Со новата рубрика „Ретро вести“ се навраќаме на заборавени настани од минатото, денес се изгубени во архивите и тишината, настани што нè обликувале како општество – не од носталгија, туку за подобро да разбереме каде сме (биле) и каде одиме.
Овој текст започна со случајно откритие во Архивот на Град Скопје, со една фотографија од 1970 година и со едно едноставно, но вознемирувачко прашање – како е можно да не знаеме дека оригиналната капсула на Аполо 10 била изложена во Скопје? И ако тоа сме го заборавиле, што уште сме оставиле да исчезне заедно со пожолтените весници, недигитализираните архиви и приказните што никој повеќе не ги раскажува?
Архив на Град Скопје – фотографии по земјотресот
Во една прилика работев на монографија и ми беше дадена дигитална архива од Град Скопје – фотографии од периодот по земјотресот во 1963 година. Веднаш согледав дека тоа не е само една „папка со слики“. Тоа се албуми што го документираат целиот драматичен и долготраен процес што го поминало Скопје по катастрофалниот удар од 26 јули 1963: од првите часови по потресот, преку спасувањето и преживувањето, до обновата и изградбата на новиот град.
Бидејќи во документацијата немаше дигитална транскрипција на описите на фотографиите на Киро Георгиевски придружени со ракописни описи кои внимателно ги направил некој трудољубив вработен во Центарот за информации, решив сам да го сторам тоа. Во следните денови транскрибирав илјадници описи на фотографии како овие:

© Архив на Град Скопје
Албум 1 / стр1 Опис: Градско собрание на град Скопје — Центар за информации Скопје
ТЕМА: Земјотрес во Скопје
МЕСТО: Скопје
СНИМАЛ: Киро Георгиевски
ДЕН НА СНИМАЊЕТО: 26.VII.1963 год.
ЛЕГЕНДИ: Земјотрес во Скопје
1. ул. Маршал Тито со поглед кон Железничка станица
2. ул. Маршал Тито Југословенската армија кон жел. станица
3. Железничка станица непосредно сликана по земјотресот
4. Хотел „Скопје“ до зградата на Макотекс ул. Маршал Тито
5. Станбена зграда на ул. Маршал Тито до зградата на градско собрание
6. Хотел Македонија непосредно по катастрофалниот земјотрес; ул. Иво Лола Рибар
7 и 8. давање прва помош на постраданите кај Хотел Македонија
9. Офицерски Дом: непосредно по земјотресот; Плоштад М. Тито
На фотографиите се гледаат разурнати станбени згради, хотели, банки, училишта, културни и верски објекти. Се гледаат урнатините на старата Железничка станица и централните градски улици. Преку фотографиите сведочиме и на расчистувањето на шутот – домашни и странски екипи, меѓу кои и единици на ЈНА и странски армии. Се гледа како градот се поместува сантиметар по сантиметар од хаосот кон некоја форма што личи на ред.
Истовремено, овие албуми сведочат и за хуманитарниот аспект на трагедијата: давање прва помош, евакуација на луѓе и покуќнина, масовно сместување во шатори, бараки и монтажни населби. Импровизирани администрации, болници, училишта и библиотеки. Во подоцнежните серии се следи систематската санација и рушење на небезбедните објекти, геомеханичките испитувања на тлото, изградбата на монтажни населби во различни делови на градот и постепеното оформување на новите булевари, населби и институции.

© Архив на Град Скопје
Страна: 14
Датум: X 1963
Тема: Земјотрес во Скопје
Броеви на снимки: 235–242
ЛЕГЕНДИ:
235, 236. Бушење на сонди во месноста Тафталиџе — испитување на тлото
237. Станбени згради кај Градскиот парк, непосредно пред санација
238, 239. Привремено подупирање на стан. кула на ул. Партизанска во населбата Карпош I
240, 240а. Оштетена зграда во месноста железничка колонија на ул. 29 Ноември
241-242. Од земјотресот оштетена трафостаница на ул. [не е допишано]
И на крај – како заокружување на оваа визуелна хроника – фотографиите ја прикажуваат и меѓународната солидарност, урбанистичките изложби и планови, како и почетоците на современото Скопје: град што од урнатините се издигнува преку организирана обнова, колективен напор и визија за иднината.
Сето тоа го гледав со професионално око, како некој што „работи материјал“. Но, и како некој заинтересиран за зачувувањето на историјата, но и што е уште поважно – слободното споделување на истата со другите. Затоа откако ги транскрибирав сите фотографии и описи од архивата – го пратив документот со 50 страници и 56.000 карактери на Архивот.
Целиот процес беше мачен – зошто воопшто го правев тоа? Никој не ме плаќа, ниту добив благодарам. Причината е многу подлабока, можеби во тоа дека архивите никогаш не остануваат само материјал. Архивите се жива историја на еден народ, која не зборува само за минатото, туку и помага да се изгради подобра иднина.
И во тој процес – сосема случајно – налетав на фотографија што сведочи дека во Скопје, неколку години по земјотресот, била изложена капсулата на Аполо 10, првата реакција не беше воодушевување, туку неверување.
Како е можно таков настан да исчезне од колективната меморија!?
Аполо 10 во Скопје

Албум: 10
Година: 1970
ЛЕГЕНДИ: 10670–10672
На плоштад Слобода, беше изложен вселенскиот брод Аполо од С.А.Д.
Седиш пред екран и читаш легенда што звучи како научна фантастика, ама е напишана со службен тон. Вселенска капсула! Аполо. Од С.А.Д.
Како е можно никогаш, во целата моја „кариера“ на читање научно-популарни текстови, да не сум слушнал за овој настан? Веднаш побарав на интернет – безуспешно. Како може еден ваков значаен настан – изложба на вистинската капсула Аполо 10, мисија без која слетувањето на Месечината не би било возможно – да не биде забележан никаде во нашиот онлајн простор!?
(Според моето приватно истражување ова е факт. Се извинувам доколку некој го има документирано ова во дигиталниот простор и слободно достапните податоци, а не сум свесен на тоа).
Тука почна класичната македонска потрага по нешто што „се случило“, ама како да не се случило. Каде да барам? Да се упатам во Универзитетска или некоја друга библиотека и да пребарувам по нивните архиви? Но, за тоа морам да ја знам не само годината, туку и месецот на настанот. А наша дигитална архива на позначајните весници – не само јавно достапна, туку воопшто дигитална – не постои.
Пребарувајќи по интернет налетав на текст во српскиот весник „Борба“ од 13.09.1970, каде е наведено дека изложбата била одржана во Белград и дека ќе патува за Скопје. Одлично. Значи – го знаеме месецот.

И знаеме дека ова не е „легенда во албум“. Ова било настан. Во жив град, на жив плоштад.
Во аналите на историјата
Заминав во една од библиотеките – нема да кажам која, заради сензитивните муабети во кои ќе навлеземе наскоро – го поставив моето барање, но без идеја во кој весник би можел да барам. Ме упатија кон периодика, во еден реновиран, осветлен дел – чисто, модерно, со оние нови површини што мирисаат на „европски проект“ и свежа боја. На влезот – читална како кафе-бар: високи столчиња, високи маси, лаптопи отворени како мали олтари, студенти што се дружат, учат, пијат кафе и муабетат тивко, како да се во coworking. Во „наше време“ на истото место имаше „кибер-кафе“ каде младите Скопјани во зачадена просторија преку компјутери (кои ги немаа дома) се поврзуваа во виртуелниот свет преку Кантер Страјк.
А само неколку чекори подалеку, во ходникот, како реликвии од минатото, стоеја старите библиотечни фиокари – оние дрвени наткасни што порано ги чувале картоните од книгите, индексот на едно време кога знаењето било мапа што ја бараш со прсти, а не со „search“. Порано од тие фиоки се наоѓаше патот до книгата; денес од нив се наоѓа само потсетникот дека патот постоел. Ги погалив со поглед и си помислив: ова е Скопје во минијатура – една врата кон иднината, една фиока кон минатото, и помеѓу нив јаз што никој не може да го помине.
Вработената во периодика, која очигледно си ја знаеше работата, откако ми ги зема податоците, ми предложи.
– Подобро да побараш во „Вечер“, тоа е весник кој е повеќе за настаните во Скопје, додека „Нова Македонија“ е поврзан со државата.
Океј. Вечер it is.
Ме остави да чекам, па се појави со една голема, старинска папка на која пишуваше: „ВЕЧЕР 1970/IX“. Ја отворив – и тоа не беше „папка“, туку временска машина. Пред мене како да оживеа еден свет на минатото, со сите негови приказни, случувања, дилеми, настани и тајни. Роден сум во седумдесеттите, но на нивниот крај. За мене свесните сеќавања се поврзани со осумдесеттите. А оваа ера на Југославија – неврзаните, забрзана градба и пораст на Скопје, новите дилеми на еден град со 380.000 илјади жители – ми беше делумно непозната.

Според најновите податоци, Скопје има 380.000 жители, од кои во потесното градско подрачје живеат околу 302.000, а другите во периферните населби на скопскиот регион. Нашиот главен град денес има една третина повеќе жители одошто пред шест години.
Според бројот на жителите Скопје расте многу побрзо одошто што се предвидуваше.
Темпото на порастот и измената на социјално-економската структура на населението ја наметнуваат потребата за преземање соодветни мерки за намалување на непланираното уселување. Се укажува и на можноста за преиспитување на утврдените планови за економскиот, урбанистичкиот и општиот развој на градот.
Извор: Вечер бр. 2260 (05-06.09.1970)
© Вечер
Таму, во библиотеката, склупчен над пожолтените страници, со прсти што автоматски стануваат повнимателни (како да држат нешто кршливо), доживеав едно мало трансцендентално искуство. Препознавав многу од денешните дилеми на Скопје: проблеми со ѓубрето, сообраќајот, дивоградбите, цените, греењето… Истите зборови, само други лица. Истите нервози, само други типографии. (А типографијата – wow! – реден слог, ретро дизајн, лејаут каков ме инспирирал во минатото во моите измислени весници).
Но препознав и нешто што денес го чувствуваме како научна фантастика: попросперитетен живот во кој има многу фабрики, планско градење, организирани обиди на државата и институциите за заштита на јазикот, културата, градот, развој на науката и вистински образовани и стручни кадри. И големи луѓе кои твореле во тоа време, за кои ние подоцна сме учеле на училиште. Навистина инспиративно.
И така, превртувајќи ги тие пожолтени страници, налетав конечно на богатството кое го чекав во бр. 2269:

„Вечер“, год. VIII, бр. 2269, 16.09.1970 – со наслов:
ОРИГИНАЛНИОТ КОМАНДЕН МОДУЛ НА АПОЛО 10 ВО СКОПЈЕ
(Хјустон, овде Скопје…) – СТРАНИЦА 5.

Не треба да објаснувам колку брзо, но сепак внимавајќи да не го оштетам весникот, свртев на страница 5. Почнав да читам и веднаш го извадив мобилниот, како човек што се плаши дека доказот ќе му избега од раце. И токму тогаш – батери азиз!
Зарем е возможно да сум толку невнимателен, кога толку многу се подготвував за оваа авантура, во мислите сто пати замислувајќи го моментот во кој ја пронаоѓам веста? Ја замолив љубезната вработена во периодика да ми позајми полнач, а таа веднаш го исклучи нејзиниот и ми го даде. Но, за жал, нејзиниот полнач уште повеќе ми го испразни телефонот.
Со страв најавив дека морам да излезам (што ако ми рече дека не смеам да ја оставам архивата и да заминам!), но таа ми одговори дека нема проблем. Истрчав да купам полнач и се вратив најбрзо што можев. Авантурата продолжи.

Целосниот текст од весникот во продолжение:
Вчера, денес и утре во Скопје
ОРИГИНАЛНИОТ КОМАНДЕН МОДУЛ НА АПОЛО 10 ВО СКОПЈЕ
ХЈУСТОН, ОВДЕ СКОПЈЕ…
- ГОЛЕМО ИНТЕРЕСИРАЊЕ ЗА ОВОЈ ВСЕЛЕНСКИ ПАТКИК
- ЗА ЕДЕН ЧАС 1.000 ПОСЕТИТЕЛИ
„…Овде Хјустон. Овде Хјустон... Стафорд, како не слушате...“ „Ок. Овде Стафорд. Сè е подготвено за атерирање. Сите се чувствуваме добро, одвај чекаме да ги допреме брановите на Пацификот...“
Гласовите на тројцата астронаути од Аполо 10, Томас Стафорд, Јуџин Сернан и Џон Јанг, тројцата јунаци на вселената, првите луѓе од Земјата што во 1969 година ја обиколија Месечината, приближувајќи го месечевиот модул на само 12 наутички милји од земјиниот сателит, вчера и денес им „стојат на располагање“ на скопјаните. Командниот модул на Аполо 10, по неколкумесечната обиколка на Европа, пристигна во Скопје и е изложен на плоштадот Слобода, пред Домот на градежниците.
ГОЛЕМО ИНТЕРЕСИРАЊЕ
Интересирањето на скопјаните за овој несекојдневен „гостин“ на нашиот град е повеќе од големо. Недогледна редица љубопитни луѓе чекаат на ред да го видат оригиналниот команден модул, а на излезот, бројачот, за еден час откако е отворена подвижната изложба, забележал 968 посетители. Звучникот ја повторува „историјата“ на командниот модул и предупредува: „Се молат посетителите да не се задржуваат премногу, да не ја допираат капсулата со рака…“ И додека посетителите чекаат ред, организаторот се потрудил, преку разни проспекти, да ги запознае со поединостите на Аполо 10, за на крајот на секого да му подари по една значка.
Мистер Фентрес Гарднер, директорот на оваа подвижна изложба, што ја организира Смитсоновиот музеј од Вашингтон, е по цел ден околу командниот модул. Го замоливме да ни каже нешто за турнејата на Аполо 10.
— Од почетокот на април годинава до денес посетивме повеќе европски земји. Почнавме од Будимпешта, па преку Плзен, Копенхаген, Осло, Стокхолм, Виена, Љубљана и Белград, а еве не во Скопје. Овде остануваме до 17 септември, од каде заминуваме за Бугарија. Досега најголема посета имавме во Полска, за 9 дена 120 илјади луѓе.
— Што му недостасува на командниот модул и зошто е забрането допирањето?
— Единствено вратата низ која влегуваат астронаутите. Ја заменивме со провидно стакло, со желба на посетителите да им овозможиме што подобро да го видат внатрешниот дел на капсулата, бидејќи прозорците на оригиналната врата е премногу мало.
— А тоа што не дозволуваме да се допира капсулата, е од едноставна причина — објаснува Гарднер и ни предлага тоа да го сториме ние. Го допираме долниот дел на капсулатас, а на раката ни останува црнило. Долниот дел е изгорен од температурата и некогашна цврста материја се е јагленосана.
НЕДОВЕРЛИВИ СКОПЈАНИ
Застанавме и ние во редицата луѓе. Сакавме да прислушнуваме, да го одбележиме реагирањето на посетителите. На капсулата тешка 5,5 тона, пишува дека е оригиналота тоа постојано го повторува и спикерот низ разгласните звучници. Меѓутоа, сепак, не се малкумина оние што вртат со главата.
— Тоа би било лудост — ни објаснува мистер Гарднер — кога би правеле копија. Би не чинело колк и оригиналот И не само овде, Во Скопје се јавува таква недоверба, така е секаде. Но, кога посетителите ќе ја видат изгорената капсула, веднаш ге менуваат мислењето.
• Едно десетгодишно дете бара да влезе во капсулата и прашува дали трите фигури внатре, облечени во космонаутска облека, се вистинските космонаути. Во меѓувреме еден од студентите е задоволен што земал повеќе значки амблемот на Аполо 10, а друг, пристар човек, се интересира дали макетата на месечевиот модул може да се купи...
• А еден од посетителите, најверојатно штотуку допатувал од Тиквешкиот гроздобер, со комплет алкохолни пијалоци в раце, го убедува мистер Гарднер дека тоа што го носи е „македонски Аполо“ и дека „со него може да се стигне подалеку од месечината...“
Т. Наумчевски
Архивирањето нѐ чува од заборавот
И ете – сега е документирано, во аналите на кибер-просторот, дека Аполо 10 навистина бил во Македонија, во Скопје. Што понатаму?
Останав уште неколку часа, разгледувајќи ги другите весници, фотографирајќи по нешто за инспирација, за некој иден текст. Се упатив кон вработената и се извинив што се задржав толку, со оправдување дека има премногу интересни работи. Таа веднаш ме советуваше дека имаат и архива од (не разбрав кој?) весник од 1934 година, кој е особено интересен.
Ја прашав дали се работи на дигитализација на битните весници како „Вечер“ и „Нова Македонија“. Ми рече дека не се работи. Зачудено прашав зошто. Ми рече дека тие во библиотеката купиле и професионална опрема, со идеја да ги дигитализираат сите весници и списанија со кои располагаат, но не добиле одобрување.
Од кого? – ја прашав.
Од „Вечер“ и „Нова Македонија“, заради авторските права.
Тоа ми се чинеше толку апсурдно и неверојатно. Но, бидејќи работам во културата веќе две децении, и не ми беше толку чудно. Секаде во светот се работи на дигитализација (т.е. се е веќе дигитализирано!), а ние се расправаме со дозволи да се направи нешто што би било корисно за државата. Патиме од колективен заборав. Се бориме за историја од пред 100 (па и илјадници!) години, а не се сеќаваме што се случило пред само 50, 25 или помалку години.
На темава сум зборувал многу пати на Арно.мк, па и самиот започнав повеќе иницијативи за зачувување и архивирање на графитите или старите сајтови кои што веќе не постојат. Со проектите како музички родослови или „Уметноста како временска капсула“ се обидов на аналитички и систематски начин да им пристапам на податоците од минатото.
Постојано ги фалам луѓето како Тошо Филиповски, кој со неговите (архивски и публицистички) активности се труди да ја зачува рок сцената од заборав (и кој апелира за државна помош во истото со децении), или Небојша Гелевски – Бане, кој го работи истото на полето на графичкиот дизајн, логата, рекламите или рекламните табли од минатото и слично. ЗаУм е исто така значаен проект. Но сите такви нешта кај нас се засновани на трудот на поединци – ентузијасти.

Сметам дека е потребна интензивна и долгорочна државна стратегија за зачувување на модерната и популарна култура. И воедно слободно споделување на архивите онлајн. Државата која не си го чува своето и не архивира – не се грижи за иднината.
Во Универзитетска библиотека пред 6 години однесов поголем број мои авторски книги (преку 50) за архива – и се уште ги немаат заведено, по што (неминовно) дојдов до заклучок – дека се изгубени сите! Од друга страна, ако ги прашаш да дигитализираш нешто сам/доброволно, нема шанси да ти дозволат. Вакви приказни има многу, за жал.
За апсурдот да биде поголем, вработената во периодика ми раскажа за случај со архива на еден голем весник која по осамостојувањето на Македонија била изгубена засекогаш – по цена на еден ручек во кафеана. Бидејќи ниту една библиотека не била заинтересирана да ги преземе весниците, тие завршиле во Комуна и претворени во картон – а тој што ги донел весниците заработил ручек!
не ги разбрав сосема деталите на последнава приказна – но, поентата ја разбрав, а би требало да научиме од неа сите: ако не си го чуваме своето – никој нема да ни го чува.
Но, тука проблемот не завршува со самата дигитализација. Не е доволно весниците само да се скенираат и да завршат на некаков хард-диск, во некој сервер или под нечија фиока.
Архивата има смисла само ако е жива – ако е онлајн достапна, отворена и може да се пребарува. Таа има значење ако може да ја користи – брзо, ефикасно и лесно – секој истражувач, новинар, студент или едноставно љубопитен граѓанин што сака да се присети и да не заборави. Во спротивно, архивирањето станува уште една форма на затворање – само поелегантна, дигитална верзија на истата стара тишина.
Во денешно време, за Македонија тоа е многу битно.