И локализација и
глобализација и регионализација
Глокализација е
неологизам кој добро ја објаснува
позицијата на Контрапункт и Маргина:
само длабоко внатре може да се биде
далеку надвор, вон центрипеталната
мелница на нашата паланка, таму
некаде во искрите од мелничките
камења, или мистично заѕидан како
Поовска мачка, како чеширскиот мачор
на Керол, всушност, додека трепкајќи
исчезнуваш и се појавуваш, меѓу
ѕидовите, толку далеку а толку блиску.
И
сфативме, конечно, исчекорувајќи од
Скопје, започнувајќи го "ширењето
на маргините" кон "внатрешноста",
дека културниот проблем на нашата
средина не е само провинцијализмот,
затвореноста, туку дека земјава во
културна, политичка и секоја друга
смисла исто толку е изгубена и "локално",
во односот самата кон себе, колку што
е изгубена "глобално", кон
надвор, разменувајќи ја својата
другост/својата едност во едни
други огледала.
Не сакаме да правиме апологија ниту
од локалното ниту од глобалното, туку
да создаваме врски и мрежи и на
локално и на глобално ниво. Сметаме
дека дури и локалноста се "произведува";
локалните разлики не се дадени и
природни туку се последица на
одредена општествена машинерија
која создава и оживува идентитети и
разлики. Затоа и глобализацијата не
ја сфаќаме како културна, политичка
или економска хомогенизација.
Меѓу
локалното и глобалното го вметнуваме
регионалното, за кое сметаме дека е
од особена важност токму за делот на
Европа во кој ние живееме - тн.
Западен Балкан. По распаѓањето на
заедничката држава СФРЈ,
национализмот сè уште е главната
општествена енергија, а потребата од
регионални поврзувања и понатаму е
во втор план - или се гледа кон "големата"
Европа на ЕУ или во моќната Америка,
симболот на глобалното. Сметаме дека
една од приоритетните општествени
задачи во Македонија е зајакнувањето
на свеста за потребите од регионални
поврзувања кои би ги смирувале
локалните и глобалните идентитетски
тензии.
Сметаме дека културната и етничката
расцепканост, од една страна, и
модернистичката хомогеност, од друга,
не се два спротиставени вида на
тековните процеси, туку се два
стремежа кои рамноправно ја
конституираат глобалната стварност.
Глобализацијата
ја претпоставува локализацијата. Тоа
значи дека чистата глобализација не
постои; она што го нарекуваме
глобализација секогаш е
глобализација на некој посебен
локализам. Ние живееме во локален
исто толку колку во глобален свет.
Затоа
се обидуваме да не ги мистифицираме
бурните општествени и историски
настани што ни се случуваат. Се
обидуваме тоа да им го соопштиме и на
луѓето, на што поедноставен начин и
на начин кој ги допира нивните
интереси и нивниот контекст.
Се
обидуваме и да ги прошируваме
начините на коишто може да се допре
до луѓето. Ападаруи, на пример,
нагласува дека фантазијата добива сè
поголема улога во општествениот
живот со кој доминира
глобализацијата. Државата, пазарот и
другите доминантни групи на интерес
ја користат фантазијата како
средство за дисциплинирање и
контролирање на граѓаните. Но и
граѓаните со помош на фантазијата ги
развиваат колективните системи на
поинакво мислење и развиваат нови
претстави за колективниот живот.
Меѓу
другото и низ развивањето на
фантазијата, ние се трудиме да им
помогнеме на граѓаните да стекнат
барем елементарна ориентација за
начинот на кој функционира
современиот свет.
|