
Наместо вовед, заклучок!
Ако го прочитате овој текст до крај, ќе сфатите дека Европската Унија често проповеда вредности што не ги применува. Ќе разберете зошто ЕУ им дозволува на Грција и Бугарија да го негираат македонскиот идентитет и да спроведуваат политики на асимилација, додека од Македонија бараат да ги исполни највисоките стандарди за малцински права. Историски, овие две земји-членки на ЕУ вршеа притисок врз Македонија, од протерувањата и забрането декларирање во 20-иот век до денешните политички блокади за влез во ЕУ. Сепак, за да не читате до крај, еве го одговорот веднаш!
За да се вклопиш во „вредностите“ на ЕУ, се чини, доволно е да ги негираш малцинствата, да им го забраниш јазикот и културата и да ја присвоиш нивната историја – како што прават Грција и Бугарија со Македонците.
Но, ако си Македонија, правилата се обратни: признај ги сите малцинства, дај им права на образование, вработување и културно изразување, а потоа откажи се од својот идентитет, име и историја за да добиеш шанса за членство во ЕУ.
Ако ова ви звучи како антиевропски став, дозволете ни да разјасниме: нашата позиција не е против Европа, туку против хипокризијата на ЕУ, ние ги цениме европската култура и постигнувања – од грчката митологија до германската технологија, од ренесансната уметност, до европската филозофија. Но, сме и реалисти. Нашата критика е заснована на факти, не на идеологија. Ако не ни верувате, прочитајте го текстот подолу и уверете се сами.

Вистинскиот вовед: соживот наспроти национализам
Додека Европската Унија се бори со бранот на национализам, па дури и фашистички движења поттикнати од мигрантската криза, нејзините проповеди за соживот и интеграција звучат сè повеќе како празни зборови. Децении наназад, ЕУ испраќаше делегации во Македонија, држејќи предавања за мултиетничка хармонија и финансирајќи проекти за соработка и интеграција на малцинствата.
Но, додека Македонија, со ограничени ресурси, изгради едно од најдемократските општества во регионот со висока застапеност на малцинствата, ЕУ се соочува со неуспех во примената на сопствените принципи. Земји-членки како Грција и Бугарија, со своите политики на негирање и асимилација на македонското малцинство, ја разобличуваат хипокризијата на ЕУ: бара од другите да ги почитуваат малцинските права, додека молчи за кршењата во сопствениот двор.
ЕУ со години ја критикуваше Македонија за наводен „национализам“, додека земјата градеше мултиетничко општество под огромен притисок. Денес, Македонија е пример за интеграција на малцинствата, со Албанци и други заедници застапени во сите сфери на животот. Спротивно на тоа, Грција и Бугарија, како членки на ЕУ, продолжуваат да ги негираат македонските малцинства, спроведувајќи политики на асимилација и дискриминација. Грција не признава ниту еден Македонец, додека Бугарија регистрира само 1.143, иако реалните бројки се многу повисоки. ЕУ, која проповеда соживот, молчи за овие кршења, додека бара од земји-кандидати да ги исполнат истите стандарди што нејзините членки ги игнорираат.
Македонија го покажа решението уште во 1998 (и дефинитивно во 2001) година: не протерувајте ги мигрантите, дајте им права и интегрирајте ги. Оваа лекција, поткрепена со Охридскиот договор, е модел што ЕУ треба да го следи. Наместо да проповеда, ЕУ треба да погледне во огледало и да ги примени сопствените стандарди во Грција и Бугарија, каде македонскиот идентитет е систематски потиснат. Време е за взаемна размена на искуства – Европа има што да научи од Македонија!

Македонија: пример за интеграција под притисок
Во 1998 година, Македонија, со население од нешто помалку од два милиони, прими околу 360.000 бегалци од Косово – речиси 20% од нејзиното население. Ова не беше „криза на мала скала“, туку огромен предизвик за една мала економија. Сепак, Македонија успеа да интегрира значителен број бегалци, доделувајќи државјанство на многумина и овозможувајќи им да станат дел од општеството, иако со економски и социјални тешкотии.
По конфликтот во 2001 година, предизвикан од албанска вооружена група од Косово, Охридскиот рамковен договор создаде модел за мултиетничка кохезија. Денес, малцинствата во Македонија, особено Албанците, уживаат права во образованието, здравството, политиката и високите државни функции. Албанскиот јазик е присутен во многу контексти, а застапеноста на малцинствата во институциите е загарантирана – резултат на напори делумно финансирани од ЕУ, која со години ја „учеше“ Македонија на демократија и толеранција.

ЕУ: национализам и неуспех во интеграцијата
Додека ЕУ ја советуваше Македонија, нејзините членки се борат со интеграцијата на мигрантите и со пораст на националистички, па дури и фашистички движења. Според извештајот на Агенцијата за основни права на ЕУ за 2025 година, околу 3.500 лица загинале или исчезнале во Средоземното Море во 2024 година, а кршењата на човековите права на границите, вклучително насилни протерувања, се сè почести.
Земји како Унгарија, Полска и Италија воведоа строги антимигрантски политики, поттикнувајќи ксенофобични наративи. Во Франција, Националниот фронт на Марин Ле Пен и во Германија, Алтернатива за Германија (AfD), означена од некои аналитичари како „фашистичка“, добиваат поддршка со антиимигрантски реторики. Според извештај на Советот на Европа од 2023 година, интеграциските политики во земји како Франција и Белгија остануваат декларативни, без суштински напредок, создавајќи плодна почва за национализам.

Грција: негирање на малцинствата во „лулката на демократијата“
Грција, земја-членка на ЕУ, според проценки се декларира дека има население во кое етничките Грци сочинуваат над 90%, но оваа бројка е резултат на долга историја на асимилација и негирање на малцинствата.
Македонското малцинство, чиј број се проценува дури и до 200.000 (а толку има и Власи!), главно во северна Грција (регионот на Македонија), не е официјално признато (што е еуфемизам дека за Грција де факто – не постои!)
Историски, присуството на Македонците во Грција било значително. Според пописот од 1928 година, во грчка Македонија биле регистрирани 81.844 „словенски говорители“, но овие не биле признати како етнички Македонци, туку како „Славофони Грци“. За време на Граѓанската војна во Грција (1946–1949), околу 35.000 Македонци биле протерани (а според некои извори и двојно повеќе), а многумина сѐ уште се спречени да се вратат или да ги вратат своите имоти (освен ако не се декларираат како Грци).
Во 1930-тите, за време на диктатурата на Метаксас, била спроведена интензивна политика на асимилација: македонскиот јазик бил забранет, личните и географските имиња биле променети, а македонските семејства биле подложени на притисок да се декларираат како Грци. Овие политики, заедно со размени на населението со Турција и Бугарија во 1920-тите, значително го намалиле видливото присуство на Македонците.

Бугарија: асимилација и негирање на македонскиот идентитет
Бугарија, земја-членка на ЕУ, според пописот од 2021 година има население во кое етничките Бугари сочинуваат речиси 85% (5,118,494 лица). Официјално, само 1.143 лица се декларирале како етнички Македонци, што е незначителен дел од населението (0,02%). Сепак, оваа бројка е далеку од реалноста.
Според извештај на Советот на Европа од 2014 година, Македонците биле обесхрабрувани или спречувани да се декларираат како такви за време на пописите, а проценките за нивниот реален број варираат е до 25.000, главно во Пиринска Македонија (област Благоевград). Историски, бројот на Македонци бил значително поголем.
По Втората светска војна, во 1946 година, неофицијални проценки укажуваат дека и до 250.000 лица во Пиринска Македонија се идентификувале како Македонци, пред бугарските комунистички власти да започнат со агресивна асимилација.
Во пописот од 1956 година, по интензивните политики на асимилација, бројот на Македонци паднал на под 190.000.

Заклучок: хипокризијата на ЕУ и лекциите од Македонија
Заклучокот веќе го дадовме во воведот – да не се повторуваме. Ако саката „подипломатски“ заклучок, еве.
Македонија докажа дека соживотот е возможен, примајќи стотици илјади бегалци и зајакнувајќи ги малцинските права, додека Грција и Бугарија го негираат македонскиот идентитет. ЕУ, наместо да проповеда соживот, а да негува прогон и национализам, треба да учи од Македонија и да ги примени сопствените стандарди за малцинства во сопствениот двор.
Хипокризијата мора да заврши – време е за вистинска еднаквост. Европската Унија има што да научи од Македонија – а дури потоа, ако процениме дека се достојни – може и да нѐ примат!