Мистеријата на свесноста: од филозофија до квантна физика

Свесноста е она што нè прави луѓе – но од каде потекнува? Дали е производ на мозокот или нешто повеќе, и дали нејзините корени се кријат во квантниот свет, како што претпоставуваат некои истражувачи? Од Платон до Пенроуз, филозофите и научниците ја истражуваат оваа мистерија со векови. Во 21 век нашите познавања на светот се огрмни, сепак имаме мапирано само 4% од универзумот и 5% од океаните, додека нашата свесност останува подеднакво непозната. Овој текст го разгледува потеклото на истражувањето на свесноста преку филозофијата, неврологијата и квантната физика, откривајќи колку е фасцинантна, а сепак недостижна оваа загатка.

Потекло на свесноста

Прашањата за потеклото универзумот и на свесноста се едни од најдлабоките и најкомплексните со кои се соочува човештвото. Од античките филозофи до современите научници, оваа мистерија продолжува да предизвикува фасцинација и дебата.

Астрономите проценуваат дека денес имаме истражено само 4% од универзумот, додека останатите 96% се состојат од темна материја и темна енергија – феномени кои сè уште се слабо разбрани. Универзумот е огромен, поради неговите димензии и сложеноста тој е тежок за проучување, што е очекувано. Од друга страна, на Земјата, океаните покриваат 70% од површината на планетата, но само 5% од нив се истражени и мапирани. Ова можеби звучи зачудувачки, со оглед на денешната напредна наука и технологија, но поради длабочините и екстремните услови во океаните тие се недостапни за целосно истражување.

Но, што е со инструментот преку кој го осознаваме светот – човечкиот мозок? И тука важи истото – зачудувачки, и покрај сите технолошки достигнувања, нашето знаење за мозокот и свесноста останува ограничено. Овој текст не се однесува на популарниот, но научно неточен мит дека користиме само 10% од мозокот – идеја побиена од невролозите уште во 20 век. Наместо тоа, станува збор за длабочината на нашето разбирање на механизмите на мозокот и на свесноста.

Мозокот, со своите приближно 86 милијарди неврони и трилиони врски меѓу нив (Herculano-Houzel, 2016), останува една од последните големи мистерии. Оваа сложеност го поттикнува прашањето: од каде потекнува свесноста? Дали таа е само производ на биолошки процеси, или пак вклучува подлабоки, можеби дури и квантни феномени? За да се одговори на ова, ќе ги разгледаме сознанијата од филозофијата, неврологијата, когнитивната наука и квантната физика, вклучувајќи ја и хипотезата за т.н. „Квантен мозок“ (Quantum mind).

Филозофски корени

Прашањето за свесноста е присутно уште од раѓањето на филозофијата. Платон, во „Федон“ и „Федар“, е застапник на дуализмот, т.е. ја опишува душата како нематеријална суштина која се разликува од телото (постојат паралелно и независно), додека Аристотел смета дека свесноста е поврзана со функционирањето на телото, особено со мозокот (на пр. во делото „За душата“).

Во модерното доба, Рене Декарт го популаризира дуализмот со својата позната изјава „Мислам, значи сум“ (Cogito, ergo sum), сугерирајќи дека умот и телото се две одвоени супстанции, најзначајно во делата „Расправа за методите“ (Discourse on Method, 1637) и „Принципи на филозофијата“ (Principles of Philosophy, 1644). Оваа идеја постави основа за подоцнежните дебати за природата на свесноста.

Во 20. век, филозофот Дејвид Чалмерс го воведе терминот „тешкиот проблем на свесноста“ во делото „Соочување со проблемот на свеста“ (Chalmers, 1995), прашувајќи зошто субјективното искуство – квалитетот на чувството да се биде свесен – воопшто постои. Додека „лесните проблеми“, како перцепцијата или меморијата, можат да се објаснат преку невронските процеси, „тешкиот проблем“ останува нерешен. Ова филозофско прашање го отвора патот за научни истражувања кои ја надминуваат класичната биологија.

Неврологијата и когнитивната наука

Современата неврологија направи огромен напредок во мапирањето на мозокот. На пример, од страна на Болдог и други истражувачи во 2015 година, откриени се нови видови неврони, како „невроните на розовиот трн“ (Rosehip neurons), кои се уникатни за човечкиот мозок и можеби играат улога во нашите когнитивни способности.

Исто така, истражувањата на Џон Мекфаден (McFadden, 2020) покажуваат дека невроните комуницираат не само преку синапси, туку и преку електромагнетни полиња, што сугерира посложена мрежа од она што претходно се сметаше. Овие откритија го продлабочуваат нашето разбирање за мозокот, но не го објаснуваат целосно феноменот на свесноста.

Когнитивната наука, пак, се фокусира на тоа како информациите се обработуваат. Теоријата за глобалниот работен простор (Global Workspace Theory) на Бернард Баарс (Baars, 1988) сугерира дека свесноста се јавува кога информациите од различни делови на мозокот се интегрираат во еден кохерентен „простор“.

Слична е и Интегрираната информациска теорија (Integrated Information Theory) на Џулио Тонони (Tononi, 2004), според која свесноста е мерка на интегрираната информација во системот. Овие модели се обидуваат да го премостат јазот меѓу физичките процеси и субјективното искуство, но критичарите тврдат дека тие не го решаваат „тешкиот проблем“ на Чалмерс.

Квантниот ум: Хипотезата на Пенроуз и Хамероф

Еден од најинтригантните пристапи кон свесноста доаѓа од математичарот и физичар Роџер Пенроуз и анестезиологот Стјуарт Хамероф. Нивната теорија, позната како „Оркестрирана објективна редукција“ (Orchestrated Objective Reduction, Orch-OR, 1994), предлага дека свесноста не е само резултат на класичните невронски процеси, туку вклучува квантни феномени во микротубулите – структури во клетките на мозокот.

Според Пенроуз, квантната физика – особено феноменот на суперпозиција и колапсот на брановата функција – може да објасни како свесноста се јавува на субатомско ниво. Тој тврди дека класичната физика не е доволна за да го опише субјективното искуство и дека квантните процеси, кои се недетерминистички, играат клучна улога. Хамероф, пак, додава биолошка димензија, сугерирајќи дека микротубулите во невроните служат како „квантни компјутери“ кои ја обработуваат информацијата на начин што овозможува свесност.

Оваа хипотеза е контроверзна. Многу научници, како физичарот Макс Тегмарк (Tegmark, 2000), тврдат дека мозокот е премногу „топол, влажен и бучен“ за да поддржува квантна кохерентност – состојба потребна за квантните процеси. Сепак, неодамнешни експерименти покажуваат дека квантните ефекти може да се одржуваат во биолошки системи, на пример во фотосинтезата (Engel et al., 2007), што ја прави идејата на Пенроуз и Хамероф поприфатлива за некои истражувачи.

Психијатрија и свесноста

Од психијатриска перспектива, свесноста е тесно поврзана со менталното здравје. Промените во свесноста, како оние кај шизофренија или дисоцијативни нарушувања, укажуваат дека таа не е статична, туку динамична состојба. Сигмунд Фројд, пионерот на психоанализата, го подели умот на свесно, предсвесно и несвесно, сугерирајќи дека голем дел од нашето однесување е управувано од процеси надвор од свесната контрола (Freud, 1923). Оваа идеја е проширена во невронауката со откритието дека одлуките често се формираат во мозокот пред да станеме свесни за нив (Libet, 1983).

Во современата психијатрија, разбирањето на свеста еволуирало далеку од Фројдовите теории. Феноменолозите како Јасперс (Jaspers, K., 1963) нагласуваат детален опис на субјективните искуства кај менталните нарушувања, додека когнитивната психијатрија, водена од Бек (Beck, A. T., 1979), се фокусира на тоа како свесните мисли и верувања влијаат на емоциите и однесувањето.

Невронауката користи техники за снимање на мозокот за да ги испита невронските основи на свесноста кај психијатриските состојби. Понатаму, терапиите засновани на внимание и истражувањето на спиењето и соништата (Hobson, J. A., 2005), како и на изменетите состојби на свеста се вредни за продлабочување на нашето разбирање за динамиката на свеста и несвесните процеси, што резултира со интегриран пристап (Lake, J., 2007) кој ги вклучува биолошките, психолошките и социјалните аспекти на свесното искуство.

Заклучок

Во потрагата по разбирање на свесноста, филозофијата ги поставува основните прашања, испитувајќи ја нејзината природа и местото во универзумот. Неврологијата ги открива сложените механизми на мозокот, откривајќи како функционираат невроните и мрежите за да создадат перцепции, мисли и емоции. Квантната физика, во меѓувреме, нуди смели, но контроверзни хипотези, предлагајќи дека свеста може да биде вкоренета во самите закони на универзумот.

Додека продолжуваме да ги откриваме тајните на мозокот, остануваме соочени со длабока енигма: како субјективното искуство произлегува од објективниот свет? Како се претвораат физичките процеси во богата, внатрешна реалност што ја доживуваме секој ден? Патот напред може да лежи во синтезата на овие различни дисциплини, кои работат заедно за да ги разјаснат овие извонредни мистерии на постоењето и нашето место во него, можеби откривајќи нова рамка за разбирање на местото на умот во вселената.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *