За „Радна акција“ – емисија што навистина менува животи во Србија и зошто во Македонија не постои нешто слично?

Постои една телевизиска емисија во соседна Србија што со години ја освојува публиката – не со скандали, туку со добрина. Во неа нема препукувања, нема празни ветувања, туку вистинска акција: заедницата се собира, рамо до рамо, за да му помогне на едно семејство да почне нов живот. Градови, општини, фирми и волонтери се здружуваат во заедничка мисија. И сето тоа е возможно, реално и се случува секоја сезона. Ако ова е можно таму, зошто нешто вакво не би можело да функционира и во Македонија?


Србија, 2010 – денес – Хуманитарната телевизиска емисија „Радна акција“, со водителката Тамара Грујиќ и музика од Рамбо Амадеус, започна да се емитува во 2010 година и иако првичниот формат заврши во 2016, продолжува до денес под наслов „Радна акција са Тамаром“.

Форматот е едноставен на прв поглед, но зад себе носи огромна логистика, тимска работа и човечка посветеност. Секоја епизода е посветена на едно семејство што живее во исклучително тешки услови. Пред да се избере семејството, тимот на емисијата спроведува строга и темелна проверка за да се увери дека помошта оди кај оние на кои навистина им е најпотребна.

Кога акцијата ќе почне, за само неколку дена домот комплетно се реновира – од темелите до покривот. Ентериерот и екстериерот добиваат целосно нов изглед и функционалност, со нов мебел, апарати, греење и сите неопходни елементи за пристоен и безбеден живот, а доколку има потреба и приклучок на градскиот водовод и канализација.

Но не застануваат таму: продукцијата им обезбедува осигурување на семејството, резерви на храна, хигиенски средства, козметика, школски прибор и други потреби доволни за неколку месеци. Со тоа, промената не е само естетска или градежна, туку и суштинска – дава сигурност и време семејството да застане на нозе.

Клучен дел од успехот е соработката со приватни фирми, но и со градови, општини и села, кои често сами предлагаат семејства на кои им е најпотребна помош. Кога семејството ќе биде избрано, локалните власти и бизнис-заедницата се вклучуваат со финансиска и логистичка поддршка – од градежни материјали, преку услуги, до обезбедување дополнителни услови за одржлив живот.

А музиката? Музиката е од Рамбо Амадеус 🙂

А зошто не и во Македонија?

Во земја како Македонија, каде многу семејства живеат под работ на егзистенцијата, формат од ваков тип би можел да направи вистинска разлика. Имаме телевизии, имаме градежни компании, волонтери, мајстори, донатори и музичари кои би ја поддржале идејата. Она што треба е организација, транспарентен избор на семејства и волја да се работи за општо добро.

Зошто, на пример, КАМ да не подари храна? Ди-ем – зимница? Македонија осигурување – комплетно семејно осигурување? Меркур – алати? Офис плус – прибор за училиште? Комерцијална банка – штедна книшка со почетен износ? Телеком – бесплатен интернет и телевизија? Братство – тенџериња? Анхоч – компјутери за децата? А општините – приклучување на струја, вода, канализација и инфраструктура?

Ви се чини дека бараме многу?
Е па, во Србија сето тоа е реалност.

„Радна акција“ е доказ дека телевизијата може да биде многу повеќе од забава – таа може да биде алатка за директна, опиплива и долгорочна промена во нечии животи. Прашањето останува: ако ова функционира во Србија веќе повеќе од една деценија, зошто и ние да не го направиме истото?

Македонскиот обид: „Проект куќа со Кристина“

Сличен модел веќе имаше и во Македонија преку емисијата „Проект Куќа со Кристина“ на Телма, реализирана од здружението „Проект Среќа“. Во текот на една сезона (септември 2021 – јануари 2022), тимот (предводен од Кристина Арнаудова) комплетно реновираше и опреми домови на ранливи семејства, со силна поддршка од компании-донатори и општини. За колку семејства станува збор не успеавме да најдеме информации. Овој пример покажува дека ваквиот формат може да функционира и кај нас – прашањето е само зошто се што е убаво во Македонија, кратко трае.

Зошто тешко се одржува ваков проект во Македонија?

  • Ограничен ТВ-пазар и рекламен буџет

Македонскиот ТВ-пазар е многу мал и компаниите имаат ограничени средства за спонзорства. Во Србија, поголемиот број на гледачи и поголемата рекламна индустрија прават ваквите формати попривлечни за долгорочно финансирање. Кај нас, често се смета дека подобро е да се вложува во краткорочни кампањи или маркетинг со директен поврат, наместо во долгорочен хуманитарен бренд. Ова е проблем кој тешко се надминува.

  • Нема стабилен механизам за спојување на приватниот и јавниот сектор

Во Србија, „Радна акција“ има систем во кој локалните власти активно предлагаат семејства и даваат финансиска/логистичка поддршка, додека приватните компании се вклучуваат со донации во производи и услуги. Во Македонија, таквата координација ретко е систематизирана – често се базира на лични контакти, што е несигурно за долгорочен ТВ-проект. Ова би можело да се надмине, но би требало да го смениме системот!

  • Недостаток на медиумска култура за континуирана хуманитарна продукција

Многу хуманитарни акции кај нас се реализираат како поединечни настани (концерти, апели, кампањи), но ретко како серија со долгорочна продукција. За да опстане, ваков формат бара и постојана тимска структура, планови за повеќе сезони и сигурен прилив на ресурси.

  • Скепса и недоверба кај јавноста

За жал, кај нас често постои сомнеж во тоа дали донациите навистина стигнуваат до оние што им требаат. Без силен кредибилитет, луѓето и фирмите тешко се мотивираат да вложат континуирано. Нашиот портал, како основач на групата „Дај, не фрлај“ честопати се соочува со вакви проблеми. Иако групата постои речиси 10 години и работиме на проблемот на „довербата“ исто толку време, тој е се уште доминантен.

  • Недоволна промоција и мобилизација на заедницата

Дури и кога постои добар пример (како „Проект Куќа со Кристина“), ако не се промовира доволно и ако не се направи национална кампања што ќе ја вклучи пошироката јавност, проектот брзо ја губи видливоста и поддршката.

Заклучок:
Ваква идеја може да се одржи во Македонија само ако се изгради јасен и транспарентен систем за координација помеѓу медиумите, приватниот сектор, општините и невладиниот сектор, и ако од самиот почеток се постави како национален проект, а не само како индивидуална иницијатива. Што мислите, возможно ли е?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *