Непостојаноста, тој фундаментален принцип во будистичката филозофија, одеднаш стана опиплива реалност во мојот дигитален живот. Зарем не е парадоксално што во ерата кога создаваме повеќе информации од кога било во историјата, податоците се помалку трајни од кога било? Ова откритие ме одведе на необично патување низ источните филозофии, квантната физика и сопствените спомени – потрага да разберам дали воопшто постои нешто трајно во овој универзум од електрони, протони и, во мојот случај, исчезнати дигитални траги.
Првиот допир со минливоста
Имав можеби осум години кога за прв пат ме погоди стравот од непостојаноста. Лежев во креветот, загледан во таванот осветлен од уличната светилка пред нашиот стан во Сараево, кога одеднаш ме преплави сознанието: сè што е убаво во животот е минливо. Секој момент на среќа што го доживувам е само илузија, краткотрајна искра што веднаш ќе биде заменета со нешто друго, еднакво непостојано. Чувството беше толку интензивно што се сеќавам како срцето ми чукаше како да сакаше да излезе од градите. Мислам дека тогаш, несвесно, одлучив да станам писател – да го фатам тој непостојан момент, да го задржам, да го пренесам, да го сочувам барем на хартија.
Кога, многу години подоцна, прв пат конкурирав во Министерство за образование како самостоен уметник, со плодно и повеќегодишно творештво, додека се обидував да создадам архива на текстови објавени за моите книги, повторно се соочив со истиот страв. Текстови што порано постоеја, објавени во веќе исчезнати медиуми како „Утрински весник” и „Денес”, но и во од постоечки како „Нова Македонија”, едноставно ги немаше! Испарија, исчезнаа, се растворија во дигиталниот етер. Тоа ме потсети на една мисла од источната филозофија за т.н. „непостојаноста на нештата“, со која се запознав како средношколец во раните деведесетти преку филмот Малиот Буда (The Little Buddha, 1993). [1]

Древната мудрост и личните откритија
Старите Источни филозофии, особено будизмот, нѐ учат дека непостојаноста е основната состојба на универзумот. Сѐ тече, сѐ се менува. Хераклит „Мрачниот”, грчкиот филозоф, го нарекол овој принцип „Panta Rei”. Денешната поп-култура го превела во “Seize the day”[2] или латинското „Carpe Diem”[3]. Сите овие филозофии го препознаваат немирот на вселената, но современиот човек, нетрпелив како и секогаш, извлекол практичен заклучок – искористи го моментот!
Се сеќавам кога за прв пат се запознав вистински (не преку поедноставената претстава која ја даваат филмовите) со овие концепти по предметот филозофија во Гимн. „Јосип Броз – Тито“. Професорот кој знаеше да каже „Не те гледам во дефиницијата„ или „Знаеш да мислиш, но не знаеш да размислуваш“, не ме мотивираше нешто особено да ја засакам филозофијата. Но, веројатно имав некоја вродена желба за истото, па покрај лекциите за филозофите, во домашната библиотека најдов и по некоја книга, од Аристотел, преку Кант, Хегел или Ниче.
Размислував за тоа како западната традиција сака да верува дека живееме во уреден космос, создаден од првичниот хаос. Баш како што западната религија ни дава јасни правила чие следење нè води до хармоничен живот, така и нашата наука, од Декарт преку Њутн до Ајнштајн, ни вели дека секоја причина има последица и дека светот функционира според предвидливи закони.
Но, подоцна, читајќи за квантната физика, открив нешто што комплетно го преврте мојот поглед на светот. Тоа ме потсети на една сцена од едниот од моите омилени филмови од тоа време, „Синиот сомот” на Дејвид Линч[4], каде што идиличната претстава на американскиот приградски живот – таткото кој мирно ја полева тревата во дворот – се нарушува со неговата ненадејна смрт. Камерата се спушта под тревата и нѐ воведува во свет полн со инсекти, постојано движење, дивост. Како што Славој Жижек забележа во својата анализа[5], тоа е светот на хаосот што постои паралелно со илузијата на редот што си ја создаваме.

Мојата фасцинација со квантниот свет
Токму тоа ми го откри и квантната физика – во најмалите делови на нашиот универзум владее хаос, а не ред. Честички кои се на две места истовремено, спонтано исчезнување и појавување на друго место, „застрашувачко дејство на далечина”[6] како што го нарекол Ајнштајн… И најфасцинантно од сѐ: дури и самата светлина не може да се реши дали е честичка или бран, па се однесува различно во зависност од тоа дали ја набљудуваме или не!
Морам да нагласам дека не сум физичар и не тврдам дека ја разбирам квантната физика. Но, како што самиот Шредингер[7] рекол: „Ако мислиш дека ја разбираш квантната физика, тогаш не ја разбираш.” Така што се чувствувам во добро друштво со моето неразбирање. Сепак, квантните концепти длабоко ме фасцинираат.

Неочекувани врски: од Ведите до квантна теорија
Времето неминовно минуваше (Panta Rhei!) и мојата фасцинација за науката не замираше. Постојано читав, истражував и дознавав нови нешта. Она што особено ме изненади е колку многу од пионерите на квантната теорија биле инспирирани од источната филозофија. Шредингер (чијашто мачка[8] сите ја знаеме!), Хајзенберг[9] (чиешто име влезе дури и во поп-културата преку серијата Breaking Bad[10]), Опенхајмер[11] (кој при првиот нуклеарен тест ја цитирал Багавад гита), и Нилс Бор[12] (учењата на таоизмот и јин/јанг се одразиле во неговиот принцип на комплементарност во квантната механика) – сите тие биле длабоко запознаени со индиските филозофски текстови. Некои од нив ги читале Ведите, Упанишадите и Веданта дури и на оригиналниот санскрит!
Кога го открив ова, почнав и самиот да ги истражувам овие источни извори, барајќи ја врската меѓу нивната древна мудрост и најнапредната современа наука. Мислам дека и едната и другата сфера ни нудат увид во реалност која не се согледува при обичното набљудување – една преку медитација, другата преку математика. И во обата случаи, резултатот е сличен: сфаќањето дека постојаноста е само илузија.

Дигитален песок: мојата лична мандала
Враќајќи се на мојата архива што не успеав да ја создадам – чувството беше како да гледам будистички монаси кои со часови создаваат прекрасна мандала од песок, за потоа да, момент пред да ја фотографирам, ја уништат со еден потег на раката (како во Малиот Буда). Во модерниот дигитален свет, оваа непостојаност е уште поизразена.
Сите ние веруваме во илузијата дека „штом нешто е на интернет, таму останува засекогаш”. Но, секој ден во светот се создаваат околу 400 квинтилиони бајти (милиони терабајти) информации, а 99.8% од сите информации во историјата на човештвото се создадени во последните две децении![13] Интернетот не е некаков нематеријален „облак” или „етер” – сè што е онлајн постои на физички хард-диск некаде, во некоја база на податоци. Можеби во најдобар случај тоа е некој силос заштитен од нуклеарен напад во Скандинавија, но поверојатно е вашите податоци да се на некој локален сервер, подложен на сите слабости на физичкиот свет.

Квантни лекции од филмот и животот
Дури и физичките медиуми на кои ги чуваме нашите спомени се кревки. Од лично искуство знам дека моите ЦД и ДВД архиви полека стануваат нечитливи, иако теоретски би требало да траат 25 години[14]. Флеш-мемориите издржуваат само ограничен број циклуси на пишување. Една грешка и сѐ е загубено. Ме потсетува на сцената од „Истребувач 2049″[15] каде што се споменува „затемнувањето” што ги избришало сите дигитални записи за репликантите. Еден лик забележува колку е интересно што „преживеала само хартијата”.
Понекогаш се прашувам дали непостојаноста на квантниот свет, која толку ни пречи при создавањето квантни компјутери, е фундаментално вградена во природата на универзумот како некаков заштитен механизам. Како да не сака самиот универзум да биде целосно запамeтен или реплициран.

Физичко спасение во духовната скудност
Во неуспешната потрага по мојата лична архива на текстови во дигиталниот свет, на помош дојде мајка ми – т.е. нејзината физичка архива со примероци од весниците со моите текстови и интервјуа. Додека јас се потпирав на виртуелните бази на податоци кои се покажаа како песочни замоци, мајка ми тивко и систематски ги исекувала, собирала и чувала весниците во кои се појавувало моето име.
Тие пожолтени парчиња хартија, кои ги фотокопирав и приложив за конкурсот, беа материјална потврда на она што квантната физика одамна го знае – дека материјалниот свет, иако не е вечен, сепак поседува стабилност која виртуелниот свет на единици и нули едноставно ја нема.

Прифаќање на минливоста, но и чување на записите
На наше олеснување, макро-светот во кој живееме сепак функционира малку поинаку од квантниот. Весникот кој содржи интервју со вас нема спонтано да исчезне како дигиталниот запис на истото тоа интервју. Книгата што сте ја издале најверојатно ќе постои и по сто години. Се разбира, ниту материјалните објекти не се вечни – можат да изгорат, да се изгубат, да се уништат. Но, барем не исчезнуваат сами од себе.
Затоа, како писател, но и како човек свесен за непостојаноста, презедов нова практика. Одвреме-навреме ги печатам значајните фотографии, чувам копии од важни текстови на хартија, па дури и пишувам во тетратка, иако технологијата ми овозможува многу поефикасни начини за работа.
Но, истовремено додека ги правам овие нешта, сум свесен дека и тие „трајни“ отпечатоци не се ништо повеќе од „отпечатоци врз коцки мраз“[16]. Тогаш си го повторувам древниот совет: „Panta Rhei!” зашто можеби токму во прифаќањето на минливоста лежи ослободувањето, мудроста да го живееме моментот целосно, да го цениме она што го имаме сега и да не сме премногу врзани за илузијата на трајноста.

Фусноти:
[1] impermanence (англ.) – ако му веруваме на филмот The Little Buddha (1993), како добра популаризација на темата на будизмот.
[2] Популаризирано во филмот „Друштво на мртвите поети” (Dead Poets Society, 1989), со познатата реплика изговорена со шепот од страна на Робин Вилијамс.
[3] Латински афоризам од римскиот поет Хорациј.
[4] Blue Velvet (1986)
[5] Преземено од интерпретацијата на филмот „Син сомот” според филозофот Славој Жижек, во неговиот документарец „Филмски водич за перверзни” (2006).
[6] Според Алберт Ајнштајн „Spooky action at a distance”, цитат кој покажува дека и самиот Ајнштајн бил сомничав во врска со квантната физика, а во тој контекст е позната и неговата изјава „Господ не се игра со коцки”.
[7] Erwin Schrödinger (1887–1961)
[8] Мисловен експеримент кој го прикажува еден од основните аспекти на квантната физика, т.е. квантната суперпозиција (како во примерот со светлината, истовремено честичка и бран), пренесена во секојдневниот живот.
[9] Werner Karl Heisenberg (1901–1976)
[10] Breaking Bad (2008-2013), главниот лик Walter White се претставува и како Хајзенберг, според германскиот научник.
[11] J. Robert Oppenheimer (1904-1967). Познат е неговиот цитат од Bhagavad-Gita по повод на првиот успешен тест на нуклеарна бомба на 16 јули 1945 (“Now I am become Death, the destroyer of worlds”)
[12] Niels Henrik David Bohr (1885–1962)
[13] 402,74 милиони терабајти, или приближно 4,0274 × 10²⁰ бајти – потекнуваат од поновите анализи поврзани со трендовите 2024-2025 година. Зборуваме за огромен пораст на видео стриминг (над 50% од интернет сообраќајот сега), содржина генерирана од вештачка интелигенција и поплава од поврзани уреди – 11 милијарди денес, кои наскоро ќе се движат кон 30 милијарди. Вкупното количество дигитални информации кое го создало човештвото е околу 181 ZB (зетабајти), а во последните 10 години се создадени 95% од тие информации (со останатите 4.8% во 2007-2010, што значи дека во целата човечка историја пред 2007 година се создадени 0.2% од податоците). Секако, не сите информации се врвни уметнички дела или квантна физика, но независно од тоа и едното и другото е информација.
[14] Вистината е дека никој не може точно да предвиди колку ќе трае едно ЦД, а тоа зависи од неговиот квалитет (а кај нас најчесто се купуваа најнеквалитетни „нонејм” медиуми), начинот како се складираат (кај нас најчесто во ѕвона, што се лоши услови), условите во кои се чуваат, дали се користени многу и слично. Во идеални услови би требало да траат многу повеќе, но такви услови во домот нема.
[15] Blade Runner 2049 (2017)
[16] „Отпечатоци врз коцки мраз“ (2009), Живко Гроздановски