По нашиот вчерашен текст за историјата на авионот во „Парк Авионче“ во Аеродром, до редакцијата пристигнаа нови и значајни информации од лица со практично искуство во воздухопловството. Меѓу нив е и Марјан Трајков, човек кој долги години бил дел од воздухопловните структури и кој, според сопственото сведоштво, бил во директен контакт со луѓето вклучени во транспортот и поставувањето на авионот во Ново Лисиче.
Овие нови податоци овозможуваат многу појасна слика за тоа кој авион точно се наоѓа во паркот, од каде дошол и зошто со години постоеле забуни околу неговото потекло.
Според Марјан Трајков, авионот е TV-2, не T-33A
И претходно беше познато дека авионот во паркот не е ловец, туку тренажен авион, дел од истата фамилија млазни авиони развиени од Lockheed кон крајот на Втората светска војна. Но сега, со новите информации, може со поголема сигурност да се каже дека примерокот во Ново Лисиче е Lockheed TV-2, морнаричка варијанта на T-33A.
Овие две ознаки често се мешаат затоа што конструкциски авионите се речиси идентични. Разликата е административна: T-33A е ознака за военото воздухопловство или USAF – United States Air Force, а TV-2 е (T-33B) е ознака за морнаричкото воздухопловство односно US NAVY. Во Југославија, преку програмите за заемна помош, пристигнале и двата типа, и подоцна со години служеле во ЈРВ и ПВО како тренажни и извидувачки авиони.

Новата клучна информација: авионот потекнува од касарната во Куманово
Според Марјан Трајков, кој во периодот на префрлањето на авионот бил во комуникација со дел од воздухопловниот персонал (пилоти, механичари и техничари), денешниот авион во паркот е примерок донесен од касарната во Куманово.
Трајков објаснува дека авионот во Куманово бил во оперативна состојба, комплетен и со оригинални елементи, но дека за потребите на транспортот бил исечен на делови. Во моментот кога бил изнесен од касарната, од него биле симнати сите ознаки и идентификациски плочки, што денес го прави практично невозможно да се утврди неговиот точен сериски број или претходна југословенска ознака.

При транспортот или расклопувањето бил скршен оригиналниот поклопец на кабината, по што некој подоцна го заменил со импровизиран, свиткан плексиглас, кој само ја имитира формата на оригиналниот аеродинамичен поклопец. Трајков тврди дека повторното склопување, наместо да биде извршено од воздухопловни техничари, го работеле луѓе без специјализирано знаење – повеќе автолимари отколку воздушни инженери – што дополнително објаснува зошто денешниот авион делува „несовршено“ и зошто постојат визуелни отстапувања од фабричката форма на T-33/TV-2.

Според него, ознаките што денес ги носи авионот – „МКД 001“ – се чисто декоративни и не одговараат на никаква реална служба или историски податок.
Како настана забуната со бројот 223?
Во првичната дискусија се појави и претпоставката дека авионот во паркот би можел да биде TV-2 со број 223, бидејќи таков авион постоел во касарната Илинден. Но Трајков понатаму објаснува дека овој примерок – TV-2 со број 223 – бил оставен на отворено во Илинден, без стоен трап, со оштетен поклопец и видливи недостасувачки елементи, и со тек на време бил уништуван од собирачи на метал.
Фотографии од форумите и архивите покажуваат дека тој авион не одговара на состојбата во која бил донесен примерокот од Куманово во Аеродром. Според Трајков, тоа значи дека бројот 223 и авионот од Илинден немаат никаква поврзаност со денешниот „авиончето“ во паркот.
Што можеме со сигурност да кажеме денес?
Иако прашањето за точниот сериски број на авионот најверојатно никогаш нема да биде решено – бидејќи сите ознаки биле отстранети пред транспортот – денес многу појасно се знае неговото потекло и тип. Авионот во паркот е Lockheed TV-2, донесен од касарната во Куманово, исечен и повторно склопен за потребите на поставување како споменик.
Она што е особено важно е дека во оваа дискусија нема спор околу стручниот текст во списанието „Емитер“. Уредникот на списанието, Слободан Таневски, во дискусијата појасни дека статијата на проф. Андоновиќ е сосема коректна во техничката и историската анализа на моделите T-33A и TV-2. Единственото што останува отворено прашање е кој конкретен примерок е монтиран во паркот – а тоа е тема за која е неопходна меморија на луѓето кои директно учествувале во денешната форма на авиончето.
Едно едноставно прашање – и многу поголема приказна
Интересно е што сè почна од едно најобично прашање: „Кој модел е авионот од Парк „Авионче“ во Аеродром?“ Наместо брз и лесен одговор, добивме сложена мрежа на спомени, документи, пренесени искуства и исчезнато воено наследство.
Историјата на овој авион можеби не може да се реконструира целосно, но она што може да се каже со сигурност е дека „авиончето“ во Аеродром, и покрај својата скромна или дури импровизирана техничка вредност, останува симбол на едно место што генерации го доживуваат како свое.
А целата оваа ситуација само го потврдува она најважното: понекогаш нашата локална историја постои само онолку колку што постојат луѓето кои ја паметат. А можеби утре ќе се појави некој со ново, поинакво сведоштво – кој знае!?