Во современата македонска литература многу автори користат псевдоними, но ретко кој со толку различна функција и значење како Бранко Прља. За него, тие не се маски туку различни лица на истиот авторски идентитет – начини да се испитаат границите на жанрот, сопствениот глас и односот со публиката.

Берт Стајн – експериментот на новиот идентитет
Псевдонимот Берт Стајн се појавува во период на неговата интензивна писателска активност, кога Прља издавал по неколку книги годишно. Тоа било време кога, како што самиот објаснува, почувствувал потреба да се „ресетира“ и да се појави пред публиката без тежината на сопственото име. Под тој потпис ја објавува книгата „3 минути и 53 секунди“, која подоцна ќе стане неговото најчитано и најпозитивно примено дело.
Името „Берт Стајн“ е изведено од детската фасцинација на авторот со Алберт Ајнштајн. „Берт“ и „Стајн“ претставуваат скратена, англицизирана форма на името на овој познат научник, избрана не од ароганција, туку од почит кон неговата љубопитност и духот на истражување. За Прља, овој псевдоним станува симбол на трагањето по знаење, по вистината и по суштината на реалноста. Под тој псевдоним ги има објавено „3 минути и 53 секунди“ (2015), „1 час и 30 минути“ (2016), „Од кој филм беше?“, графичката новела „3 минути и 53 секунди“ (2023) и збирката „Ѕидови што зборуваат“, како и повеќе од 250 текстови на порталот Арно.мк.
Исак Сима – науката како инспирација
Псевдонимот Исак Сима Прља го избира за текстови и проектчиња засновани на факти. „Сима“ било презимето на неговиот дедо, по потекло Влав, а целиот псевдоним е игра со името на писателот и научник Исак Асимов – авторот кој ја избриша границата меѓу науката и литературата.
Асимов, познат по својата продуктивност, дисциплина и интелектуална љубопитност, е единствениот писател кој има објавено дела во сите категории на библиотечниот систем за класификација на знаењето. За Прља, тој е симбол на креативност што не познава граници – нешто кон што и самиот се стреми. Затоа, името „Исак Сима“ го носи истиот дух на рационалност, фантазија и непокорлива трудољубивост. Под тоа име се објавени неколку фактопедии и аналитички текстови.
Другите ликови: Зоран Зеленов, Еко Горилов, Бунто Дивјачки и Вики Ли
Во еко-активистичкиот контекст Прља користи неколку минливи псевдоними. Зоран Зеленов е очигледна игра со зборот „зелен“, што ја одразува неговата борба за здравиот живот и околина, но авторот брзо го напушта поради негативната конотација што името „Зоран“ ја добило во македонскиот јавнен дискурс. Слична судбина имал и псевдонимот Еко Горилов, кој, како што признава, „едноставно не кликнал“. Бунто Дивјачки е пак, личен и симболичен псевдоним, произлезен од детскиот прекар „Бунто“. Со него Прља ја изразува својата природна бунтовност и одбивањето на компромиси – особено во однос на животната средина.
Посебно место зазема псевдонимот Вики Ли, под кој авторот пишувал сатирични, измислени вести. Името потекнува од лик во серија весници со измислени вести (2005–2010), кои подоцна резултирале со книга. Делумно е инспирирано и од Викиликс и неговиот основач Џулијан Асанж, како симбол на борбата за вистината во свет исполнет со лаги. Така, измислените вести кај Прља добиваат длабока функција – од сатира се претвораат во алатка за размислување за природата на вистината и медиумската манипулација.

Името како огледало
„Псевдонимот не е маска, туку огледало што открива различни агли на личноста“, вели Прља. Во неговиот случај, тоа се Берт Стајн – идеалистот и истражувачот; Исак Сима – рационалниот аналитичар; Бунто Дивјачки – гласот на бунтот и природата; и Вики Ли – ироничниот хроничар на апсурдот. Сите тие заедно ја формираат една поширока авторска личност која постојано се менува, истражува и предизвикува.
Забелешка: Текстот е напишан на барање на Славчо Ковиловски и по повод неговата книга во изработка, која претставува пионерско истражување за употребата на псевдонимите во современата македонска литература.