Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-2007

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


167

ШЕПИ НА СТАОР ВРЗ СКРШЕНО СТАКЛО

21.08.2007




Очите не се овде / Нема овде очи / Во оваа долина на смртни ѕвезди / Во оваа шуплива долина / Оваа скршена вилица на нашите загубени царства.
Во ова последно место од местата за средби / Слепечки заедно се препкаме / Од говор се воздржуваме / Збрани на брегот од матната река.

“Шепи на стаор врз скршено стакло” е звукот на колумнава, чувствувам, повремено, обидувајќи се да го прекинам воздржувањето од говор, обидувајќи се да дофатам по некој одглас во шупливава долина, “оваа скршена вилица на нашите загубени царства”...
И притоа чувствувам, повремено, дека не е чуден само просторот во кој живееме, ние, “шупливите луѓе”, туку чудно е и времето. “Стаорски час” го нарекувале старите она чудно безимено време помеѓу ноќта и утрото. Кажувањата велат дека тоа е времето кога луѓето очајнички посакуваат да бидат излажани. Можеби овде, во Македонија, живееме во едно продолжено време на “стаорскиот час”, преполно утешни лаги?!
Кога станува збор, пак, за звуците (“канџи врз срча”) и фрекфенциите (можеби за денот и ноќта, лагата и вистината), важи правилото: колку повеќе се приближуваме до крајностите, разликите во квалитетот на нештата стануваат сè помалку видливи. Стручњаците за звук знаат: кога ќе се премине одредена точка, тешко се разликува повисокиот од два соседни звука; со ескалација на работите не само што веќе не знаеме да ги разликуваме звуците туку станува невозможно и да ги слушнеме.
Не знам дали приближувањето кон “фрекфенциските крајности” е тактика на нашите политички и други јавни личности - но звуците стануваат сè понеразбирливи во шупливава долина. Круговите на пцости, закани и бес од едното бариче (“мала бара - многу крокодили”) се судираат со круговите од пцости, закани и бес од другото бариче. А увото сè послабо ги фаќа звуците...
Се разбира, за таа јавна какофонија, освен пословичната глупост и кусогледост на локалните политички и медиумски “стратези”, придонесуваат и намерните создавачи на шумови. Најголем дел од информациите што ги добиваме се половични и манипулативни. Сè уште, на пример, не знаеме што навистина се случи со банките “ТАТ”, “Алмако”, “Интер-импекс”, не знаеме доволно за приватизацијата во деведесеттите, не ги знаеме договорите со “Окта” и Телеком”, не знаеме како се финансираше војната од 2001 година, не знаеме доволно за мошне матните зделки на сопартијците на Љубчо Георгиевски и Васил Тупурковски...
Иако не верувам дека е тоа можно да се случи, но повеќето македонски политички партии (а богами и медиуми) толку длабоко се компромитирани што многумина посакуваат и овде да го видиме она што на Италија ù се случи во деведесеттите: под притисок на неконтролираниот криминал и корупција се распаднаа најголемите политички партии, а земјата низ некаков процес на прочистување се обиде да создаде ново политичко устројство.
Со оглед на тоа, значи, дека вистината за нештата е речиси недостапна или толку деформирана низ судско-полициско-политичките кујни што е неупотреблива, можеби ни преостанува само да ја носочиме енергијата во нешто поумно. Можеби во случајов и не е толку битно дали воопшто е возможно (освен со револуција; ама и револуциите многу брзо почнуваат да ги јадат сопствените деца) подлабоко да се промени еден коруптивен општествено-политички систем. Мислам дека е многу поважно, под притисок на “фрекфенциските крајности” (т.е. на вревачите и манипулаторите кои доминираат со јавната сцена), некои од нас да се обидат да ја реорганизираат сопствената ментална економија. Можно е дека дојдовме до моментот кога стануваат сосема неважни вистината и лагата (т.е. дали ВМРО под Љубчо украла дупло повеќе или дупло помалку од што украл СДСМ под Бранко). Наместо тоа, нам (на јавноста, на невладиниот сектор, на малубројните неизвалкани политички актери) најважно треба да ни стане подлабокото разбирање на системот, осознавањето како дејствува моќта и запознавањето на начините со кои станува можно нештата да се променат.
Она што во моментов најмногу ни се заканува, ми се чини, токму е дигањето раце од обидите да слушнеме за што воопшто, добога, тука станува збор. Поинаку речено, ние не сме толку жртви на ВМРО и СДСМ туку на општествената фрагментација која нè раздробува речиси дваесет години. Таа фрагментација, меѓу другото, значи и дека народот сè помалку е во состојба да донесува заеднички одлуки и да ги спроведува во дело. До таа фрагментација доаѓа, според Чарл Тејлор, кога луѓето самите себе почнуваат да се доживуваат на раздробен начин, и кога сè послабо се врзуваат со своите сограѓани во заеднички проекти и должности. На пример, идејата дека мнозинството луѓе кај нас би можеле да измислат и спроведат во дело некој заеднички проект, сè повеќе делува како утописка и наивна.
Го велам сево ова зашто граѓаните на државава ќе мора забрзано да ги учат лекциите по политичко организирање. Можно е сегашнава власт да ископа толку многу дупки (што за туѓи гробови, што за никогаш завршени објекти), што неминовно ќе предизвика одрон на земјиштето во кој и самата ќе исчезне. Зашто едноставно не е можно хиперкорумпираната и од почеток криво насадена ВМРО да остане како морален и политички арбитар во македонската политичка пустош.

Ние сме шупливи луѓе / Ние сме полнети луѓе / Еден на друг се потпираме / Глави полни со слама. Ај! / Нашите исушени гласој, кога / Заедно шепотиме / Се тивки и без значај / Како ветер во сува трева / Или шепи на стаор врз скршено стакло...

(на почетокот и крајот, фрагменти од песната “Шупливи луѓе” на Т. С. Елиот; превод: З. Анчевски)