Пред неколку години ги создадовме Science.mk како прв агрегатор за вести од науката и технологијата во Македонија и creative.mk, како прв агрегатор за културно-уметнички вести во Македонија.


Врз основа на идејата на Бранко Прља и со одличниот и паметен дизајн на Владимир Карер, агрегаторите супер функционираа. Тие беа место каде што можевте да ги следите најновите случувања од науката, технологијата, уметноста, културата и слично. Сајтовите траеја колку што траеја (т.е. колку можевме да си дозволиме од сопствен џеб да плаќаме за домејн/хостинг).
Сега ги реактивиравме! Со помош на вештачка интелигенција, направивме поедноставени (не толку визуелно убави, но функционални) верзии на сајтовите и ги поставивме на нашиот сајт арно.мк како посебни поддомени.
Ова се новите адреси:
Не успеавме да ја постигнеме истата функционалност – помал број на сајтови се присутни со RSS feed, а другите се дадени како линк. Ќе се потрудиме да ги доработиме, но најбитното е дека додека постои арно.мк, ќе постојат и тие.
Ако на некој му користат – уште поарно!
Од описот на агрегаторите издвојуваме:
science.arno.mk е агрегатор на кој можете да ги најдете сите најнови вести од науката и технологијата. Гледајте на него како на помошна алатка против дезинформациите и ширењето на теориите на заговор. Вестите ги преземаме од проверени извори и сајтови на кои им веруваме. Сметаме дека во денешно време е многу битно да се информираме од вистински извори и да бидеме објективни, зашто дезинформациите можат да доведат до погрешни одлуки не само лично за нас, туку и пошироко. Сите имаме голема одговорност во денешно време, кога сме „бомбардирани“ со информации, да се едуцираме и да истражуваме што е можно повеќе пред да донесеме заклучок. Во науката е иднината!
creative.arno.mk е агрегатор на кој можете да ги најдете сите најнови вести и текстови од областа на културата, уметностите и креативните нешта. Заедно со агрегаторот science.mk за најнови вести од науката и технологијата се работи за обид за популаризација на науката, културата и уметноста на македонски јазик, нешта кои недостасуваат. Вестите и текстовите ги преземаме од проверени извори и сајтови на кои им веруваме. Сметаме дека во денешно време е многу битно да се занимаваме со „убавите нешта“ и да се бориме против шундот и кичот кој ни се наметнува преку стандардните медиуми, но и зазема голем дел од интернет медиумите. За уметноста – против турбо-фолкот!