
Оригиналната документарна серија на Нетфликс „Пепси, каде е мојот авион?“ (“Pepsi, Where’s My Jet?”) во режија на од Ендрју Ренци ја истражува приказната за судскиот случај „Леонард против Пепсико“. Документарната серија навлегува во фасцинантната и контроверзна правна битка помеѓу гигантот за безалкохолни пијалаци Пепсико и Џон Леонард. Приказната е раскажана преку комбинација од интервјуа, архивски снимки и експертски коментар. Случајот се фокусираше на наводите на Леонард дека Пепсико не го исполнил ветувањето дека ќе му обезбеди борбен авион откако тој откупил милиони поени од Пепси.
Позадина на документарната серија
Промоцијата „Pepsi Points“ е маркетинг кампања која им овозможувала на клиентите да собираат поени од купувањата на производите на Пепси и да ги откупат за различни награди. Во огласот кој ја придружувал промоцијата било наведено дека може да се набави борбен авион за 7.000.000 поени! Џон Леонард открил дупка во промоцијата, дозволувајќи му да купи Пепси поени по 10 центи за еден поен. Потоа доставил чек од 700.008,50 долари на Пепсико, обидувајќи се да го купи авионот.
Филмот го позајмува својот наслов од комедијата од 2000 година „Брат, каде е мојот автомобил?“. (Dude, Where’s My Car?) Наместо двајца пријатели, Џеси и Честер (Ештон Качер и Шон Вилијам Скот) во документарецот се работи за Џон Ленард и Тод Хофман. Но, таму сличноста помеѓу двата филмови завршува; гореспоменатата комедија е глупав филм кој може да послужи како потврда на теоријата дека сите добри филмови се направени пред 2000-та година.
„Пепси, каде е мојот авион?“ е остроумен, смешен, добро направен и интригантен. Нема типичен американски крај, иако еден од ликовите од филмот би рекол дека епилогот на приказната е „вистинска Америка“.

Филмот е заснован на случајот „Леонард против Пепсико“, како една од најпознатите правни битки во 1990-тите и со широка покриеност во медиумите. Случајот бил значаен бидејќи ги истакна маркетинг практиките на големите корпорации, особено во однос на промоциите и програмите за наградување. Во суштината на случајот било прашањето дали Пепсико имал обврска да му го обезбеди на Леонард борбениот авион за кој тој тврдел дека му бил ветен како награда за откупување на поените на Пепси.
Главните ликови
Документарната серија е исполнета со интересни “larger than life” ликови , како правниот консултант на Леонард, Мајкл Авенати, кој ги снимал неговите сегменти додека бил во домашен притвор поради обид за изнуда.

Џон Ленард е случај за себе, личност толку мотивирана и сосредоточена на целта, што жртвувал добар дел од своите 20-ти за да се бори за случајот од кој повеќето луѓе би се откажале уште пред да помислат. Дури и кога Пепси му предложи спогодба за случајот во сума од 1 милион долари, тој одби.
„Авионот или ништо!” бил неговиот одговор.
Неговиот најдобар пријател, ментор, инвеститор и татковски лик, Тод Хофман, му ги позајмува парите за да го исполни својот сон. Тој е можеби најпозитивниот лик во филмот кој се чини дека се впушта во невозможни авантури, но изгледа дека никогаш не го губи моралниот компас. За разлика од останатите ликови, меѓу кои и адвокатите од двете страни, претставниците на Пепси и Џон Ленард. Тод Хофман е лик сам по себе кој заслужува документарен филм за неговиот живот, борбите и успехот.

Позитивен лик е и креативниот директор кој ја смисли рекламата која заврши толку неславно. Тој е склон да ја кажува вистината и не е пристрасен, за разлика од другите ликови. Тој, исто така, открива дека клиентот (Пепси) направил клучни промени во рекламата што ги натера потрошувачите да веруваат дека освојувањето на главната награда (борбениот авион) не е шега.
Најнегативни ликови се судијката и шефот на Пентагон. Судијката Кимба Вуд ги отфрли тврдењата на Леонард и го негирала по неколку основи, кои се покомични од самата реклама. Повеќе е од очигледно дека судскиот систем ги штити интересите на големите корпорации. Истото може да се каже и за Пентагон.
Во филмот Џон Леонард изјави дека неговиот пријател Тод Хофман го обврзал да направи една сериозна задача, како услов да му даде пари – да направи соодветно истражување и деловен план. Главната пречка што Џон морал да ја надмине било прашањето – дали цивил може да поседува борбен авион. Наскоро добил одговор од Пентагон дека може. Се разбира, од авионот мора да се отстрани целата воена машинерија.
Подоцна во филмот, шефот на Пентагон изјави дека цивил не може да поседува борбен авион. Тоа е уште една потврда на за идејата дека приватните корпорации ги контролираат Соединетите Американски Држави, или да речеме само – Корпоративната Америка.

Механизмот на маркетинг кампањата
Промоцијата на Пепси поени била масовна маркетинг кампања лансирана од Pepsico кон средина на 1990-тите. Промоцијата им овозможи на клиентите да собираат поени со купување на производите на Пепси и да ги откупат за различни награди, вклучувајќи патување, брендирана облека и слично. Но, кампањата имала проблем – на крајот на рекламата стоело – ако собереш 7 милиони поени можеш да освоиш борбен авион. Се разбира се работело за шега, но тоа не било потенцирано. Леонард тврдел дека откако собрал милиони Pepsi поени, компанијата му ветила борбен авион, но дека авионот никогаш не се реализирал.
Случајот отиде на судење, а поротата на крајот заклучи во корист на Пепсико, пресудувајќи дека Леонард не обезбедил доволно докази за да докаже дека компанијата се обврзала да му обезбеди борбен авион. Пресудата се сметаше за победа за големите корпорации и пораз за потрошувачите.
„Пепси, каде е мојот авион?“ обезбедува сеопфатен поглед на случајот Leonard v. Pepsico и неговото влијание врз рекламната индустрија. Филмаџиите користат стручни интервјуа и архивски снимки за да направат жива слика за правната битка и настаните што доведоа до неа. Низ објективот на случајот, документарецот истражува и поголеми прашања поврзани со маркетингот, заштитата на потрошувачите и улогата на корпорациите во општеството.

Дали треба да се гледате или да го одминете?
„Пепси, каде е мојот авион?“ е добра и забавна серија за секој кој е заинтересиран за светот на рекламирањето, заштита на потрошувачите и правните битки. Оваа документарната серија дава детален поглед на случајот „Леонард против Пепсико“ и е значајно за историјата на американското рекламирање. Без разлика дали сте обожавател на Пепси, правен или љубопитен гледач, документарната серија сигурно ќе ви го задржи вниманието од почеток до крај. Единствената мана на филмот е споредбата „Кока-кола против Пепси“ поради што помисливме дека Кока-Кола го спонзорирала документарецот и тоа е причината зошто во оценката има минусот.
Оценка: 5- од 5