„Магла насекаде, магла околу нас“ (Magla svuda, magla oko nas) е позната песна на хрватската пејачка Јосипа Лисац од 1980 година. Песната пее за љубовта, маглата е метафорична, но за граѓаните на Скопје е буквална!
Маглата не е лоша, ја има секаде, проблемот настанува кога таа се меша со ПМ честичките од горењето дрва и други штетни честички од возилата и индустријата, па станува смог и тврдоглаво нѐ притиска како некое небесно ќебе кое не ни дава да дишеме.
Тогаш можеме да се надеваме на ветерче како единствен спас од смогот. Веќе имаме пишувано текст инпириран од песната „Дувна ветре развигорче“ чија најпозната изведба е од 1990-та година.
Ветрот е природна појава предизвикана од движење на воздухот од место со поголем кон место со помал притисок. Но, се поставува прашањето колку ние, луѓето, планерите на градот, урбанистите, еколозите, задолжените за зелени површини во и околу градот, можеме да ѝ асистираме на природата за таа да ни помогне нам.
Текстот зборува и за значењето на дрвата за создавањето на ветрот – истите тие кои ги сечеме и гориме. Интересна е теоријата дека шумите не само што ја регулираат климата, туку и создаваат дожд и ветер. Тие се самоодржливи системи. Според Анастасија Макариева од Институтот за нуклеарна физика од Санкт Петербург „влажниот воздух се рециклира во атмосферата благодарение на шумите и заедно со овој процес се создаваат ветришта кои ги придвижуваат овие влажни маси.“ Таа го нарекува овој процес биотичка пумпа.
Зградите против ветрот
Ветрот во градовите е толку значаен што секое негово попречување доведува до зголемено загадување, од автомобилите, греењето, индустријата и слично. Урбаното планирање е пресудно за секој град, а особено за поголемите. Во Скопје се направени многу зафати кои создале непробојни ѕидови за движењето на воздушните струи.
При градењето на Vienna International Centre (UNO City), седиште на Обединетите Нации, како и многу други организации, канцеларии, ресторани, училишта и слично, ветрот е земен предвид при правилното позиционирање на зградите, како и нивната форма. Овој пристап се користи не само за овозможување на природен проток на воздухот помеѓу зградите, туку и за ладењето и природната вентилација во самите згради.
Затоа, во светот во последните 50-тина години, многу се посветува внимание на оваа тематика. Според студијата Wind climate in city centres (Клима на ветрот во градските центри) објавена во „Journal of Wind Engineering and Industrial Aerodynamics (Журнал на ветерно инженерство и индустриска аеродинамика), 38 (1991): „Поради блиското растојание и неправилното поставување на зградите, вентилацијата во градските центри може да биде недоволна…“ и „Во последните години поради климатските аспекти, а особено проблемот со прочистување на загадувачите со свеж воздух надвор од центарот на градот, ветрот почна да се смета за витален од страна на градските планери…“
Во исчекување на ветрот
Се чини дека сме се‘ уште далеку од какво било интуитивно, органско, еколошко, планско или едноставно здраворазумско решение за загадувањето во нашиот главен град и државата. Згради мора да се градат, тоа е јасно, но дали мора да се градат по секоја цена на неповолни места и без никаква интеграција со урбаните, природните или социјалните аспекти на живеењето во еден голем град, останува под знак прашање можеби за идните генерации.
Но, колку генерации треба да се жртвуваат додека се чека решението? Она што го дишеме влијае на нашето здравје и општата добросостојба, а здравјето треба да се чува, секогаш, но особено во овие комплексни и тешки времиња исполнети со мноштво проблеми на урбаниот густо населен живот. Секој поединец може да се бори против загадувањето со тоа што ќе вози велосипед наместо автомобил, или така што ќе селектира отпад наместо да го поддржува неговото горење со општиот отпад, или едноставно може да засади дрво. Сепак, поединецот не може да ги заштити шумите или градовите. Тоа е одговорност на државата и институциите и единствено што можеме да направиме е да ги потсетиме дека сме свесни за проблемите и да им дадеме гласност.
Во меѓувреме ни останува да се радуваме на ветрот кога ќе задува и да ја запееме гласно „Дувна ветре развигорче,“ бидејќи природата можеби ни е единствениот пријател.