Сакате да закажете за нова лична карта? Е, нема!

Ако сте граѓанин на Република Македонија и медиумите ве предупредиле дека документите нема да ви важат ако не ги замените со додавката „Северна“, тогаш веројатно брзате да ги смените.

Тоа е нивно право, нели, никој не ве прашал дали сакате поинакво име на вашата држава, па зошто да ве прашаат за документите…

Што правите тогаш? Вртите на бројот 072 929292 или 0800 192 92 и чекате. Во повеќето (стотици) случаи ви дава сигнал зафатено или порака „во моментов повикот не може да се оствари“.

Кога (случајно) имате среќа да го добиете роботскиот глас кој ви вели дека „сите оператори се зафатени“, тогаш ви останува избор да ја послушате виртуозната гитара на Влатко Стефановски 15-тина минути.

Независно колку пати ќе го поминете овој пеколен круг, песната загарантирано ќе ви се врти во главата цел ден. Како ѓраѓанин на Република (пардон Северна) Македонија – вие го заслужувате тоа!

Она што не е јасно е зошто совршено едноставната опција на закажување преку линкот термин не функционира. Секој пат кога се обидувате да изберете термин, ќе добиете порака дека терминот не постои – независно од тоа колку пати ќе се обидете!

Не постои слободен термин во бараниот период. Јавете се во повикувачкиот центар на 072 92 92 92

И потоа повторно ќе се јавите во повикувачкиот центар каде што е зафатено, и процедурата се повторува, до бескрај.

Се разбира, како граѓани треба да имаме разбирање едни кон други и не треба да ги оптеретуваме операторите кои закажуваат термини, но прашањето е зошто тогаш линкот кој би требало да го овозможи истото брзо, безболно и едноставно за сите – не функционира!

А зошто е всушност целава работа? За да направиме нешто што не го баравме, ниту го сакавме и од што нема апсолутно никаква корист!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *