Од празен ZIP фајл до DreadCrew: разговор со графити цртачот Зипер

ZIP/ZIPER е млад графити уметник од скопската населба Ченто чија приказна почнува со еден празен ZIP фајл на факултет, а денес прераснува во нешто многу поголемо. Неодамна нè контактираше за да ни ја претстави новоформираната екипа DreadCrew и да сподели информации за современата графити сцена во Скопје, помагајќи ни да го дополниме нашиот историски преглед на графити движењето во Македонија од 1995 до 2025 година.

Погледнете ја апдејтираната верзија на плакатот (v2.2025-01) во целост тука.

Летото 2024 година, ZIP и познатиот графити уметник и дизајнер Dreadpen ја создаваат DreadCrew. Dreadpen, кој веќе има свој независен street fashion бренд инспириран од хип-хоп културата и графити уметноста, заедно со ZIP решаваат да ја прошират екипата со неколку исклучително млади (некои од нив на возраст од само 13 години!) и талентирани членови: masked8, strik, armor и acidfairy. Меѓу амбициозните планови на DreadCrew е обновувањето на култниот проект на Dreadpen со шарените човечиња на трафостаниците низ Скопје. Влијанието на Dreadpen се забележува и во работата на ZIP, особено во изборот на бои.

ZIP е близок со членовите на етаблираната екипа ЕБСФ (АСК, ВУТАР, РАСК, ТСРВ-ЦРВ), при што со еден од членовите дури споделуваат спомени од градинка! Oсобено ги почитува ВУТАР и РАСК, кои ги смета за водечки фигури во македонската графити сцена.

Два моменти особено го отсликуваат карактерот на ZIP. Првиот е кога, по обидот да се приклучи кон една позната графити екипа и одбивањето со образложение дека „составот е полн“, тој наместо да се разочара, решава да формира сопствена екипа. Во неа, заедно со Dreadpen, се посветува на менторирање на помладата генерација графити уметници. Вториот момент е поврзан со неговиот графит на аголот кај улица Римска 25. Иако неговото дело, создадено после графитот на АРИС, користело слични форми, од почит кон АРИС (член на ЕШТ) решил да ги смени формите на неговиот throw up.

Работата на ZIP и DreadCrew може да ја следите на Instagram преку профилите: Зипер, DreadCrew, Dreadpen, strik, masked8, armor и acidfairy.

Во разговорот што следува, ZIP ни раскажува за своите почетоци, влијанија и амбиции на графити сцената.

Од која година црташ?

Првите тагови почнав да ги цртам под името HYPER. Тагот мислам дека сè уште постои во подрумот на една зграда каде што порано живеев во Ченто на улица Сава Михајлов. Тоа беше додека бев во средно прва-втора година, нешто така. Тоа е некаде 2014-2015 година. Но, ништо сериозно тогаш немав започнато. Не се ни водев под името HYPER тоа беа само некои букви што ми се допаѓаа и немаше некоја цел на цртање графити. Само шкртавме по клупи во школо кога ни беше досадно.

Првиот ЗИП таг го нацртав во форма на латиница (ZIP) во еден од градските автобуси додека одев на факултет. Мислам дека беше број 19 што ме носеше од Битпазар до Карпош. Периодот кога одев во средно ми беше доста интересен затоа што учев и се дружев со еден дечко кој се потпишуваше како AND. АND беше доста активен со тагови и многу го почитувам. Во последно време гледам дека не црта активно, ама кога и да се видиме, секогаш носи маркер со себе :). Ако видам некој избледен таг, го повторувам за да трае подолго, така што често може да видите од моите стари тагови ZIP до некој од таговите на AND.

Кои ти се интересите покрај цртањето?

Најново нешто кај мене е rock climbing. Со тоа се бавам последнава година дена. Претходно бев доста активен атлетичар, се тркав на 100м дисциплина некаде 2021-2023 година. Доста други спортови сум пробал кои ми оставиле впечаток и таков лик сум уствари што сака сè да проба. Имам истрчано 4 полумаратони, возев скејт кога бев прва и втора факс, во средно одев на бокс и кикбокс, ама тие биле привремени активности, да речеме.

Нешто со кое се бавам доста долго време е музика. Поконкретно, рап. Имам снимено 4 траки кои стојат на YouTube и се доста несериозни хоби проекти, иако имав други цели, ама ете не ги постигнав. Тоа беше некаде 2019 година, ако се сеќавам добро, тогаш ги извадив траките. Откако се запознав со АСК од ЕБСФ, добив предлог од него да одам на часови за музичка продукција кај Владимир Аговски и еве за месец дена завршувам. Научив многу и имам доста снимени проекти кои ќе искочат во форма на микс тејп или албум, ќе видиме со колкав материјал ќе си имам работа на крај.

Што понатаму? Спомена дека сакаш да направиш твој бренд?

Да, сакам да имам свое движење во стрит културата. Музиката ќе биде еден елемент од тоа, а графитите ќе го надополнат. Сакам тоа име како Зипер од ДредКру да го искористам за street wear облека која сам ќе ја дизајнирам. Целам кон неколку парчиња облека како custom фармерки од сомот материјал, но и класичен деним. Секако, ќе има и понекоја маица и дуксер тука :). Ова е сè уште идеја и ништо не е во погон. Моментално музиката се спрема, па откако ќе искочат траките, ќе почнам да работам на облеката.

Каква музика слушаш?

Многу сакам олд скул рап, македонска или странска сцена, не е важно. Од наши артисти ги слушам Зад Аголот, ЕБСФ, СТР, Темната Страна, Грин Аут, Бригада 3 (со кои сум и пријател), Т-Ghost, Подземан ефект… Од странскиве артисти најмногу ги сакам A Tribe Called Quest, Pharcyde, McGruff, Lord Finesse, Slick Rick, De la Soul, Brand Nubian. Има многу други што во моментов не ми текнуваат, ама тој некој фанк фазон многу ми се свиѓа. Освен рап, многу ја сакам музиката од кај нас што има искочено од М3 продукција на времето, House музика обожавам, и порано слушав Drum and Bass и Dubstep.

Забележав две движења кај цртачите, едните се „улични типови“ заинтересирани за чистата street art форма, вандализам, анти-уметност… додека другите се поуметнички типови мешаат медиуми (тетоважи, илустрација, карактери, облека…). Ми се чини дека припаѓаш на втората. Дали се согласуваш со тоа?

Да, би рекол дека се согласувам. Јас многу почитувам уметност од било која форма, и знам дека графитите сами по себе се графити и вандализам, не се уметност, да речеме. Многу сакам да цртам бидејќи ме опушта, и ми се допаѓа таквиот вандализам. Да се разбереме, јас сум многу тивок и скоро никогаш никој ме нема видено како цртам, бидејќи избирам необично време и никогаш не кршам или уништувам имот (освен со бојата :)). Сè уште си го барам стилот во графитите затоа што 2023 беше првото парче што го имав нацртано, така што би рекол дека сум доста нов, претходно само се имам тагирано под името ZIP.

Како ја гледаш МК графити сцената? Колку е развиена, каде оди? Нам ни се чини дека сцената денес би била појака дел од познатите фаци да не заминале во странство, но исто така ни се чини дека во последнава деценија се појавија јаки нови екипи (ЕБСФ, ЕШТ, ПСЖ, Hybrid Minds, UNC…) и сцената како да оживеа. Кое е твоето мислење?

Доста е активно. Ги знам скоро сите парчиња низ градов и нивните локации затоа што сум константно на точак наваму-натаму, и приметувам од ден за ден нови парчиња. Тоа ме радува затоа што го обојува сивилото. Се чувствувам убаво кога ќе видам убаво изведено шаренило со некоја порака или пак, без неа. Каде ќе отиде ќе видиме, не би можел да претпоставам, ама знам дека имаме нови цртачи што се во основно, кои ги гледам дека еден ден ќе се доста активни. Најдобрите се веќе дел од ДредКру.

Зошто тагот ЗИП/ЗИПЕР?

ЗИП доаѓа од ФИНКИ. Таму учев на факултет и имаше еден момент каде што на колоквиум требаше да го закачиме фајлот што сме го работеле во .zip форма. Јас бев бруцош на времето во 2018 и бев под голем стрес зашто прв пат на колоквиум ми беше, и за да потврдам дека го имам закачено фајлот, направив уште една копија. Испадна дека таа копија е празен zip фајл :). Кога дојдоа резултатите, си имав едно компирче во мојата колона и се згазив од смеење.

Оттука тргна идејата за zip, и плус тоа дека долниот лев дел на латиничното з-то и горниот десен на п-то даваа некоја острина што многу ми се допаѓаше и никој немаше таков едноставен отсечен таг. Го гледав како многу експлозивен и остар таг. Тоа го терав од 2018, 5 години, и во 2024 сакав да сменам на кирилица, ама ми фалеа некако букви. ЗИП ми стана многу овално и досадно. Па му додадов суфикс ЕР и стана ЗИПЕР. Доста време тагирав со едноставен фонт а потоа ја прифатив овалноста и ја искористив. Па затоа го имам тој денешниот ЗИПЕР таг со крукчиња и вртења.

Многу интересна работа е како не приметив колку работи ми имале удел во мојот стил. Еден ден го гледам тагот ЗИПЕР и си викам:„Еј, абе ако ставам една линија на почетокот на З-то, тоа ќе стане В!“. И иако ВИПЕР ништо не значи, морам да признаам дека премногу ме потсети на тагот на ВУТАР. Тогаш сфатив колку работите околу мене имаат удел не само на мојот стил на цртање, туку и на мојот живот општо. Чисто да спомнам, јас многу го почитувам ВУТАР, тој и РАСК за мене се број еден во графити сцената во Македонија.

Имаш ли идоли или омилени цртачи?

🙂 Епа, изгледа горе, само што ги спомнав, така што, да не се повторувам. Би можел да надополнам со други цртачи од кај нас како DreadPen – многу пати исто несвесно имам сликано негови парчиња и други, отпосле приметувам дека е тој. Арис, Снејк и Лопов имаат доста уникатен и препознатлив стил, не можеш да ги утнеш, КОРН исто ми е многу интересен, Зорк исто така (често пати сум разговарал со него и ми има давано сугестии за да се подобрам и многу го почитувам), АСК од ЕБСФ исто така добро црта, на вашиот плакат е под името Маљо, заборавив да го спомнам :), ТСРВ – Worm, и кумановска екипа, иако не ги знам ми се закон, многу јаки мурали прават, секоја чест.

Од постарите интересни работи ми се од Sense и SRK. Таговите на Sense се парче, a SRK е убиствен со шаренила, додатоци, бои, тоа го обожавам. Ме потсетува на едно парче Снејк што го имаше правено. Има едно маче розево сигурно сте го виделе, јас колку што разбрав заедно сме биле келнери во Деја Ву Капитол со девојката што го црта, али неам појма. Би сакал да ја спомнам и ШТН (тагира SHTN со крукче) и за крај морам да го спомнам ПСЖ, секогаш знае да ме изненади негово парче.

Од странскиве артисти искрено не знам многу, баш сега отворив на Гугл додека го пишувам ова да се потсетам, ама морам да признаам дека никој не знам. Имам гледано само еден документарец по препорака од Зорк, Style Wars, и топло ви го препорачувам како почеток за истражување на графити сцената надвор од Македонија. Исто така РАСК и ЕБСФ имаат видеа на YouTube, побарајте ги сигурно ќе ги најдете, доста се кул.

Кои ти се омилени места за цртање и што мислиш за цртањето возови?

Возови ми се прејаки за цртање, никогаш не сум цртал. Гледам цело време како цртаат и би сакал да пробам. Омилено место, морам да признаам, некаде на мирно место кај што нема премногу изложеност да можам JBL-от да го рокнам до даска и да се опуштам додека цртам. Во последно време почнав да се опуштам да цртам и на булевари, директ изложен, ама не ми е омилено. Најдобри места: кеј, некој скејт парк, некаков парк со зидче, такво нешто. Интересно ми е да истражувам напуштени места, ама не сум некој фан.


Со комбинацијата на креативност, почит кон постарата генерација и желба за менторирање на помладите, ZIP и DreadCrew го трасираат патот за една нова ера во македонската графити култура. Среќно!



Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *