Млечниот пат над Штип

Денес ви пренесуваме фотографии на Млечниот пат и текст од Миле Кокотов.

М-р Миле Кокотов е дипломиран инженер по индустриски менаџмент и магистер по технички науки. Неговата биографија е многу интересна и богата, ви препорачуваме да ја прочитате.

Текстот кој ви го пренесуваме е содржаен и информативен. Од него можеме да научиме основни податоци за предметот на набљудувањето, како и за начинот како се фотографирани нештата. Освен тоа, авторот го спојува научното со емпириското и еколошкото. Интересен момент се фотографиите на Млечниот пат со коментари.

„Видео од Центарот на нашата галаксија – Млечен Пат. Црвените светла, по на десно е од запаленото ѓубре, на градската депонија крај Пенуш. Она портокалово-црвенишкаво светло кое повремено се појавува во десниот дел на видеото, не се експлозии, туку усвитената јаловина од Фени – Кавадарци, која се пренесува и истура од специјални камиони на јаловиштето блиску до фабриката.“

Како портал кој примарно се занимава со наука, уметност и екологија – текстот и фотографиите на Миле Кокотов се многу интересни за нас, тие го спојуваат небесното со земското. Едното е секогаш величествено, додека другото може да биде и грдо. Миле има и друга објава за депонијата во близина на Штип (од која „смрди целиот град“), но за тоа друг пат.

Да дозволиме М-р Миле Кокотов да ни раскаже за неговото искуство од кое можеме многу да научиме.


Фотографирање на галактичкото јадро, односно центарот на Млечниот Пат, претставува посебен интерес на многу љубители на фотографијата, видеото и астрономијата во светот.

Млечен пат

Како што знаеме, нашата планета Земја е дел од Сончевиот систем, кој пак е едно мало делче од нашата Галаксија која ја нарекуваме „Млечен Пат“.

Нашата галаксија „Млечен пат“

Млечниот пат го сочинуваат од 100 до 400 милијарди ѕвезди како нашето Сонце, а секоја ѕвезда има свој систем на планети, и други космички тела.

Нашата Галаксија има форма на сплескана спирала, а во центарот на Галаксијата се наоѓа масивна црна дупка која со својата гравитација ги „заробила“ ѕвездите кои ја сочинуваат. Големината на Млечниот пат е огромна. Растојанието од едниот до другиот крај изнесува околу 100 милиони светлосни години.

Една светлосна година е мерка за растојание која е еднаква на растојанието што го поминува светлината за една година. Замислете колку е тоа огромно растојание, ако знаеме дека светлината се движи со брзина од 300 илјади километри во секунда. На пример, за една секунда светлината може да ја заобиколи земјината топка 8.5 пати!

Од друга страна, нашата Галаксија се смета за мала во однос на милијарди други многу поголеми галаксии во вселената.

Набљудување на Млечниот пат

Галактичкото јадро, односно центарот на Млечниот пат може да се види само од места кои се доволно мрачни и се наоѓаат далеку од светлата на градовите, населбите и индустријата.

Светлосното „загадување“ ни оневозможува да уживаме во убавите глетки кои ни ги нуди вселената. Многумина од нас немале можност да ја видат убавината на Млечниот Пат или „Кумова Слама“ како што некои ја нарекуваат нашата Галаксија. Се сеќавам како мал, пред многу години, кога бевме на одмор во Претор, една вечер одевме пешки од Претор до една друга туристичка населба Асамати. Тогаш беше потполен мрак, далеку од сите светла на населени места, па се уште не можам да ја заборавам таа прекрасна глетка на небото со нашата Галаксија и безброј други ѕвезди…

Од Северната полутопка на Земјата, центарот на Млечниот Пат може да се види во месеците од март до септември, во насока кон југоисток, југ и југозапад. За да може убаво да се види, треба ноќното небо да е јасно, без облаци и тоа во период кога е млада Месечина, односно кога нема Месечина на небото, бидејќи Месечината со својата светлост ќе ја попречува релативна слабата светлост на галактичкото јадро.

Периодот за најдобро набљудување, фотографирање и снимање на галактичкото јадро изнесува само неколку ноќи месечно, (кога е млада Месечина) во месеците од март до септември. Покрај тоа, треба да имаме среќа тие ноќи да е јасно времето без облаци и без многу ветер.

Во Март немав можност да ја фотографирам оваа убава астро-глетка, зашто времето беше облачно, па не ни излегов ноќта.

Во Април излегов подалеку од градот, каде што мислам дека е доволно мрачно, ја поставив опремата за снимање и снимав околу 2.5 часа, ама потоа на снимката видов дека во насока кон југоисток, југ и југозапад небото е полно со облаци. Така и тој обид пропадна, а јас оставив една непроспиена ноќ зад себе 🙂

Фотографија на Центарот на нашата галаксија – Млечен Пат. Фотографирано е крај Штип, близу до селото Сушево. Најлево долу, на врвот на планината Серта се гледаат црвените светла на антенските столбови од телекомуникациските оператори, на околу 21 километри од местото каде што бев јас. Малку по на десно, се гледаат светилките од селата Селце и Драгоево. Најблиските светла се светилки од индустриски објекти. Црвените светла, по на десно, се од запаленото ѓубре, на градската депонија крај Пенуш.

Временската прогноза за периодот околу 19, 20 и 21 овој месец (мај) исто така беше неповолна, па мислев дека и овој месец ќе нема да имам прилика, но вчера попладнево, времето почна да се разведрува и си реков ќе излезам, па што биде нака биде…

Така отспав два-три часа, и околу 1 часот по полноќ (рано изутрина на 20 мај), станав да видам дали небото е облачно. Колку што можев да видам, беше добро, па донесов одлука да си ја пробам среќата 🙂


Објаснување на нештата кои се гледаат на видеото

Видео од Центарот на нашата галаксија – Млечен Пат, или Кумова слама, како што некои го нарекуваат. Видеото трае 10 секунди и е составено од 250 фотографии кое се снимени на секои 20 секунди, со по 15 секунди експозиција. Десетте секунди од видеото се еднакви на 84 минути реално време (од 01:55 до 03:19 часот на 20.05.2023 година).

Фотографирано е од место доволно темно, крај Штип, близу до спортскиот аеродром Сушево и селото Сушево. (Доколку местото беше уште потемно, без „светлосно загадување“, Галактичкото јадро и ѕвезденото небо ќе се гледаа многу поубаво).

Лево долу, на врвот на планината Серта се гледаат црвените светла на антенските столбови од телекомуникациските оператори, оддалечени околу 21 км. Малку по на десно, се гледаат светилките од селата Селце и Драгоево. Најблиските светла се светилки од индустриски објекти.

Црвените светла, по на десно е од запаленото ѓубре, на градската депонија крај Пенуш.
Жолтеникавите светла позади ридовите по на десно, се светлата од градовите Неготино и Кавадарци. Она портокалово-црвенишкаво светло кое повремено се појавува во десниот дел на видеото, не се експлозии, туку усвитената јаловина од Фени – Кавадарци, која се пренесува и истура од специјални камиони на јаловиштето блиску до фабриката.

На снимката исто така се гледаат како авиони брзо прелетуваат преку сликата. Во реално време нивната брзина е многу поспора, ама во видеото една секунда е еднаква на 8.5 минути реално време.

Како е направено видеото?

Овие снимки што ги гледате се токму од минатата ноќ. На местото крај Сушево, пристигнав околу 2 часот по полноќ, а фотоапаратот го наместив автоматски да прави фотографии на секои 20 секунди, со 15 секунди експозиција во период од два часа. Вкупно направив повеќе од 300 фотографии од кои потоа го направив ова видео. Некои од фотографиите морав да исфрлам, зашто се појавија облаци, а последните стотина фотографии беа неупотребливи, затоа што на објективот од фотоапаратот се беше кондензирала влага во ладните ноќни часови, па фотографиите беа матни…

Се на се, убаво искуство, а како за прв пат, задоволен сум од фогорафиите и краткото видео од јадрото на нашиот поширок дом – нашата галаксија, Млечниот Пат.

Некој следен месец ќе се обидам да најдам помрачно место, подалеку од светлосното загадување на населените места, автопатиштата, индустриските објекти и други светла, па се надевам дека ќе има и подобри фотографии.

Објаснување во видео формат

One thought on “Млечниот пат над Штип

  1. Тоа што си го видел, не е галактичкиот центар. Тоа е првиот крак ( нашиот Сончев систем е во вториот) Галактичкиот центар е тешко видлив од овој дел на планетата и е во правец на соѕзвездието Стрелец ( освен со доволно силен телескоп, или од позиција на вселенската станица)…..Сонцето, а со тоа и Земјата и Сончевиот Систем, се наоѓа во близината на надворешниот крак наречен Орионов Крак, на оддалеченост од 7,94 ±0,42 парсеци од Галактичкото Средиште. Ние, од центарот сне оддалечени 24.000 светлосни години… Поздрав…Дејан….

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *