впечаток да извлече филизифска идеја (како во расказот „Автобуска утопија“), а неадресираните пцости се претвораат во „облак“ над градот што периодично „грми“ (расказ „Облак“). Во оваа поетика, Скопје е и сцена и јунак; и тело со плускавци од тесни обувки и интелигентен соговорник што има увид во мистичните знаења.
Жанровски, оваа книга се движи по тенката линија меѓу поезија во проза, микрофикција и градска хроника. Таа е дел од традицијата на т.н. flash fiction, на кусата форма што понекогаш има само десетина редови, а во себе содржи цел универзум. Низ историјата оваа форма ја негувале автори како Иштван Еркењ, Данил Хармс, Ден Роудс, но и класичари (можеби не толку според должина, колку според стил, поетика или концепт) како Чехов и Рејмонд Карвер, Чарлс Буковски, па дури и Рејмонд Чендлер – писатели на прецизни, економични реченици што се движат меѓу реалност и визија, секогаш блиску до луѓето, секогаш како јасен отсечок од животот.
Книгата на Шопов потсетува и на концептуалниот поетски дневник на Јоко Оно, „Грејпфрут: книга со упатства и цртежи“ (1964), каде што секој текст е покана за размислување, исто како што кај Шопов секој расказ е покана за набљудување.
Шопов е дел од таа традиција, но и нешто повеќе – тој не се откажува од внимателното гледање, дури ни тогаш кога сите други гледаат во подот или во телефонот.

Градот без цинизам, градот што дише човечки
Она што прво се забележува во оваа книга е нејзиниот тон. Тука нема иронија, нема сарказам, нема студена дистанца од градот. Иван Шопов не е ниту хроничар, ниту критичар на Скопје – тој е негов емпатичен сведок. Во време кога многу автори, особено скопјани, пишуваат за градот со горчливост, со чувство на предавство и разочараност, Шопов го опишува со љубов. Тој гледа човечка топлина во баналностите (како во расказите „Испит“ или „Десерт“) и поезија во секојдневието.
Градот кај него е жив организам составен од обични луѓе: таксисти, продавачки, разнесувачи на пици, возачи на автобуси, рибари на Вардар, питачи, пијаници, безделничари. Тие не се карикатури, туку протагонисти на едно колективно сценарио. Исто како што во документарен филм камерата може да ја фати убавината во најпросечната сцена, така и овде прозаичниот момент се претвора во поетски документ за градот.
Овие раскази се медитации за урбаното живеење, запишани од позиција на набљудувач кој е и присутен и отсутен. Авторот гледа, но не суди. Слуша, но не проповеда. Го набљудува градот како да е екосистем во кој сè е поврзано: луѓето, предметите, патеките, облаците од пцости, сенките од алиштата спружени на терасите, светлата во ноќта. И навистина, Скопје е котлина што „го дише она што го издишува“.

Минливоста како судбина и како убавина
Мотивот на минливоста, на непостојаноста, е една од најсилните нишки во книгата. Скопје, според Иван Шопов, е „град шампион на непостојаноста“, град што секој ден ги менува своите кафулиња, улици и фасади, град што постојано се преоблекува и го губи својот лик. Но, под таа променлива кожа, Шопов го наоѓа упорниот слој на човечка смисла – на траги што остануваат и кога ќе исчезне сè друго.
Графитот под мостот „Гоце Делчев“ со натписот „Кој кур графит?!“ (во расказот „Кој кур град?!“) станува ироничен епитаф на градот. Токму затоа, кога авторот забележува дека графитот бил пребоен неколку месеци подоцна, тој факт не ја брише поентата – напротив, ја засилува. Градот исчезнува, но зборот останува.

Скопје како жива кореографија
Лирската оптика не ја исклучува општествената чувствителност. Шопов гледа со разбирање и кон хаосот, и кон нежноста. Во неговите раскази нема патетика, но има етичка топлина.
Тој сочувствува со питачите и разнесувачите на пици, со осамените рибари и со децата кои со нивните прашања отвораат нови универзуми на можности („…има ли китови ноќно време во Вардар?“), додека таксистите му се извор на загадочни мудрости (како во филмот „Ноќ на Земјата“, од Џим Џармуш):
„Приказната со која таксистот ве збогатува сѐ уште не е вклучена во цената на возењето.“ (од серијалот раскази насловени „Во такси“)
„Влез“ и „Демократија“ се маалски минијатури што лесно би можеле да станат краток филм во стилот на Clerks, Friday или Do the Right Thing – филмови во кои обичното секојдневие се претвора во филозофија, а разговорот на клупа станува суштина на животот во градот. Авторот тука зборува за филозофијата на „практикување на ништото“ или т.н. „маалски зен“.
Девојка во автошкола што крева желка пред автомобил („Испит“), касиерка што несвесно „привилегира“ купувачи со алкохол во 20:55 („Привилегирани“), старци што пред расипан автомобил одржуваат филозофски совет („Совет на мудреци“), дете што не сака да го држат додека вози велосипед („Помошни тркала“) – сите тие стануваат дел од кореографијата на еден жив град.
Во „Бегалци“, еден од најтоплите раскази, непознат човек му помага на авторот да го понесе куферот од саемот на книга, изговарајќи: „Јас сум од децата бегалци, многу добро знам што значи да се носат тешки куфери.“ Тој миг ја содржи целата филозофија на книгата: тежината на животот и леснотијата на гестот.
Во „Мала ноќна одмазда“, Шопов со остро око ја бележи младешката енергија на тинејџерите што ноќе го освојуваат градот како сцена за слобода – „совршена рамнотежа помеѓу деновите минати во воспитно-образовните канџи и одмазничките ноќни сеанси“. Во „Аријадна“, пак, тој го брани „вандалот“ што со зелена линија ја исцртува оградата на Камениот мост: трага по која ќе се ориентира во градот што секој ден го заборава своето вчера.
Шопов зборува за човечката потреба да се остави белег, било преку смеа, бунт или исчкртана линија – како начин градот да нè памети барем малку подолго.
Во „Автобуска утопија“, инспириран од искреноста на едно дете во автобус, Шопов замислува свет каде „сè што е ставено во папката ‘препорачливо да се премолчи’ се кажува гласно”. Во таа мала утопија, вистината станува форма на слобода и човечка искреност.
Во „Сказна за рибарот“, Шопов создава вистинска зен-минијатура: приказна за еден рибар на Вардар кој, со спокојството на мудрец, ја прифаќа залудноста како дел од смислата. Риболовот станува метафора за тивко постоење, каде мирот се наоѓа не во уловот, туку во самото чекање.
Во „Обележувачи“, Шопов конечно ја отвора интимната географија на градот – неговата соба како микрокосмос во макрокосмосот на Скопје. Обележувачите за книги кај него не се само предмети, туку траги од секојдневието: шнолата на сопругата, лигавчето на синот, билет, белешка. Тие се доказ дека градот се чита како книга, а книгата како град.
Кога го шетам (читам!) Скопје, како обележувачи ги користам сеќавањата на другите градови,
Овој расказ е увертира во петте „антиразгледници“ од Дојран, Пазин, Софија, Кикинда и Загреб – места што стануваат обележувачи во една поширока книга за Скопје, небаре секој град содржи дел од другиот.
Во последната минијатура, авторот ја споредува приврзаноста кон Скопје со родител што тивко се обидува да се искраде од собата на детето, но тоа се буди – симбол на љубовта што не нè остава да си заминеме целосно. Тоа не е зависност, туку верност кон местото што го обликувало нашето дишење.

Атлас на Скопје – географија на чувствата
„Скопје: изгубените чевли на градот“ е и топографски дневник, атлас на градот низ кој авторот талка со перо и фотоапарат. Топонимите се повеќе од координати, тие се поетски и архетипски точки на меморијата.
Градскиот парк, Универзална сала, Камениот мост, Градскиот стадион, Старата чаршија, Новата железничка, хотел „Карпош“, Вардар, Зелениот пазар, книжарницата „Три“, автобуските станици и линиите бр. 12 и 22. Но, и пивопијците пред продавничките, кафулињата, пекарниците, терасите со алишта, графитите и старите фиќовци во дворовите, сите тие се обележувачи во менталната мапа на градот.
Скопје кај Шопов е град на детали, не на архитектура, град на траги, не на градежни подвизи. Секоја локација е симбол, секоја сцена е географија на емоцијата.
„Изгубените чевли на Скопје“
Во насловниот расказ „Изгубените чевли на Скопје“, Шопов ја наоѓа централната метафора на својата книга. Тие чевли не се само фрлени предмети, туку симбол на градот што постојано се обидува да си најде удобен пар, свој сопствен идентитет. Секој оставен чевел станува белег на нечиј живот, отпечаток на минување, археолошка трага на едно присуство.
Градот тука не е изграден од бетон, туку од чекори и сеќавања, од сите оние кои го минуваат, исчезнуваат и повторно се враќаат. Во таа метафора се содржи суштината на книгата: Скопје како жив организам што го бара своето место, како човек што оди бос, но не престанува да се движи.

Стилот и медиумот на вниманието
Шопов пишува со чист, јасен и ритмичен јазик. Речениците се кратки, но не и студени – тие се како удари на срцето. Секој збор има тежина, секоја слика има порака. Понекогаш расказите се како афоризми, другпат како мини-есеистички параболи.
Фотографиите присутни во книгата, исто негови, не се украс, туку втор медиум на истата поетика. Тие функционираат како визуелни паузи, потсетувајќи дека градот може да се чита и преку случајните фрагменти: графити, кош заробен помеѓу автомобили, натпис „Бушиме уши“, осамениот рибар на Вардар, релативноста на автобуското време, снегот врз едно Фиќо… тоа се воедно сцени кои функционираат сами, но и како инспирации за приказни.
Градот што чекори понатаму
За кого е оваа книга? За скопјани што сакаат повторно да го препознаат својот град и таму каде што мислат дека го нема; за дојденци што сакаат да го разберат преку неговиот микро- и макросвет; и за сите што ја сакаат литературата што не мора да биде гласна за да биде длабока.
Читањето на оваа книга се доживува како прошетка. Се отвора и затвора по желба, како прозорец низ кој се гледа градот во различни часови и сезони. И во секоја страница се чувствува онаа тивка, човечка мудрост: дека убавината не е во големите нешта, туку во ситните, случајни, непланирани допири меѓу луѓето.
Во време кога градов се претвора во маркетиншка поза, кога Скопје се мери со проекти и фасади, Иван Шопов прави спротивен чекор: ја враќа нежноста. „Изгубените чевли“ не се само предмети оставени сред улица; тие се симбол на постојаното трагање по удобниот чекор, по рамнотежата меѓу човекот и градот.
И можеби токму тоа е пораката на книгата: да застанеме, да погледнеме, да именуваме нежно. Зашто кога го правиме тоа, Скопје престанува да биде апстракција и станува – живо.
П.С. Книгава, без сомнение, заслужува да биде преведена на англиски и да се најде меѓу делата што го претставуваат Скопје во светот.
За крај – нешто сосема поинаку!
Подготвивме и една листа на топоними кои се спомнуваат во книгата на Шопов, како дел од нашиот проект „Уметноста како временска капсула“ („Томе од бензинската пумпа“, „Снежана на крајот умира“, „Bolji Zhivot“). Овие топоними градат ментална карта на Скопје, во која секое место е дел од еден поетски систем на препознавање.
Топоними во книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“
Топоним / Локација | Расказ / Наслов | Тип / Категорија |
---|---|---|
Градски парк | Пајажина | Парк / јавен простор |
Бул. „Партизански одреди“ / Универзална сала | Прегратка | Булевар / културен центар |
Строгиот центар / Плоштад / ГТЦ | Неоправдано отсутни | Центар на Скопје |
Автобуска станица (ЈСП) | Неоправдано отсутни / Молба до градските власти / Зен-будизам во Скопје / Резервирано | Транспорт / јавно место |
Камениот мост | Китови / Аријадна | Мост / симболичен премин |
Ул. „Иво Лола Рибар“ / блок 149 | Влез | Маало / станбен блок |
Козле / Карпош 1 | Во такси (продолжение) | Реон / маало |
Соборна црква | Во такси (продолжение 2) | Религиозен / историски простор |
Градинка „Пролет“ | За архитектурата, љубовта и несоницата | Образовен / јавен објект |
Мост „Гоце Делчев“ / графит „Кој кур град?!“ | Кој кур графит?! | Мост / графити |
Графити* | Потписи | Урбана уметност како топоним |
Игралишта за кошарка* | Секој шут – кош | Спортски простор |
Старата скопска чаршија | Оптичка илузија / Бегалци | Историско / културно јадро |
Новата железничка станица | Лотреамон во Скопје | Транспортен центар |
Сообраќајни знаци* | Дозволена брзина | Урбан систем / сигнализација |
Детски игралишта* | Мала ноќна одмазда | Јавен простор |
Градски стадион | Шах | Спортски простор |
Хотел „Карпош“ | Господ | Хотел |
Книжарница „Три“ (во ГТЦ) | Оружје | Книжевен / трговски простор |
Вардар / рибар* | Сказна за рибарот | Река |
Парк спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“ | Урбанист | Парк |
Кафе „Лајка“ / Градски парк | Испит | Кафуле / јавен простор |
Супермаркет* | Привилегирани | Комерцијален простор |
JAZZ FM (100.8 MHz)* | 100.8 | Радио / медиум |
Скопски пекарници* | Апокалипса | Комерцијален / секојдневен простор |
ГТЦ / питач* | Камера | Центар на Скопје |
Алишта на тераса* | Реконструкција | Домашен простор |
„Орце Николов“ / „Ленинова“ / бистро „Пепер“ | Десерт | Улица / локал |
Автобус бр. 12 / бр. 22* | Автобуска утопија / Применета релативност | Јавен превоз |
Продавничка* | Совет на мудреци | Маалски социјален центар |
„Старо купуем“ / натпис* | A Capella | Натпис / урбана појава |
Клуб ГЕМ / Менада / Црква Св. Димитрија / Стоковна куќа „Мост“ | Бегалци | Урбани пунктови / културна мапа |
Фиќовци* | Градина | Предмет / културна икона |
Зелениот пазар | Распродажба | Пазар / јавен простор |
ФЛУ (Факултет за ликовни уметности) | Изложба | Образовен / уметнички простор |
Ул. „Јуриј Гагарин“ | Саќе | Урбана структура |
* Термините обележани со ѕвездичка се или општи топоними или тематски или симболички простори – предмети, категории на луѓе и места без конкретна адреса, но со јасно урбано и метафоричко присуство.